Филипова на една конференција организирана од Атлантскиот совет на Црна Гора. – Октомври 2022. Фотографијата е преземена од нејзиниот Фејсбук профил
Авторитарните држави како Русија и Кина користат различни стратегии за да ја попречат евроатлантската интеграција и да манипулираат со политиката и јавното мислење во Западен Балкан. Ова, меѓу другото, во интервју за Порталб.мк го кажа Румена Филипова, добитничка на наградата IVLP Impact на американскиот Стејт департмент и основач на Институтот за глобална политика (ИГА). Коментирајќи ги неодамнешните судири меѓу Северна Македонија и Бугарија за измените на Уставот, Филипова посочи дека надворешните актери ги користат овие тензии за да сеат недоверба и да го попречат процесот на европската интеграција на Република Македонија.
Новинар: Енис Шаќири
Порталб: Како влијае надворешната политика на земјите кои се против евроатлантските интеграции, како Русија и Кина, врз внатрешните политики на другите источноевропски земји кои се уште не се членки на ЕУ или НАТО?
Румена Филипова: Ова се остварува на неколку начини, вклучително и преку дезинформации, заробување на политичката елита како и преку коруптивни економски инвестиции. На пример, за да применат влијание овие држави можат да користат големи инфраструктурни проекти како што е иницијативата „Појас и пат“. Што се однесува до дезинформациите, овие држави често интервенираат во медиумите на земјите кои аспирираат за членство во ЕУ, ширејќи пораки и дезинформации кои сеат недоверба кон евроинтеграцискиот процес. Преку овие пораки често се тврди дека зачленувањето во ЕУ ќе има како резултат негативни економски последици и губење на суверенитетот.
Порталб: До која мера источноевропските земји зависат од овие влијателни земји, имајќи го предвид и пристапот до евтини кредити од Кина?
Румена Филипова: За земјите кои сакаат да се приклучат кон ЕУ не може да се каже дека се „зависни од малигни влијанија“, бидејќи земјите од ЕУ-запад се тие што обезбедуваат најголем дел од економските инвестиции (иако тоа често не се рефлектира во медиумите или во јавноста). Освен тоа, евтините кредити од Кина често имаат тешки услови и можат да се претворат во должничка замка, како што се случи во Црна Гора. Политичарите кои бараат финансиска помош се тие кои најчесто делуваат како канали за странските малигни влијанија, во исчекување на придобивките од авторитарните држави.
Румена Филипова, основачка на Институтот за глобални анализи (ИГА). Фотографија од нејзиниот Фејсбук профил
Порталб: Дали мислите дека земјите како Русија и Кина го користат забавувањето на проширувањето на Европската унија за да ги привлечат земјите од Западен Балкан?
Румена Филипова: Не, иако ЕУ беше критикувана за забавувањето на процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан, таа направила значителни инвестиции во овие земји. Внатрешните проблеми на земјите од Западен Балкан, како слабото владеење, корупцијата и историските тензии, се главните причини за одложувањето на процесот за членство во Европската унија (ЕУ). Затоа, авторитарните држави не придобиваат од „неуспехот“ на ЕУ, туку шират дезинформации кои се обидуваат да ја прикажат ЕУ во негативно светло, продлабочувајќи ги конфликтите и поделбите во општествата од Западен Балкан и попречувајќи ја европската интеграција.
Порталб: Можете ли да наведете еден конкретен случај каде што влијанието на овие земји (Русија, Кина) директно влијаело врз политиките на земјите од Западен Балкан?
Румена Филипова: еден таков јасен случај е случајот со Србија. Руско-кинеското влијание во политиката, медиумите и економијата го засили стремежот на Белград за „урамнотежена“ надворешна политика меѓу Западот и Истокот, со што ја поткопува јасната посветеност кон европската интеграција.
Порталб: Што треба да направат земјите од Западен Балкан и оние од Европската Унија за да ги надминат и спречат овие влијанија?
Румена Филипова: Пред се, земјите од Западен Балкан кои се стремат кон членство во ЕУ мора силно да се заложат и да ги исполнат критериумите за членство. Од друга страна, Брисел ќе мора да одреди појасни датуми за проширување.
Порталб: За крај, колкава е можноста надворешните актери кои се против евроатлантските интеграции да ги искористат историските и културните судири кои одново се разгореа со неодамнешната промена на Владата на Северна Македонија со земји како Бугарија, што е единствениот услов, и кои се однесуваат на измените на уставот за вклучување на бугарското малцинство во преамбулата на државата, и со Грција за прашањето за името?
Румена Филипова: Тие веќе го остварија тоа. Русија ги користи културно-историските поделби и тензии на Балканот за да го спречи зачленувањето во ЕУ.