Изгласувањето на американската помош за Украина, Тајван и Израел прво во Долниот, па потоа и во Горниот дом на на американскиот Конгрес, беше главен мотив за реакциите од Москва во кои се содржат старите дезинформациски наративи. Овој настан, нападот на Иран врз Израел, како и несомнено изборите во земјава, придонесоа за засилен број дезинформации пренесени низ медиумите како изјави или пак целосно измислени лажни вести пренесени на социјалните мрежи
Американската помош за Украина, Тајван и Израел, која при крајот на април беше изгласана прво во Долниот, па потоа и во Горниот дом на на американскиот Конгрес, беше главен мотив за реакциите од Москва во кои се содржат старите дезинформациски наративи. Станува збор за пакет во чиј дел само помошта за Украина изнесува околу 61 милијарди долари – помош што Киев со нетрпение ја очекува за да го запре новиот руски налет на дел од фронтовите и стратешкото бомбардирање на украинската енергетска и телекомуникациска инфраструктура.
Лош ден и лоша вест за Путин, напиша украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на социјалната мрежа Х, коментирајќи го американскиот пакет помош за Украина вреден 61 милијарда долари, додека претседателот Володимир Зеленски се заблагодари и рече дека со помошта може да се запре руската офанзива и Русија да претрпи пораз, пренесуваат домашните медиуми. Малку подоцна Кулеба се дополни и во интервју за Гардијан изјави дека „ниту еден пакет не може да ги запре Русите. Она што ќе ги спречи Русите е обединет фронт на цела Украина и сите нејзини партнери“, пренесуваат дел од медиумите на македонски јазик.
Медиумите, исто така, јавија дека воената помош од Американците овој пат ќе биде значителна и ќе содржи современи системи за против-воздушна одбрана, како и оклопни транспортни возила, иако некои медиуми во насловите пишуваат и за тенкови.
„Топовско месо“ и „мелница за месо“, поимите на Москва за Украинците
Реакциите на Русија беа очекувани со, како што е напишано погоре, повторување на некои стари дезинформациски наративи. Прва, уште по гласањето во Долниот дом реагираше Марија Захарова, портпаролката руското МНР, која упати порака со оценка дека усвојувањето на пакетот помош за Украина, Тајван и Израел е директно влошување на состојбата во Украина и Израел, како и мешање во внатрешните работи на Кина, пишуваат медиумите на македонски јазик.
Американските власти, доделувајќи помош од повеќе милијарди долари, го принудуваат Киев да се бори до последниот Украинец, надевајќи се дека режимот на Зеленски ќе опстои до ноемвриските избори и ќе го зачува имиџот на Џо Бајден, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
– Карактеристично е што Белата куќа повеќе не се потпира на митската победа на контролираниот режим во Киев, туку на фактот дека вооружените сили на Украина ќе издржат барем до ноемвриското гласање, без да го нарушат имиџот на Џо Бајден. Всушност, поради ова, агонијата на Зеленски и неговата придружба е продолжена, додека обичните Украинци се принудени да бидат заклани како „топовско месо“ – изјави портпаролката на одделот Марија Захарова.
„Подлабокото и подлабоко вклучување на Вашингтон во хибридната војна против Русија ќе се претвори во гласно и понижувачко фијаско за САД како Виетнам или Авганистан“, рече Захарова, пренесува друг медиум на македонски јазик. Русија „безусловно и решително ќе одговори“ на американската одлука да се вклучи повеќе во украинската војна, додаде таа.
Заменик рускиот амбасадор во ОН Дмитриј Пољански изјави дека „нема што да се слави“. Тој напиша дека војната ќе продолжи и дека „повеќе пари ќе завршат во џебовите на луѓето, ќе се украде повеќе оружје и десетици илјади Украинци ќе завршат во мелница за месо“. Тој додаде дека поразот на Украина е „неизбежен“.
Во тој контекст и со иста порака во смисла на дезинформациски наратив, по гласањето во Сенатот се јави и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој рече дека оружјето и муницијата што САД и нивните сојузници ќе го испратат во Киев, нема да ја промени „динамиката на линијата на фронтот“, каде руските сили постигнаа значителен напредок во последните недели. Единственото нешто што ќе направи новата американска помош е само убивање на повеќе Украинци, рече Песков, пренесуваат медиумите на македонски јазик.
Русија повторно за „русофобијата“
Реагираше и најгласниот руски пропагандист, поранешниот претседател Дмитриј Медведев, кој оцени дека станува збор за потег кој се заснова на русофобија.
