Војната во Украина не е дело на Џо Бајден и „длабоката држава“

Published on:

Војната во Украина, која започна уште во 2014 година со анексијата на Крим од страна на Русија и ескалираше во 2022 година со инвазијата на целата територија на Украина, започна по наредба на врховниот командант на руската армија, претседателот Владимир Путин. Џо Бајден и „длабоката држава“ сигурно не планирале, подготвувале и наредиле инвазија, како што се тврди во објавата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

„ …Длабоката држава на Бајден и демократите е одговорна за војната во Украина, а не Путин… “

Целта на овој текст е да ги разобличи овие митови со помош на факти и историски контекст, за да ѝ се помогне на јавноста да има појасна и точна слика за случувањата и причините за тековната војна во Украина.

 

Историски контекст и факти

Конфликтот во Украина започна во 2014 година, пред Џо Бајден да стане претседател на САД. Основните причини за конфликтот се руската анексија на Крим и поддршката на Русија за сепаратистичките сили во источна Украина. Ова се случи за време на администрацијата на претседателот Барак Обама, а не за време на администрацијата на Бајден. Иако има некои сличности меѓу администрациите на Бајден и Обама поради заедничката партија и некои клучни личности, тие се различни администрации со свои уникатни политики и предизвици.

 

Русија како агресор

Русија беше таа што ја започна инвазијата на Украина во 2022 година. Ова беше одлука на руската држава предводена од претседателот Владимир Путин. Ниту „длабоката држава“ на Бајден, ниту демократите не можат да бидат одговорни за руските одлуки и воени акции, кои е јасно дека се подготвувале и се планирале подолг временски период. Американската администрација, исто како и дел од сојузниците во НАТО добија разузнавачки информации и кога беа сигурни, во декември 2023 за тоа ги известија и сојузниците и раководството на Украина.

Дополнително, во текстот повеќепати се среќава споменување на “Киевска Русија”:

НЕМОЖЕ КИЕВСКА РУСИЈА ВО НАТО!

КИЕВСКА РУСИЈА БЕШЕ ЦРВЕНАТА ЛИНИЈА ЗА РУСИЈА, и секој разумен (и упатен) “

 

Дали „Киевска Русија“ е соодветен израз?

„Киевска Русија“ (Kievan Rus), не е точен израз во контекст на современите настани и тековната војна во Украина. Овој термин се однесува на средновековна источнословенска држава која постоела од крајот на 9-тиот до средината на 13-тиот век.

Киевска Русија била федерација на источнословенски племиња која се формирала околу градот Киев. Таа е позната како претходник на денешните Русија, Украина и Белорусија, и имала големо значење во историјата на овие народи. Киевска Русија се распаднала во 13-тиот век по монголската инвазија.

Во контекст на современите настани, терминот „Киевска Русија“ не е соодветен за да се опишат случувањата во денешна Украина. Денешната Украина е независна држава со своја сувереност, која постои од 1991 година, по распадот на Советскиот Сојуз. Така што употребата на терминот „Киевска Русија“ за да се опишат модерните настани во Украина е историски несоодветен и може да создаде конфузија. Постојат разлики меѓу Киевска Русија и современата Украина и денешна Русија, и важно е да се прави разлика меѓу нив.

 

Заклучок

Тврдењето дека „длабоката држава на Бајден и демократите е одговорна за војната во Украина, а не Путин“ е неосновано и невистинито. Позадинските мотиви можеби не ги знаеме во детаљ, но со сигурност произлезена од фактите, Владимир Путин заедно со останатите органи во Русија ја донеле одлуката за агресија на територијата на Украина и во 2014 и во 2022 година. Дополнително, употребата на „Киевска Русија” е несоодветна во контекст на современа Украина.

Поради сите горенаведени факти околу делот од објавата што ги наведовме, објавата може да се оцени како делумна невистина.