Илустрација: Вистиномер.мк
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Украинците ги турна во војна Русија со својата агресија, а не некакви „владетели од сенка“ – како што сугерира објавата, која додава и дека „Зеленски е пион“, но пион беше прорускиот претседател на Украина, Јанукович, кој побегна кај своите наредбодавци во Русија и кој е правосилно осуден за велепредавство. Спротивно од него, Зеленски со години ја брани Украина, при што му контрираше дури и на претседателот на САД, Трамп. Објавата, која е проруска и пропагандистичка, изнесува и сомнителни бројки за украинските воени загуби, а без никаква смисла е објавена на една македонска патриотска страница на Фејсбук, небаре С. Македонија е во војна против Украина
Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Украинците ќе војуваат до последен Украинец. По желба на дееп стате. Ќе ја изгубат пола украина. 1,7 милиони украинци загинаа во војната со Русија. Зеленски е пион
Володимир Зеленски не е пион, туку го прави она за што дал заклетва како претседател – да ја брани Украина. Тој би бил пион ако не ја брани и ако ги исполнува желбите на рускиот агресор.
Пион беше украинскиот претседател Виктор Јанукович, кој побегна кај своите наредбодавци во Русија, кои извршија агресија врз неговата земја и тој е правосилно осуден за велепредавство.
Зеленски ги бранеше интересите на Украина дури и кога трпеше притисоци од САД. Тој ја одби првата и понеповолна варијанта на договорот со САД за експлоатација на украинските ресурси, а на 28.2.2025 г. доста живо спореше со лидерот на таа суперсила, Доналд Трамп, и тоа среде Белата куќа и пред целата светска јавност, што не би му личело на еден послушник.
Објавата изнесува невистини и е проруска и пропагандистичка, а без никаква смисла е објавена на една македонска патриотска страница на Фејсбук, небаре Македонија е во војна против Украина.
Она „дееп стате“ во објавата е погрешно напишано „deep state“ (во превод од англиски: длабока држава), а тоа е теорија на заговор дека Украина ја туркале во војна некакви „владетели од сенка“, за што објавата не нуди никакви извори или докази, а реалноста е следна.
Во февруари-март 2014 г. Русија изврши агресија и илегална анексија на Крим, по што испрати агенти како Игор Гиркин-Стрелков за да го откинат од Украина и Донбас.
Така на 7.4.2014 г. никна т.н. Донечка Народна Република, а пет дена подоцна Стрелков и неговите борци го нападнаа градот Славјанск, со што ја започнаа Донбаската војна. Во неа потајно се вклучуваа регуларните сили на Русија, кои на 24.2.2022 г. тргнаа во отворена и сеопфатна агресија.
Украинците не ги турка во војна некаква „длабока држава“, туку руското агресивно однесување, на кое, нормално, тие пружаат отпор. Објавата сака да нè убеди дека Украинците мечтаат да ѝ бидат робови на Москва, но некаква подла „длабока држава“ тоа не им го дозволува.
Најтрагикомично е тоа што понекаде навистина делува(ла) длабока држава, на пр. во Грција (гр. Παρακράτος) и Турција (тур. Ergenekon), а некои сметаат дека т.н. силовики (бивши припадници на КГБ каков што е и Владимир Путин) создале нешто слично на длабока држава во Русија, но за такво нешто во Украина објавата не нуди доказ.
Таа не нуди доказ ни за бројката од „1,7 милиони загинати Украинци“, а ние веќе пишувавме од каде е таа сомнителна бројка и таа е наводно за загинати и исчезнати украински борци, а не општо за загинати Украинци – како што вели објавата, т.е. тоа е без цивилите.
На 20.8.2025 г. излезе вест дека руски хакери го прибавиле тоа од базите на податоци на украинскиот Генералштаб, но со тоа се позанимавале проверувачи на факти (види: тука и тука), а потврда за хакирањето од независен извор не нашле. Тоа тешко да ќе се промени, со оглед дека од објавувањето на таа сомнителна вест мина доста време, а цврст доказ за тоа сè уште нема.
Таа бројка ја изнесе рускиот медиум Mash, кој не е толку релевантен како на пр. ТАСС или РИА Новости, а што се однесува до кредибилноста, немаме особена причина да му веруваме. Генерално, руските медиуми се озлогласени по пропагандата, околу што наголемо сме пишувале, а поинаку и не може да биде под авторитарната власт на Путин.
Mash се повикаа на наводни изјави на хакерите, но сè е тоа наводно и сомнително, а објавија и понешто од тие хакирани содржини, но не знаеме колку е тоа автентично, а колку е „фотошоп“. Тие содржини и не беа обилни и среде нив немаше некои големи откритија.
Објавата тврди и дека Украинците ќе загубеле половина Украина, но авторот не може тоа со сигурност да го знае, а ако судиме по досегашните резултати на Русија, веројатноста за тоа е мала.
Русија нема целосна контрола дури ни над териториите, кои илегално ги анектираше на 30.9.2022 г., па таа анексија е во голема мера само на хартија.
Русија никогаш не го зазеде Запорожје, иако и по устав и закон го води како „град во Русија“, не успеа да заземе ни добар дел од Донечката Област (градови како Славјанск и Краматорск), а Херсон го зазеде, но го загуби на 11.11.2022 г. Тоа беше единствениот областен центар кого Русија успеа да го заземе во сеопфатната инвазија.
Оттогаш, Русија зазема само мали места како Курахово, за кои светот не знае каде се на мапа, а во тоа успева дури по месеци или години војување со огромни жртви. По дури 11 години агресија врз Украина, Русија држи само 20 отсто од неа, што не ѝ личи на една суперсила.
Во август 2024 г. Русија дури загуби контрола над себеси, кога украинските сили зазедоа дел од нејзината Курска Област и го држеа дури 7 месеци, па како би контролирала половина Украина?
И, патем, не се вели: „Украинците ќе војуваат до последен Украинец “ – како во објавата, туку „Западот ќе војува против Русија до последниот Украинец“ – каков што е познатиот наратив на руските дезинформатори, но ова во објавата и не е најбитно.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.




