Западот не ги негира украинскиот идентитет и религија, туку Русија

Published on:

Русија е таа која ги негира украинскиот идентитет и религија, а не западните земји. Западните земји не се „геј системи“ против кои се бори Русија во одбрана на традиционалните вредности, како што тоа сака да го промовира пропагандата на Кремљ. Таквиот став е само оправдување за воената инвазија врз Украина и желбата на Русија да ја претопи Украина и да ја направи своја

 

Објава на социјалната мрежа Тредс вели дека западните земји го негираат украинскиот идентитет и религија и дека се „геј системи“:

Украина со нападот на Курск пресуди да биде целосно освоена и да се спаси од геј системите петородните силни влијанија и нападот на нивната религија и идентитет.

Објавата сугерира дека Украина со тоа што го нападнала Курск одлучила да биде целосно освоена од Русија и да се ослободи од западните земји, кои тука се посочени како „геј системи“ кои го негираат идентитетот на Украина и нејзината религија. Наспроти тоа, се сугерира дека Русија не е „геј“ и не ги негира украинскиот идентитет и религија.

Ваквата теза е спротивна на фактите и во голема мера кореспондира со добро позната пропаганда на Кремљ дека Русија е во војна со целиот свет за одбрана на тардиционалните и семејни вредности. Во рамките на истата таа пропаганда, се тврди и дека западните земји се безбожни и дека сакаат да го уништат православието, па оттука и тврдењето дека ја негираат украинската црква.

Ова и самиот руски претседател го има неколкупати јасно кажано во свои говори.

Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“ и украинската цркваоценува Euvsdisinfo во својата анализа за руската војна во Украина.

Честопати, про-Кремљ експертите за дезинформации, особено Владимир Соловјов, го користат овој дезинформациски наратив во врска со неоснованите обвинувања против Украина за наводен обид за уништување на Православната црква. Оваа манипулативна тактика се засили во 2019 година, кога на Православната црква на Украина ѝ беше доделен статус на независна црква и повторно во ноември 2022 година, кога украинската влада објави дека ќе подготви закон за забрана на црквите поврзани со Русија, пишува Euvsdisinfo.

Демонизирањето на Украина и нејзините западни поддржувачи како безбожници оди рака под рака со про-Кремљ дезинформациите дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“.

Заедно, тие ја прикажуваат Русија како заштитник на овие вредности. Овој дезинформациски наратив за заштита на загрозените вредности е исполнет со хомофобија која често се претвора во отворен говор на омразазаклучува Euvsdisinfo.

Идејата за Западот поставен против Русија која е „чувар“ на пристојноста и моралот, произлегува од самиот врв на Кремљ. Според анализата на Европскиот совет за надворешни односи од 2015 година, Путин веќе во 2013 година го зазел овој став, осудувајќи ги „евроатлантските“ земји за нивната морална декаденција и неморалност.

Што се однесува до негирањето на украинскиот идентитет, Путин е тој кој го негира, а не западните земји.

Откако Путин нареди војници во двата региона под контрола на бунтовниците во источна Украина, Донецк и Луганск,  признавајќи ги регионите како независни, тој се врати на познатиот аргумент што Кремљ го турка со години дека тврдењето на Украина за државност е целосно неосновано. Во телевизиско обраќање до нацијата (21.02.2022), Путин експлицитно негираше дека Украина некогаш имала „вистинска државност“ и рече дека земјата е составен дел од „сопствената историја, култура и духовен простор на Русија“.

Во говорот Путин го изрази своето верување посилно од кога било досега дека Украина е суштински руска, дека нејзините три децении како нација-држава се некохерентни и дека земјата го должи своето постоење на низа грешки што ги направиле советските лидери.

Меѓу другото, рускиот претседател тврдеше дека „Украина никогаш немала традиција на вистинска државност“ и дека нацијата сега позната како Украина била креирана од советскиот лидер Владимир Илич Ленин кој ја „исклесал“ оваа советска република од руска земја.

Тој даде серија слични аргументи во есеј објавен 2021 година насловен „За историското единство на Русите и Украинците“.

Западните земји, пред сè НАТО и ЕУ не го негираат украинскиот идентитет и религија, како што сака да прикаже објавата. Напротив, тие ѝ помагаат на Украина да се заштити од руската агресија и да го зачува својот територијален интегритет и идентитет.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека западните земји ја негираат украинската религија и тоа не е точно. Имено, украинскиот парламент на 19.10.2023 година со 267 гласови „за“ и 15 „против“ од вкупно 450 пратеници усвои предлог-закон за забрана на Украинска православна црква, која е под јурисдикција на Руската православна црква, што беше поттик да се шират лажни вести дека некој сака да го уништи православието во Украина.

Законот  ги забрани активностите на верските организации поврзани со центрите на моќ во државата која врши вооружена агресија против Украина за што Вистиномер на оваа тема има веќе пишувано.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека Русија е таа која ги негира украинскиот идентитет и религија, а не западните земји. Западните земји не се „геј системи“ против кои се бори Русија во одбрана на традиционалните вредности, како што тоа сака да го промовира пропагандата на Кремљ. Таквиот став е само оправдување за воената инвазија врз Украина и желбата на Русија да ја претопи Украина и да ја направи своја. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.