Војната во Украина не е војна на ЕУ

Published on:

Илустрација: Вистиномер .мк

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Не е точно дека војната во Украина е војна на Европската Унија, како што тоа сака да го прикаже објавата. Ваквото тврдење оди во прилог на про-Кремљ дезинформациите дека Русија не е виновна за војната во Украина, дека војната ја почнале ЕУ и НАТО, а Русија само се брани

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

25.000 долари за регрутација во Украина и плус 25.000 долара за една година во војна … Од каде пари на Украина кога стотина свои генерации веќе ги задолжи поради оваа војна на ЕУ…

Не е точно дека војната во Украина е војна на Европската Унија, како што тоа сака да го прикаже објавата.

Ваквото тврдење оди во прилог на про-Кремљ дезинформациите дека Русија не е виновна за војната во Украина, дека војната ја почнале ЕУ и НАТО,  а Русија само се брани. На 24 февруари 2022 година, руските трупи започнаа напад врз Украина нареден од претседателот Владимир Путин, кој најави „специјална воена операција“ во раните мугри, и покрај предупредувањата од светските државници дека потегот може да доведе до најголемата војна во Европа од 1945 година.

На нападот му претходеше одлуката на рускиот претседател Путин од 21 февруари 2022 година, за признавање на независноста на таканаречените народни републики во Доњецк и Луганск, кои од 2014 година се под контрола на проруските сепаратисти. Ваквата одлука на Путин му овозможи директно да испрати руски воени единици во Источна Украина, каде веќе беа во тек повремени судири меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.

Од почетокот на агресивната воена инвазија на Русија врз Украина, во повеќе наврати пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите односно да наметне низа оправдувања за своите напади. Вистината е дека Русија е таа којашто изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година.

ЕУ ѝ пружа воена и финансиска помош на Украина која има право да се брани од воената руска инвазија и да го штити својот територијален интегритет.

Од февруари 2022 година, Европскиот совет и Советот на Европската Унија редовно се состануваат за да разговараат за ситуацијата во Украина од различни перспективи.

Русија мора веднаш да ја прекине оваа страшна војна. Европската Унија ќе застане до Украина со својата цврста поддршка онолку долго колку што е потребно,стои во заклучоците на Европскиот совет од 9 февруари 2023 година.

Лидерите на ЕУ во неколку наврати побараа Русија веднаш да ги прекине своите воени акции, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Тие го истакнаа правото на Украина да ја избере својата судбина и го пофалија народот на Украина за нивната храброст во одбраната на својата земја.

ЕУ покажа единство и сила и ѝ обезбеди на Украина хуманитарна, политичка, финансиска и воена поддршка.

Што се однесува до надоместоците што ги добиваат оние што ќе се пријават за во војска, владата на Украина на 11 февруари 2025 година, одобри шема со која им се дозволува на волонтерите на возраст од 18 до 24 години да потпишат едногодишни договори кои вклучуваат основна воена обука, специјалистичка обука и курс за адаптација во воена единица. Регрутите ќе добијат еднократен бонус од еден милион гривни (околу 25.000 долари) исплатени на рати: 200.000 по потпишувањето на договорот, 300.000 по завршувањето на обуката и 500.000 по отпуштањето. Покрај тоа, тие ќе добиваат месечна плата од 120.000 гривни (над 2.800 долари).

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е неточна.