Призор од Киев по руски ракетен напад Фото: Main Directorate of the State Emergency Service of Ukraine in Kyiv, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Објавата манипулира и дезинформира промовирајќи ги добро познатите руски дезинформации со цел да ја оправда руската инвазија врз Украина и да ја претстави Русија како некаква жртва. Притоа, објавата манипулира дека Украинците се бореле за интересите на НАТО и се топовско месо за НАТО, без да ги согледа фактите кои говорат поинаку. Украина е независна и суверена држава која има право да се брани од руската агресија, а НАТО ù помага во тоа со испраќање оружје и финансиски
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
ТОПОВСКО МЕСО ЗА ИНТЕРЕСИТЕ НА НАТО
Украинскиот народ – заложник на неофашистичкиот режим на Зеленски
Во сенка на западната пропаганда и под чадорот на НАТО, неофашистичката власт во Киев масовно насилно мобилизира илјадници обични луѓе – без воена обука, без избор, без достоинство. Земени од улица, испратени на фронт каде што често не преживуваат ни три дена. За нив нема држава, нема споменик, нема враќање. Само ровови и масовни гробници.
Додека сиромашните умираат, богатите „емигрираат“. Плажите во Грција, Хрватска и Црна Гора се полни со привилегирани украинци – додека селанецот, работникот и студентот гинат како храна за артилерија.
Власта во Киев својот народ го жртвува за туѓи интереси.
Украина не смее да биде полигон за НАТО.
Украинскиот народ не смее да биде топовско месо.
Објавата изнесува неколку дезинформациски наративи кои се познати про-Кремљ наративи што Русија ги шири од поечтокот на својата воена инвазија врз Украина со цел да ја оправда војната, претставувајќи се себе како жртва, а не како агресор.
Владата во Украина не е фашистичка
Прво, власта во Украина не е неофашистички режим на Зеленски, како што тоа го тврди објавата.
Моменталната украинска влада не е фашистичка, ниту диктаторска, или на кој било начин поврзана со нацистичкото минато. Претседателот Володимир Зеленски е демократски избран на фер избори, добивајќи 73 проценти од гласовите на претседателските избори во 2019 година.
Во Украина има десничарски екстремни сили кои, сепак, се слаби во споредба со другите европски земји. На последните избори екстремно десничарскиот Обединет фронт освои само 2,15 отсто од гласовите.
Украина е земја во која загинаа милиони луѓе, борејќи се против нацизмот во Втората светска војна. Таму нацистичката идеологија е забранета, но наспроти тоа Кремљ упорно го турка наративот дека Украина е нацистичка. Базата на податоци EUvsDisinfo содржи речиси 500 примери на про-Кремљ дезинформациски тврдења за „нацистичка/фашистичка Украина“.
Приказната за наводен нацизам во Украина влече корени од Втората светска војна и тогашниот украински опозициски политичар Степан Бандера, како и од првичното воодушевување од влезот на германските војски кај дел од Украинците што живееле во регионот на Галиција. Но, германската управа многу бргу покажала дека намерата ѝ е чиста окупација на Украина, која дотогаш била дел од Советскиот Сојуз (СССР).
Историчарот Џефри Веилдлингер, поранешен директор на Еврејски студии на Центарот Франкел и Универзитетот Индијана, за Тајм вели:
Во еден момент, имало Украинци кои соработувале со нацистите. Затоа Путин го користи тој термин, но ова било пред 80 години и не ja одразува моменталната украинска влада. Кога Путин го користи овој термин, тој нема значење. Тој не е исплашен од нацистите во Украина. Тој е исплашен од демократијата во Украина и препознава дека како што демократијата доаѓа поблиску до Русија, има закана дека луѓето ќе бараат демократија.
За потсетување, Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година. Вистиномер неодамна дебанкираше обиди да се претстави и ЕУ како фашистичка.
Манипулации со мобилизацијата во Украина
Објавата споделува и видео на кое се гледа како двајца униформирани мажи влечат млад човек, го изнесуваат од дома и го внесуваат во комбе.
