Од посетата на Зеленски на Днепар, 11 април 2025 Фото: https: president.gov.ua
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Украина е независна, демократска држава со свој територијален интегритет и суверенитет кој беше нападнат од страна на Русија со неиспровоцирана воена инвазија која доведе до огромни човечки жртви, материјални штети, раселување на населението, а сето тоа за да се одбрани татковината Украина. Зеленски нема за цел да ја продава Украина, ниту пак, да формира некаква хазарска еврејска држава. Очигледно е дека објавата има за цел да шири антисемитизам преку познати теории на заговор
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Гов*дото Зеленски ја уништи Украина, еврејски изрод. Изгледа не е теорија на заговор создавањето на Хазарска еврејска држава..47$ од територијата ја поседуваат БлекРок и Вангард.газди се Ротшилд,Рокфвелер..Жално за украинскиот народ.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски e роден на 25 јануари 1978 година во украинско еврејско семејство. Тој е украински политичар и поранешен актер, а од 2019 година е претседател на Украина.
Институтот за стратешки дијалог, има објавено дека теориите на заговор за Хазарите – полуномадски турски народ кој основал голема империја Хазарија меѓу Источна Европа и Западна Азија во средниот век, се раширени во заговорнички, десничарски екстремистички заедници на интернет пред руската воена инвазија врз Украина.
Со оглед на тоа што Хазарија ја опфаќаше модерната југоисточна Русија, јужна Украина, Крим и Казахстан, тие се здобија со посебна географска важност среде војната во Украина. Хазарите станаа популарна точка за разговор меѓу теоретичарите на заговори поради тврдењето дека Хазарскиот народ или барем нивните елити, масовно преминале во јудаизам во текот на 8 век. Недостигот на веродостојни, современи извори на истражување за Хазарите го отежнува одредувањето колку е точно ова тврдење. Хазарија била заборавена со векови додека не била повторно откриена меѓу раните ционисти во 19 век, кои биле заинтересирани за она што го гледале како потенцијално историска еврејска држава. Иако се чини дека имало преобраќање во јудаизам меѓу Хазарите, степенот на конверзија во јудаизам кај поширокото население останува нејасен.
Голем дел од современиот интерес за Хазарите од страна на теоретичарите на заговор може да се поврзе со книгата „Тринаесеттото племе“ напишана од унгарско британскиот автор Артур Кестлер во која тој ја претставува многу спорната теза дека Евреите Ашкенази се потомци на преобратените Хазари, а не на антички Израелци. Кестлер бил свесен дека неговата теорија може да се искористи за делегитимирање на државата Израел, пишува во анализата на Институтот за стратешки дијалог.
Теоријата на Кестлер е инструментализирана за промоција на антисемитизмот. Термините Хазари и Хазарска мафија се користат за опишување на еврејскиот народ, слично како што се користат Ротшилд и Ционист, за да се ублажат преку таквите ословувања јасните антисемитски изјави. Тврдењето дека Ашканазите не се потомци на Израелците, туку Хазарите, многу подмолно им дозволува на антисемитистите да се преправаат дека тие се противат само на „лажните Евреи”. Таков наратив се промовира и во објавата што ја рецензираме во делот каде се вели дека Зеленски е „еврејски изрод“ и дека создавањето на Хазарска еврејска држава не е теорија на заговор.
Теориите на заговор за наводната хазарска контрола на Украина се различни и честопати контрадикторни. Сепак, на крајот, сите тие се обидуваат да ја легитимираат руската инвазија преку обезличување на Украинците и претставување на воените злосторства извршени од руските сили како прифатливи средства за уништување на потомците на „злобната раса”, се наведува во анализата.
Понатаму, тврдењето во објавата дека Украина била продадена на Блекрок и дека газди и се Ротшилд, Рокфвелер и сл. е руски пропаганден наратив кој го споделуваат и високи функционери на Русија.
Не е точно дека странски компании купиле територија на Украина, затоа што според украинските закони, странците, лицата без државјанство и фирми не смее да купуваат акции во фирми што поседуваат земјоделско земјиште, пишува Мит Детектор.
Од почетокот на руската воена инвазија врз Украина, владата на САД има алоцирано пакети за помош на земјата, но повеќето од нив се директна помош и ниеден од документите не содржи клаузула којашто бара од Украина да префрли државен имот или средства или земјиште на корпорации како замена за помошта. Украина нема долг кон Блекрок. Конкретно, Блекрок заедно со 4 други компании држи 20 проценти од украинските хартии од вредност за кои Украина е обврзана да плаќа годишна камата на долгот. Но притисокот врз Украина беше намален и беа воспоставени поповолни услови, што резултираше во 75 процентно намалување на сумата што Украина треба да ја плати до 2023, наведува Мит Детектор.
Украина е независна, демократска држава со свој територијален интегритет и суверенитет кој беше нападнат од страна на Русија со неиспровоцирана воена инвазија која доведе до огромни човечки жртви, материјални штети, раселување на населението, а сето тоа за да се одбрани татковината Украина. Зеленски нема за цел да ја продава Украина, ниту пак, да формира некаква хазарска еврејска држава. Очигледно е дека објавата има за цел да шири антисемитизам преку познати теории на заговор.
Поради сето погоре, оценуваме дека објавата е невистина.