„Ние, се разбира, ќе бидеме победници без оглед на крвавите 61 милијарда долари, кои главно ќе бидат проголтани од нивниот ненаситен воено индустриски комплекс“, напиша Медведев на Телеграм.
Со изјавата на Медведев се повторува рускиот дезинформациски наратив дека западната цивилизација ја мрази руската поради одбраната на традиционалните вредности и дека развива русфобија со крајна цел уништивање на Русија. Додека, пак, Захарова по втор пат во април го повтори рускиот лажен наратив дека САД и Западот водат прокси војна против Русија, користејќи ја Украина и Украинците како топовско месо. Целта на овој наратив е затскривање на мотивите за окупација и анексија на големи делови од територијата на Украина по инвазијата што Русија ја изврши на 24.02.2022 година. Единствената разлика што може да се види во наративите на Москва е употребата на терминот хибридна војна, покрај прокси војната или војна преку посредник, нешто што стандардно го ползува како термин од 2022 година.
Мобилизацијата, повод за Москва за лаги за Украина
Дека Москва континуирано води дезинформациска кампања за Украина стана јасно и со новиот построг закон за мобилизација што го усвои украинскиот парламент кон средината на месецот. Откако Украинскиот претседател Зеленски стави потпис на законот за воена мобилизација со кој на фронтот може да се испратат сите што наполниле 25 години, официјална Москва упати дезинформациска порака дека Зеленски и раководството во Киев не си го сакаат сопствениот народ.
Портпаролката на руското МНР Марија Захарова изјави дека Зеленски со новиот закон за мобилизација ќе ги дотепа Украинците. „Сака да ги докрајчи Украинците“, порачала Захарова на Телеграм, а пренесе еден од медиумите на македонски јазик. Овој наратив е само надградба на дезинформацискиот наратив од Москва дека во Украина Западот води прокси војна „до последниот Украинец“, што се виде повторено и обновено кога САД конечно ја додели помошта за Украина, десетина дена подоцна по законот за мобилизација.
Инаку, порестриктивниот закон беше изгласан од втор пат по прегледување на над 4000 амандмани, но факт е дека е донесен поради недостиг на војници на фронтовите, особено откако Русија започна офанзива на неколку делови од фронтот. Зеленски освен ова континуирано се жалеше на недостиг од муниција, особено на ракети за против-воздушна одбрана.
Уште ноќта по нападот на Иран врз Израел, тој соопшти дека слабите ефекти на иранските ракети се добар показател дека сојузниците го заштитиле Израел, додека Украина со месеци ја чека помошта од САД. Тој уште додаде дека современите системи за ПВО спасуваат животи, при што појасни како Русите успеале да ја уништат големата термоелектрана во околината Киев поради недостиг на ПВО ракети:
„Нè нападнаа со 11 проектили. Ги уништивме првите седум, а четири ја уништија централата ‘Трипилија’. Зошто? Затоа што немаше повеќе противвоздушни ракети. Останавме без проектили за да ја одбраниме ‘Трипилија’“, изјавил Зеленски, пренесуваат медиуми на македонски јазик.
Зеленски го повтори барањето за помош од сојузниците на Запад и по рускиот ракетен напад врз Чернихив, кога загинаа 13 лица.
Иран го нападна Израел-Москва ќе го брани Техеран
После денови закани од Иран дека ќе возврати на Израел поради израелскиот напад на иранскиот конзулат во Сирија, ноќта помеѓу 13 и 14 април, Иран лансираше масовен воздушен напад, при што ефектите беа минимални, но тоа го искористи официјална Москва во наративите на застрашување на Западот, слично како што тоа го прави со пречестата употреба на заканите за можна употреба на нуклеарно оружје.
Како што јавуваат медиумите на македонски јазик, нападот се случил со стотици дронови, исти какви што Русија купува од Иран и ги напаѓа украинските позиции, како и со два типа ракети – балистички од среден дострел и крстаречки. Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека 99 отсто од околу 300 проектили истрелани од Иран кон Израел во текот на ноќта биле пресретнати од воздушната одбрана. Подоцна оваа бројка падна на 97 проценти и се испостави дека седум од ракетите ја пробиле против-воздушната одбрана и паднале врз два воени аеродроми, причинувајќи минимална штета.
Веднаш по нападот се вклучија со изјави и големите сили, а Русија се закани дека ќе го брани Иран доколку САД воено интервенираат на иранска територија како поддршка за Израел.
