Фото: Колаж Канва
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Случајот со измислени „протечени документи“ кои наводно откриваат таен заговор од страна на Франција, Велика Британија, Полска и Романија за поделба на Украина во сфери на влијание, ја потенцира сè поголемата опасност од дезинформациски кампањи засилени со вештачка интелигенција. Технологијата овозможува за кратко време да се создаваат убедливи лажни содржини и пораките да се обликуваат според специфичната публика. Во примерот со Русија, се гледа како ВИ може да се искористи за креирање целни наративи наменети за различни држави, а истовремено да се одржува една обединета линија на пропаганда
Пишува: Ана Анастасовска
Војната во Украина, Русија не ја води само на бојното поле, туку и во дигиталната сфера. Медиумската пропаганда на Кремљ сè повеќе ја користи вештачката интелигенција за да посее раздор меѓу сојузниците на Украина и да ја намали јавната поддршка за нацијата во конфликтот.
Најновиот пример за оваа кампања за дезинформации водена од вештачка интелигенција се појави по состанокот на „Коалицијата на подготвените“ на 4 септември, забележува ДИСА. Овој состанок беше посветен на обезбедувањето мировни сили за Украина. Веднаш по состанокот, про-Кремљ извори, вклучувајќи ја и озлогласената хакерска група Килнет, започнаа координирана офанзива на дезинформации. Тие дистрибуираа измислени „протечени документи“ наводно откривајќи таен заговор од страна на Франција, Велика Британија, Полска и Романија за поделба на Украина во сфери на влијание. Овој наратив брзо се засили на платформите на социјалните медиуми како X (порано Twitter), TikTok, Facebook, Instagram и Telegram.
Како што наведува Вердика, планот Западот да ја окупира Украина, презентиран од „Маш“ (про-Кремљ група на Телеграм), нема фактичка основа. Тоа е измислица дизајнирана да го поттикне наративот на Кремљ дека Западот „сака да ја подели Украина“. Всушност, „Коалицијата на подготвените“ – термин што се користи за групата држави што го поддржуваат Киев – има сосема поинаква цел: да ѝ помогне на Украина да го одбрани својот суверенитет, да ја одбие руската агресија и да обезбеди регионална стабилност по завршувањето на жешката фаза од вооружениот конфликт со Русија.
Крајната цел на оваа дезинформативна порака е да се промовира повторувачки наратив кој ја прикажува Украина како западна марионета, а одбраната на Украина како посредничка војна против Русија. Оваа порака има за цел да ја поткопа меѓународната помош за самоодбрана на Украина од руската инвазија и има за цел да ја одврати одговорноста на Москва за нејзината агресија, забележува EUvsDisinfo.
Брзината и софистицираноста на кампањата за дезинформации беа алармантни, наведува ДИСА. Беа дистрибуирани висококвалитетни видеа генерирани од вештачка интелигенција со длабоко лажни претставувања на француски функционери, имитирајќи го стилот на легитимните вести. Овие видеа му дадоа превез на автентичност на измислениот наратив, потенцијално доведувајќи ги во заблуда невнимателните гледачи. Лажни мапи што го прикажуваат наводниот план за поделба беа исто така широко споделувани, што дополнително придонесе за ширењето на лажниот наратив. Целта беше јасна: да се посее недоверба кај сојузниците на Украина и да се создаде впечаток за поделена меѓународна коалиција.
Француската влада брзо одговори на кампањата за дезинформации. Таа преку својот официјален Икс акаунт демантираше дека картата е автентична, и посочи дека таа има граматички и правописни грешки.
- Белорусија („Belarus“) на француски била преведена како „Biélarus“ наводно наместо правилното „Biélorussie“.
- Името на поранешниот француски генерал Тиери Буркар (Thierry Burkhard) е погрешно напишано.
- Кај насловот на картата недостасува членот „la“ („la carte…“), што е грешка што, според Франција, обично ја прават Руси.
- Картата го третира Крим како дел од руска територија, што е спротивно на официјалната позиција на Франција и на западните земји кои Крим го сметаат за украинска територија под окупација.
Според експертите разузнавачи кои работат со отворени, или јавно достапни податоци („Open source intelligence“), мапата за првпат била споделена на сметката на Телеграм „Маш“ на 9 септември.
Овој случај ја потенцира сè поголемата опасност од дезинформациски кампањи засилени со вештачка интелигенција. Технологијата овозможува за кратко време да се создаваат убедливи лажни содржини и пораките да се обликуваат според специфичната публика. Во примерот со Русија, се гледа како ВИ може да се искористи за креирање целни наративи наменети за различни држави, а истовремено да се одржува една обединета линија на пропаганда. Брзината и размерите на ваквите операции бараат итна и заедничка реакција од владите и компаниите што управуваат со социјалните мрежи.