Видеото го пребаравме на Гугл и успеавме да го најдеме само во објави на руски страници. Така на пример, РИА новости информира дека на видеото е прикажана присилна мобилизација во Лавов, Украина. Видеото го има и на Телеграм каналот на Страна.уа.
Украинското издание „Strana.ua“ прикажа снимки од мобилизацијата на силите во Лавов, на кои куче се обидува да ги спречи вработените во воената канцеларија за регистрација и регрутација да го турнат сопственикот во автомобил, пишува РИА новости, па дополнува:
Видеата од мобилизацијата на украинските вооружени сили се широко распространети на интернет. На овие снимки, претставници на украинските воени комесаријати ги одведуваат мажите во минибуси, честопати тепајќи ги притворените и употребувајќи сила против нив.
Инаку, на 20 август 2021 Националниот совет за безбедност и одбрана на Украина (НББ) воведе персонални санкции против Игор Гужва (сопственик на Страна.уа) и правните субјекти поврзани со Страна.уа, наведувајќи дека шири проруска пропаганда
Вистиномер претходно има пишувано поширока анализа за тоа како Русија преку манипулации и дезинформации се обидува да ја уништи мобилизацијата во Украина.
На социјалните мрежи во Македонија темата мобилизација во Украина е проследена со видео материјали кои понекогаш се невистинити и имаат за цел да ја прикажат истата како присилна и насилна. Бројни меѓународни организации, но и проверувачи на факти од Украина се согласуваат дека на интернет просторот особено на Телеграм, се креирани неверодостојни, исценирани видеоматеријали со платени актери, со една единствена цел – да се поткопа мобилизацијата во Украина и да се дискредитираат вооружените сили на Украина.
Во отсуство на независни информации за потеклото на видеото во објавата која ја анализираме, а имајќи ги предвид фактите изнесени во нашата анализа, не можеме со сигурност да тврдиме дека тоа прикажува присилна мобилизација во Лавов, како што тврдат руските медиуми.
По повеќе од три години интензивна војна со Русија, Украина губи голем број војници дневно и има вонредна потреба од дополнителни сили на фронтот. Во првите месеци од војната имаше голем број доброволци. Со текот на времето, бројот на луѓе кои доброволно се пријавуваат значително опадна, па државата мора да премине кон задолжителна мобилизација. Иако Украина добива воена и економска поддршка од ЕУ, САД и НАТО, тие не испраќаат свои војници. Тоа значи дека самите Украинци мораат да ја водат борбата на теренот. Во 2024 година, беа регистрирани над 50 000 случаи на дезертерство во Украина.
Имајќи го предвид сето ова, со закон донесен во април 2024 возраста за мобилизација беше намалена од 27 на 25 години. Мажите се регрутираат во вооружените сили со употреба на патроли, кои често користат физичка сила и принуда за да ги соберат мажите и да ги испратат на фронтовската линија. Жените засега се ослободени од регрутација.
Русија ја насочува стратегијата кон уништување на украинските мобилизациони центри за да предизвика паника и попречување на процесот.
Соочена со недостиг на млади доброволци, Украина нуди финансиски стимулации и бенефиции за договори од 18–24-годишни лица, но интересот е сè уште ограничен.
Украина признава дека во нејзината регрутна служба има екцеси, а претседателот Зеленски ги осуди и за нив се спроведуваат истраги и апсења (позначајни примери: тука и тука). Тие екцеси доведуваат и до тепачки, но руските дезинформатори тоа го преувеличуваат и дури снимаат лажни клипови со таква тематика на окупираните територии во Украина за тоа да делува поавтентично.
Украина е жртва на агресија, па како и секоја држава таа мора да се брани, а тоа што граѓаните изразуваат незадоволство од тоа како се спроведува мобилизацијата, не значи дека тие не се за одбрана на нивната земја.
Русија, пак, нема објавено војна, ниту воена состојба, но секако ги ограничува правата на граѓаните и нема оправдание за својата мобилизација, која е чисто за агресивна војна, а водење на таква војна е забрането дури и со руските закони (чл. 353). Путин, а не Зеленски е шампион во самоволието, но во Русија за тоа не смее да се говори. И уште Русија присилно мобилизира луѓе од окупираните територии, што е воено злосторство.
