Украински пратеник не бара казнување на децата кои говорат руски

Published on:

Врховна рада Фото: rada.gov.ua

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Во делови од Украина рускиот јазик е доста присутен, а објавата споделува неточно тврдење од еден македонски веб-сајт дека украинската пратеничка Наталија Пипа предложила закон, согласно кој децата по училиштата ќе бидат казнувани ако говорат на руски на одморите меѓу часовите, кои се, инаку, на украински. Веста е преземена и преведена од српски (и проруски) извор, кого други проверувачи на факти веќе го имаат оценето како опскурен и дезинформаторски. Според Пипа, децата нема да бидат казнувани или карани за употреба на рускиот јазик за време на одморите, туку документот ќе ги обврзува вработените на образовните институции да создаваат и одржуваат украинојазична атмосфера

 

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Украински пратеник бара казнување на децата што зборуваат руски

Во делови од Украина е доста присутен рускиот јазик, а објавата споделува неточно тврдење од еден македонски веб-сајт дека украинската пратеничка Наталија Пипа предложила закон, согласно кој децата по училиштата ќе бидат казнувани ако говорат на руски на одморите меѓу часовите, кои се инаку на украински. Веста е преземена и преведена од српски (и проруски) извор, кого други проверувачи на факти веќе го имаат оценето како опскурен и дезинформаторски.

Во врска со ова украинскиот неделник Фокус пишува (и на украински и на руски):

Како што истакна авторот на нацрт-законот, народниот пратеник Наталија Пипа, децата нема да бидат казнувани или карани за употреба на рускиот јазик за време на одморите, но документот ќе ги обврзува основачите, раководителите и вработените на образовните институции да создаваат и одржуваат украинојазична атмосфера.

Нешто слично пренесува и украинската верзија на познатото деловно списание Форбс:

Никој нема да ги казнува децата или да ги кара, тоа е неправилен пристап кон прашањето.

Според Пипа, причината за овој закон е тоа што некои учители знаат на одморите да преминат на неформални разговори на руски јазик, заборавајќи на тоа дека се на работа и на својата должност да се грижат за украинскиот јазик. Пипа тоа го објаснува во објава на Фејсбук, во која споделува и пораки од граѓаните, кои укажуваат на тој проблем.

Во коментар под тоа, Пипа додава дека тоа не е казнен закон, туку тој ќе им дозволи на учителите и директорите да упатуваат забелешки кон колегите и учениците, за што сега немаат законско право, а целта е во училиштата да не се слуша јазикот на непријателот.

Украина е 10,5 години жртва на руска агресија, а земјата била под руски јарем и во подалечното минато. Под Руската Империја, украинскиот јазик бил прогонуван со забрани како Валуевскиот циркулар (1863) и Емскиот указ (1876), а во СССР бил формално дозволен, но сепак бил потиснуван во полза на рускиот, кој бил доминантен во СССР. Затоа, илјадници етнички Украинци не знаат украински, а таа асимилација е уште посилна во Белорусија, кајшто дури ни претседателот не говори белоруски, туку само руски.

Рускиот јазик беше силно присутен во Украина и по нејзиното осамостојување, со рускојазични училишта, во кои сите предмети се предаваа на руски; со руски медиуми, музика и филмови, како и со проруски политичари како претседателот Виктор Јанукович.

Тој беше познат по корупцијата и вазалноста кон Русија, како и по тепањето и стрелбата врз оние кои протестираа против него, а статијата тврди дека тој бил соборен со „државен удар“. Но тоа не е точно, Јанукович беше разрешен со процедура (не идеална, но сепак процедура), за што на 22.2.2014 г. гласаа пратеници, легитимно избрани во 2012 г., вклучително и 36 негови сопартијци.

Во 2012 г. политичарите на Јанукович креираа контроверзен закон, со кој рускиот јазик стана официјален во регионите со минимум 10 отсто говорители, што огорчи многу Украинци. Статијата тврди дека по „државниот удар“, новите власти му го одзеле на рускиот јазик тој статус, па сугерира дека сепаратизмот во Крим и Донбас бил оправдана реакција на тоа, што не е точно.

Навистина, на 23.2.2014 г. украинското собрание изгласа укинување на тој закон, но, како прво, тоа го сторија пратеници избрани во 2012 г., а не некои нови, и, како второ, тогаш новиот в.д. претседател Олександр Турчинов не го потпиша тоа укинување. Тој сметаше дека тоа би било дискриминаторски и бараше прво да се донесе нов и подобар закон.

Значи, тој контроверзен закон не беше укинат, но настаните на Крим и Донбас секако се случија. Тој беше укинат по многу перипетии дури во 2018 г. со одлука на уставниот суд, на што сигурно влијаеше агресивноста на Русија. Таа претходно го анектираше Крим и ја поттикна војната во Донбас со свои агенти како Игор Гиркин-Стрелков.

Статијата премолчува дека токму таа агресивност на Русија придонесе Украина во 2019 г. да донесе закон за доминација на украинскиот јазик (на пр. во медиумите и по шалтерите, како и во сите училишта, при што се остави можност за паралелки на малцинските јазици).

Тој процес на дерусификација сега доведе и до нацрт-законот бр. 12086, кој тука ни е главна тема. Тој е предложен од Пипа, која е од проевропската и либерална партија Голос, како и од нејзини колеги од сличните партии: Европска солидарност, Баткившчина и Слуга на народот, а да нема забуна, среде нив нема некакви екстремни националисти или неонацисти.

Украина е демократска земја, а на профилот на Пипа има разни реакции за нејзиниот предлог. Некои сметаат дека ова требало да се стори и порано, а други прашуваат зарем Пипа нема поумна работа. Еден ја нарекува „кобила“ и ја прашува зарем таа ќе наредува на кој јазик ќе говорат неговите деца во скривниците во Харков и ја потсетува на чл. 10 од уставот, со кој се гарантира слободната употреба на рускиот јазик. Друг вели дека Пипа со ова ги дели Украинците во полза на Путин.

Некои, пак, велат дека законов е нејасен и прашање е како ќе се спроведува, но на крај тој може и да не биде изгласан. Ние не можеме сега сето тоа да го оцениме, а нам ни е најбитно дали објавата, како и статијата споделена во неа, точно ги опишуваат настаните. Одговорот на тоа е негативен, па објавата ја оценуваме како невистинита.