Зеленски во посета на 59-та бригада за беспилотни системи, 22.03.2025 Фото: president.gov.ua
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Русија постојано повикува на избори во Украина – а во последно време и САД по инаугурацијата на Доналд Трамп – нарекувајќи го Зеленски нелегитимен претседател, па дури и диктатор. Повици за избори и повлекување на Зеленски се шират и на социјалните мрежи кај нас, каде поддржувачи на Кремљ манипулираат дека во Украина може да се распишат избори и покрај војната која беснее во оваа земја повеќе од три години. Дури и надвор од правните прашања (Уставот на Украина забранува да се одржат избори додека е на сила воена состојба), постојат практични пречки кои едноставно би било невозможно да се надминат
Пишува: Ана Анастасовска
Володимир Зеленски стана претседател на Украина на 20 мај 2019 година. Доколку во Украина состојбата беше мирна, односно доколку немаше неиспровоцирана воена инвазија врз Украина од страна на Русија, тогаш нови претседателски избори ќе се одржеа на крајот на март 2024 година. Но, во состојба на војна, какви било избори во Украина се стопирани, така што претседателот и Врховната рада продолжуваат со работа, а со тоа и нивниот легитимитет не е истечен, ниту мандатот на Зеленски.
Претседателот Зеленски сѐ почесто се соочува со прашањето: Кога Украина ќе ги организира претседателските избори кои беа прекинати заради руската инвазија која започна пред повеќе од три години? Одговорот е ист – избори ќе се одржат кога ќе заврши воената состојба во државата.
На избори во Украина постојано повикува Русија, а во последно време и САД, по инаугурацијата на Доналд Трамп, нарекувајќи го Зеленски нелегитимен претседател, па дури и диктатор, за што Вистиномер пишуваше во една поопширна анализа.
Повици за избори и повлекување на Зеленски се шират и на социјалните мрежи кај нас каде поддржувачи на Кремљ манипулираат дека во Украина може да се распишат избори и покрај тоа што земјата влезе во четвртата година од војната.
Ако можете да имате вакви концерти во Киев, зошто Зеленски не може да одржи избори?, вели една објава која споделува видео од млади луѓе кои се забавуваат во ноќен клуб.
Друга објава, пак, анализирајќи ги потезите на Путин посочува:
Путин во воена униформа го посети Штабот и војниците во областа Курск! Инаку, Американците предложија итен 30-дневен мир помеѓу Украина и Русија. Предлогот е нож со две сечила. Зошто? Затоа што Украина повторно ќе ја натрупаат со оружје Западот + сигурно ќе донесат и војска а потоа војната ќе ескалира. Моето мислење е дека ПУТИН нема да го прифати предлогот без длабока анализа и барањата: Украина да се демилитаризира, Избори во Украина, Украина не може да биде членка на НАТО, Луганск, Доњецк, Запарожје и Херсон кои се дел од Уставот на Руската федерација
Зошто Украина не одржа избори од почетокот на војната?
Следните избори во Украина за пратеници на Врховната рада (украинскиот парламент) првично требаше да се одржат на 29 октомври 2023 година, а кампањата требаше да започне 60 дена пред тоа. Претседателски избори, во нормални услови, ќе се одржеа на крајот на март 2024 година
Овие редовно закажани избори беа нарушени поради воената состојба прогласена во 2022 година, на почетокот на целосната руска инвазија. Според уставот на Украина, не е легално да се одржуваат национални избори во период на воена состојба, наведува „Форин полиси“ во својата анализа од 2023 година.
Членот 83 од украинскиот Устав вели дека доколку мандатот на Врховната рада истече за време на воена состојба, тој автоматски ќе се продолжи додека не седне нова Рада по завршувањето на воената состојба. Членот 19 од украинскиот закон за воена состојба конкретно забранува спроведување на национални избори.
Сепак, дури и надвор од правните прашања, постојат практични пречки кои едноставно би било невозможно да се надминат. Наједноставен е фактот дека Украина води војна во која целата земја во секој момент е цел на руски напади. Предупредувањата за воздушен напад низ целата земја се многу честа појава и може да траат од 20 минути до повеќе часови.
Нарушена безбедност, масовно раселување
Како што пишува „Форин полиси“, Украина има систем на цврсти процедури за да се обезбеди интегритет на процесот на гласање. Сите гласачки кутии мора постојано да бидат видливи од набљудувачите и членовите на изборната комисија за да не може да има полнење на гласачки ливчиња или други малверзации. Слично на тоа, броењето на гласачките ливчиња мора да се случи пред очите на сите набљудувачи и членови на комисијата. Оттука, постојан надзор над гласачките ливчиња, избирачките списоци и други важни документи не може да се одржи додека сите учесници во изборниот процес трчаат кон засолништата за бомби.
Украина не може да обезбеди фер пристап до гласачкото место кога чинот на гласање носи различни нивоа на ризик низ целата земја. Потешко погодените области можеби нема да можат да одржат избори директно по завршувањето на воената состојба поради прашањата на безбедноста (вклучувајќи ја распространетоста на мините), пристапот (како што е уништување на избирачките места) и нарушувања на клучните изборни ресурси (како што се застарени избирачки списоци и голем број раселени лица).