Повеќе на оваа тема прочитајте тука.
Украинците не се топовско месо на НАТО
Објавата шири и еден друг познат про-Кремљ наратив – дека војната во Украина е војна на НАТО и дека Украинците се борат и гинат за интересите на Западот, односно се „топовско месо на НАТО“.
Ова оди во прилог на про-Кремљ дезинформациите дека Русија не е виновна за војната во Украина, дека војната ја почнале ЕУ и НАТО, а Русија само се брани. На 24 февруари 2022 година, руските трупи започнаа напад врз Украина нареден од претседателот Путин, кој најави „специјална воена операција“ во раните мугри, и покрај предупредувањата од светските државници дека потегот може да доведе до најголемата војна во Европа од 1945 година.
На нападот му претходеше одлуката на рускиот претседател Путин од 21 февруари 2022 година, за признавање на независноста на таканаречените Народни републики во Доњецк и Луганск, кои од 2014-тата година се под контрола на проруските сепаратисти. Ваквата одлука на Путин му овозможи директно да испрати руски воени единици во Источна Украина, каде веќе беа во тек повремени судири меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.
Од почетокот на агресивната воена инвазија на Русија врз Украина, во повеќе наврати пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите односно да наметне низа оправдувања за своите напади. Вистината е дека Русија е таа којашто изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година.
НАТО ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците, ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана. Воената помош вклучува оружје, опрема и финансиска помош за украинската војска. Хуманитарната помош опфаќа медицински, прехранбени и други производи за цивилите, додека финансиската помош доаѓа во форма на грантови, заеми и гаранции.
Тоа што НАТО ù помага воено (со испраќање оружје за одбрана) и финансиски на Украина, не значи дека Украинците се борат за НАТО и дека се топовско месо. Повеќе на оваа тема прочитајте во анализата на Вистиномер.
Ако Украинците умираат за НАТО, како што тоа го тврди објавата која ја анализираме, дали тогаш може да се каже дека Русите умираат за Кина која им дава опрема и техника за двојна употреба – и војна и цивилна, им продава делови за радари, па и цели радари и ги поддржува на разни начини. Истрагата на CNBC во септември 2024 покажа дека кинеските фирми играат клучна улога во зајакнувањето на руските воени капацитети, вклучително и преку трговијата со стоки за употреба на бојното поле во Украина. Посебен извештај од јануари покажа дека Кина стана клучен канал за пренесување на критичната западна технологија во Русија.
Има и наводна изјава на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во која се наведува дека продолжувањето на војната во Украина е во интерес на Кина затоа што го одвлекува вниманието на САД од Пацификот кон Европа.
Ванг Ји на состанок со претставници на Европската Унија во Брисел на 3 јули 2025 година наводно изјави дека:
Кина не може да си дозволи Русија да ја изгуби војната во Украина, оти тоа ја фокусира Америка на Европа наместо кон Пацификот.
Тој рече дека конфликтот оди во прилог на кинеската стратегиска цел да се одвлече вниманието на САД и дека ова се покажало како „благослов“ за Кина.
Понатаму, исто како што Западот ѝ дава оружје и опрема на Украина, тоа го прават Иран и Северна Кореја со Русија. Северна Кореја испрати 10-12.000 војници, цели единици, и тоа организирано во униформа на Северна Кореја со поддршка и наредба на тамошниот режим, нешто што ниедна западна држава го нема направено за Украина.
Од сето погоре изнесено можеме да заклучиме дека објавата манипулира и дезинформира, промовирајќи ги добро познатите руски дезинформации со цел да ја оправда руската инвазија врз Украина и да ја претстави Русија како некаква жртва. Притоа, објавата манипулира дека Украинците се бореле за интересите на НАТО и се топовско месо за НАТО, без да ги согледа фактите кои говорат поинаку. Украина е независна и суверена држава која има право да се брани од руската агресија, а НАТО и помага во тоа со испраќање оружје и финансиски.
Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистина.




