Фото: Принтскрин видeо Јутјуб
Видеото кое го споделува објавата е од антивоен протест кој се одржал во Варшава и на кој како перформанс се користеле лажни црни вреќи за тела. Видеото не прикажува трупови на полски војници вратени од фронтот во Украина, како што тврди објавата
Анализираме објава на Фејсбук која споделува видео и го тврди следното:
Полјаците се враќаат дома од Украина.
На видеото се гледаат црни вреќи наредени пред бина, на чија позадина се гледа натпис на полски: „Најлошиот ден на мирот е подобар од најубавиот ден на војната“.
Објавата тврди дека тоа се трупови на полски војници донесени од воениот фронт во Украина.
Проверувачите на факти на АФП, користејќи обратно пребарување на видео, слики и слоган, успеале да најдат видео на стриминг порталот CDA со наслов на полски јазик: „ОВА НЕ Е НАШАТА ВОЈНА Претседателската палата Варшава 23/03/2024“ .
Тие нашле и друго видео објавено на 23 март 2024 година на Јутјуб со наслов на полски „Најлошиот ден на мирот е подобар од најубавиот ден на војната. Демо Варшава, Полска 23.03.2024 година.”
АФП нашле и страница на платформата Икс на група наречена „Rodacy Kamraci“, која споделила видео од целиот настан на 23 март, кое е достапно на Јутјуб.
Името на бендот е, исто така, на дното на плакатот зад сцената.
„Rodacy Kamraci“, што значи сонародници, полските медиуми го опишуваат како екстремно десничарска екстремистичка група, а Варшавскиот центар за следење расистичко и ксенофобично однесување редовно го информира обвинителството за нивните активности.
Групата е предводена од Војчех Олзански, кого полскиот дневен весник Rzeczpospolita го опишува како „пропутинистички ксенофоб, антисемит и фашист“. Во јули 2023 година, полскиот весник Gazeta Wyborcza објави дека Олзански го регистрирал Камрач како политичка партија со цел „да го скрши системот“.
Од видеото се гледа дека настанот траел повеќе од два часа. Олзански, облечен во црна униформа, бил главен говорник. Новинар од варшавската редакција на АФП го слушал неговиот говор и потврдил дека тој го опишал трупањето на црните вреќи како „шоу“ за да ги одврати луѓето да ја поддржат Украина во нејзината борба против Русија.
Пред да се сетиме што велат политичарите во наше име и што сакаат, ајде да играме воено шоу. Војната произведува трупови, многу трупови, колку повеќе трупови толку подобро. Имаме слика за вас што ќе биде во пракса ако тие не нè турнат во таа војна, вели Олзански во видеото од 13:45 до 14:20 часот, пишува АФП.
Околу 24:30 часот од видеото, Олзански ги повикува учесниците да направат чекор назад за да им овозможат на минувачите да го гледаат „перформансот“.
Да им покажеме на Варшавците, на минувачите да им го покажеме овој симбол, бидејќи ништо не влијае на луѓето како слика, рекол тој.
Полска е еден од најлојалните поддржувачи на Украина во војната против Русија. Таа прими повеќе воени бегалци од која било друга земја и е меѓу главните иницијатори на предлогот на ЕУ да ѝ даде на Украина 20 милијарди евра воена помош . И покрај тензиите меѓу двата соседа околу увозот на жито, полскиот лидер Доналд Туск за време на неговата посета на Киев во јануари вети дека Полска ќе продолжи непоколебливо да ја поддржува Украина во нејзината борба против Русија.
Откако Русија го пресели своето нуклеарно оружје во соседна Белорусија, полскиот претседател Анджеј Дуда на 22 април 2024 година изјави дека неговата земја е подготвена да распореди нуклеарно оружје на другите членки на НАТО на нејзина територија.
На 2 мај, францускиот претседател Емануел Макрон не ја отфрли можноста за испраќање западни трупи во Украина во случај Русија да ја пробие линијата на украинскиот фронт. Сепак, ниту Полска, ниту која било друга членка на НАТО, сè уште не испратила војници во Украина.
Значи, видеото кое го споделува објавата е од антивоен протест кој се одржал во Варшава и на кој како перформанс се користеле лажни црни вреќи за тела. Видеото не прикажува трупови на полски војници вратени од фронтот во Украина, како што тврди објавата. Поради сите горенаведени факти, објавата ја оценуваме како неточна.