Рускиот претседател Владимир Путин изјавил дека Русија ќе го поддржи Иран доколку САД нападнат иранска територија како форма на поддршка за Израел.
„Со тоа што Иран го напаѓа Израел, Хезболах и Хутите, очекувајте глобалните цени на суровините да почнат да растат утре. Западот беше доведен во заблуда да го поддржи Израел, особено во нападот врз Палестинците и граѓаните на Газа. „Русија ќе направи се што е можно за да ја избегне можноста од Трета светска војна“, изјавил Путин.
По нападот, официјална Москва неколку пати разговараше со Техеран. Најпрво, на 15-ти април, за во следните денови тоа да се повтори на различни нивоа. Според она што го пренесуваат медиумите на македонски јазик, телефонски разговор помеѓу рускиот и иранскиот претседател се случил и два дена по нападот, но пораката што се лиферуваше од Москва, овој пат беше посмирена.
„Владимир Путин изрази надеж дека сите страни ќе покажат разумна воздржаност и нема да дозволат нова рунда конфронтација, која би имала катастрофални последици за целиот регион“, се вели во соопштението по разговорот со иранскиот претседател Ибрахим Раиси.
Засилени антизападни и анти НАТО дезинформации на социјалните мрежи
Во изминатите недели, паралелно со настаните околу Украина и Блискиот Исток, но не и без значење и изборниот период во земјава, може да се забележат засилени антизапaдни, т.е. антиевропски, како и анти НАТО наративи, но и класични дезинформации за Украина.
Стандардна рецензија на Вистиномер на статус на Фејсбук утврди лажно користење на западен државен медиум на македонски јазик, Дојче Веле, како наводна платформа која пренела непостоечка изјава на претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лаен – дека во наредните 15 години немало да има проширување на Унијата. Иако е во контекст на изборите и промената на Уставот за внес на Бугарите, важно е што со оваа дезинформација се шири пораката на евроскептицизам – нема проширување на Унијата во следните 15 години.
Оваа појава на лажно користење на западни медиуми може да се препознае и во случајот со злоупотреба на Би-Би-Си и на Франција. Овој пат, како илустрација на лажната вест е наведен фотошопиран приказ на објава на Би-Би-Си на македонски јазик, иако е добро познато дека јавниот сервис на Обединетото Кралство го укина емитувањето на македонски јазик уште пред десетина години. Наративот е ист – нема проширување на Европската унија во следните децении, а за тоа била виновна Франција. Наводно Франција усвоила некаква резолуција со која се стопира процесот на проширување на ЕУ, а Макрон изјавил дека „на Северна Македонија треба да ѝ се каже дека нема проширување до 2040.“ Обете тврдења се дезинформации кои беа разоткриени во рецензија на Вистиномер.
Злоупотребени убиствата кај Смилковско езеро – НАТО бил организаторот
Регистрирана беше и објава дека НАТО стои зад организирање на масакрот на Смилковско езеро во Скопје во кој загинаа петмина момчиња. Во објавата произволно се тврди дека ЦИА ја креирале Ал Каеда и ИСИС и дека НАТО стои зад масакрот на Смилковско Езеро. За ова не се нуди ниеден доказ.
Петкратното убиство кај Смилковско Езеро се случи на 12 април 2012 година. За овој случај, познат кај јавноста како „Монструм“ имаше повторно судење и тој доби судска разрешница. Сето ова беше рецензирано од „Вистиномер“, како дезинформација со цел да се обвинат САД, но и да се шири анти НАТО наратив, т.е. преку таа дезинформација да се укаже на погрешниот пат на државата.
Членството во НАТО ја намалила безбедноста на Северна Македонија, се тврдеша во една од дезинформациите:
Поради членството во НАТО ова веќе не е македонска, а не е ни држава. Место суверена држава, сега сме поле за борба за превласт на сите соседи, и со тоа сме помалку безбедни. Како ја зголеми нашата безбедност кога со членството се откажавме од вооружувањето во корист на Украина? И оваа дезинформација, која во позадина го има ширењето на анти НАТО наративот беше разобличена во рецензија на Вистиномер.
Во оваа категорија уште може да влезе и дезинформацијата дека САД е извор, односно расадник на злото во светот, чија цел е повторно наративот дека земјата не треба да се потпира на патот на Западот и на САД како на стратешки сојузник. Во рецензијата може да се прочитаат другите детали од дезинформацијата.