Дури и ако украинската влада ги игнорира безбедносните ризици, би било невозможно да се воспостави доволен демократски мандат во такви услови поради масовното раселување на Украинците низ земјата, континентот и светот. Според Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, околу 4 милиони од нив се раселени во други области на Украина (како внатрешно раселени лица или ВРЛ), додека речиси 7 милиони избегале во странство како бегалци. Ова е најголемото раселување на луѓе од Втората светска војна. Украинскиот државен избирачки регистар (СВР) не е ажуриран од почетокот на целосната инвазија на Русија.
Луѓето во окупираните територии не можат да гласаат
Според Министерството за реинтеграција на Украина, од јуни 2024 година, 4,5 милиони возрасни Украинци останале на териториите окупирани од Русија. Ниту еден од нив нема да може да гласа, бидејќи украинските власти немаат физички пристап до овие области, што го оневозможува формирањето избирачки места, транспортот на гласачките ливчиња, броењето гласови или обезбедувањето надзор на изборниот процес. Секој обид да се организира гласање таму би значело или недостаток на вистинско учество или манипулација од руските окупатори, пишува Украинер.нет.
Покрај техничките прашања, постои и директна закана за безбедноста на гласачите. Руските окупаторски власти строго го контролираат населението, користејќи репресија и прогон против секој што се смета за нелојален. Луѓето може да бидат заплашени, киднапирани, уапсени, па дури и депортирани поради каков било знак на поддршка за Украина. Членовите на изборната комисија, исто така, би биле изложени на ризик, бидејќи окупаторите би можеле да ги принудат да соработуваат или дури и физички да ги елиминираат.
Покрај тоа, окупираните територии страдаат од екстремна информациска изолација. Украинските политички партии, медиуми и групи на граѓанското општество не можат слободно да работат, лишувајќи ги жителите од пристап до точни информации за изборите и кандидатите. Наместо тоа, тие се подложени на немилосрдна руска пропаганда која ја искривува реалноста и врши психолошки притисок.
На крајот, Русија би можела да ги искористи изборите за да ја консолидира својата контрола. Дозволувањето на жителите на окупираните територии да гласаат носи ризик нивните гласови да бидат фалсификувани или окупаторските власти да создадат свои фалсификувани „резултати“ за пропагандни цели. Затоа, фер избори може да се одржат само по целосна деокупација и враќање на украинската контрола врз териториите, заклучува Украинер.нет.
Воениот персонал не може да гласа или да се кандидира за функција
Украинската војска се состои од 880.000 војници, од кои многумина постојано се во борбени зони, каде што нема можност да се фокусираат на изборниот процес, а камоли да го остварат правото да се кандидираат за функцијата. Дури и ако изборните комисии се обидат да организираат гласање на терен, тоа ќе создаде дополнителни безбедносни ризици, бидејќи овие избирачки места ќе станат мета на руските напади. Дополнително, голем дел од војската ги преместува локациите дневно, па дури и повеќе пати на ден. Тоа значи дека дури и да се одржат избори во некои воени единици, значителен број војници сепак би биле исклучени од процесот.
Со оглед на реалноста на животот и борбата на првите линии, обезбедувањето тајност на гласањето е исклучително тешко, што може да го поткопа интегритетот на процесот.
Недостиг на демократски услови
За правилно одржување на изборите, мора да се воспостават демократски услови, вклучително и слободна активност на медиумите, политичките партии и граѓанските организации, како и парламентарниот консензус за изборните правила. Ова бара дополнително време за премин од воена состојба во изборен период.
Изборите не се само за изразување политичка волја – тие вклучуваат подготовка и организација. Подеднакво важни се задачите кои се клучни во повоеното опкружување: изборни комисии, безбедни гласачки капацитети, информациски системи отпорни на сајбер напади и обезбедување на транспарентност и безбедност, наведува „Киев индипендент“ во својата анализа.
Најголемиот предизвик за изборната демократија во Украина е мешањето од Русија, која ќе ги искористи сите можни средства: од сајбер напади до директен поткуп на гласачи, ширење дезинформации до поделба на општеството и дискредитација на кандидати кои руските власти ги сметаат за неприфатливи. Украина – и нејзината влада и општество – мора да се подготви за такво мешање за да ги заштити нејзиниот суверенитет, демократија и слобода, кои се бранат на бојното поле. Оваа подготовка бара доволно време, независна ревизија на ризик и зајакнат механизам за да се спротивстави на незаконското мешање во изборите.
Украина нема да биде првата демократија што ќе се откаже од гласањето за време на борбата за својот живот. Обединетото Кралство ги одложи своите парламентарни избори додека се бореше за својот опстанок против нацистичка Германија, додека Канада – и покрај тоа што не виде акција за време на војна на сопствената територија – ги одложи парламентарните избори за време на двете светски војни.
Од друга страна, вреди да се напомене и тоа дека војната (учеството во неа) не е гаранција за изборна победа. Првите повоени избори во Велика Британија беа изгубени од конзервативците на Винстон Черчил и покрај неговата висока популарност.