Фото: НАТО
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Западниот свет ниту се заканува ниту посакува нуклеарна војна, ниту пак, ја провоцира. Од стартот на воената инвазија од страна на Русија врз Украина, руската страна во повеќе наврати преку највисокиот државен врв упатува такви закани и нуклеарна реторика која од страна на НАТО е осудена и дадено е до знаење дека нуклеарна војна е нешто коешто Западот не го посакува
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од претседателот на Русија, Владимир Путин (со кајрон на кој е испишано „дали европските земји автоматски ќе бидат вовлечени во воениот судир со Русија) и пишува:
Ако не беше Путин досега светот ќе беше изгубен во нуклеарна војна. Со години им објаснува на атлантистите, како на деца од градинка, дека не треба да го прават тоа што го прават во и преку Украина против Русија. Секојдневно на средби, конференции, во изјави одново и одново им „црта”, објаснува, појаснува дека е тоа игра во која сигурно нема да ја победат Русија, ама како на ѕид да зборува.
Не сум видела, навистина нема политичар како него кој толку упорно се обидува да го спаси светот од катаклизма. А атлантистите тераат без престан по свое. Изгледа сепак ќе предизвикаат нуклеарна војна и не ќе има повеќе свет кој што толку многу сакаат потполно да го владеат. Толку многу што се спремни да го пеплосаат.
Наспроти изнесеното во објавата, на 25 септември 2024 година, „Гардијан“ објави дека Путин го предупредил Западот оти размислува да користи нуклеарно оружје.
Владимир Путин ја ескалираше својата нуклеарна реторика, кажувајќи ѝ на група на високи официјални лица дека Русија би зела предвид користење нуклеарно оружје, ако биде нападната од која било држава со конвенционално оружје. Овие коментари се најсилното руско предупредување против тоа Западот да ѝ дозволи на Украина да лансира длабоки истрели во руска територија со користење западни ракети со долг дострел. Путин рече дека Русија ќе разгледа употреба на нуклеарно оружје доколку Москва добие „доверливи информации“ за почетокот на масовно лансирање ракети, авиони или беспилотни летала против неа, пишува „Гардијан“.
Западот, не се заканува со нуклеарно оружје кон Русија, наспроти изнесеното во објавата. На страницата на НАТО под реден број 12 на прашањето „кој е одговорот на НАТО на руската опасна реторика околу нуклеарно, хемиско и биолошко оружје“ пишува:
Руската заканувачка нуклеарна реторика е опасна и неодговорна. НАТО ги зема овие закани сериозно, но нема да биде исплашено. НАТО останува посветено и упатува јасна порака за Русија дека нуклеарната војна не може да биде добиена и никогаш не треба да се води. Каква било употреба на нуклеарно оружје од страна на Русија фундаментално би ја променила природата на војната и би имала жестоки последици за Русија. Понатаму, НАТО партнерите се длабоко загрижени за пријавеното користење на хемиско оружје од страна на Русија против украинските сили. Секое користење на хемиско или биолошко оружје од страна на Русија би било кршење на меѓународното право и воено злосторство и ќе резултира со сериозни последици, пишува на страницата на НАТО.
Во брифинг од декември 2024 година се забележува руската засилена реторика со нуклеарни закани. Путин засилено користеше закана од руски нуклеарен арсенал за да го притиска Западот за воената и дипломатска поддршка за Украина после руската воена инвазија од 2022. Како дел од својата кампања со нуклеарен притисок, Русија ги постави нуклеарните оружја на повисока готовност, тестираше нови нуклеарни можности, се закани да го сопре нуклеарното тестирање и го прекина учеството во клучен договор со САД.
Во март 2023 година Русија соопшти дека ќе испрати тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. Ова е првпат Русија да го прави тоа надвор од својата територија од колапсот на Советскиот Сојуз. Во ноември 2024 Путин исто така одобри менување на руската нуклеарна доктрина што за многу експерти значи дека ја намали границата за користење на нуклеарно оружје.
Членовите на Г7 вклучително нуклеарните сили Франција, САД и Обединетото Кралство, го нарекоа нуклеарното позиционирањето на Русија неодговорно и неприфатливо. Во јуни 2023 година поранешниот генерален секретар на НАТО Јанс Столтенберг ја осуди руската безобѕирна нуклеарна реторика.
Претседателот Путин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и Димитри Медведев, често реферираат на рускиот нуклеарен арсенал во контекст на Украина. Во 2022 година Путин предупреди да нема мешање во Украина однадвор или директен напад врз Русија и рече дека Русија ќе одговори веднаш и „последиците ќе бидат какви што никогаш не сте виделе претходно во целата историја“.
На 27 февруари 2022 година Путин наредува руските нуклеарни сили да се на повисок статус на готовност. Путин рече дека ја издава таа наредба како одговор на ескалирачките економски санкции и „агресивни изјави“ од страна на Западот после руската инвазија врз Украина.
На 20 април 2022, Русија ги тестира „Сармат“ интерконтиненталните балистички ракети.
На 12 мај Медведев вели дека поддршката и помошта од НАТО за Украина е ризик за конфликт со Русија и „целосна нуклеарна војна“.
Бројните други закани може да се прочитаат на страница 5 од брифингот.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Западниот свет ниту се заканува ниту посакува нуклеарна војна, ниту пак, ја провоцира. Од стартот на воената инвазија од страна на Русија врз Украина, руската страна во повеќе наврати преку највисокиот државен врв упатува такви закани и нуклеарна реторика која од страна на НАТО е осудена и дадено е до знаење дека нуклеарна војна е нешто коешто Западот не го посакува.




