ДЕКЛАРАЦИЈА

Декларација за развој на Мрежата против дезинформации за Балканот (ADN-Balkans)

СО ОГЛЕД на тоа што ние сме граѓански организации и медиуми на Балканот кои работат на поттикнување на слободата на изразување, здружување и слободен проток на проверени информации;

БИДЕЈЌИ сметаме дека граѓаните во демократските општества имаат право на точни и навремени информации што ќе им овозможат да ги застапуваат нивните интереси и да направат информиран избор за нивниот живот;

СО ОГЛЕД на тоа што основачките членови разговараа за итна потреба од воспоставување на понатамошна инфраструктура на соработка врз основа на заедничката потреба за спротивставување на дезинформациските наративи што го попречуваат развојот на демократијата и владеењето на правото во регионот;

СО ОГЛЕД на тоа што делиме заедничка цел за глобална слобода на изразување и промовирање на стандардите на професионалното новинарство, врз основа на нашите искуства од нивното бранење во нашите земји;

СО ОГЛЕД на тоа што споделуваме заедничко разбирање дека регионалната соработка е од суштинско значење за постигнување на оваа цел, бидејќи голем дел од негативните тенденции имаат прекугранични аспекти што ги искористуваат пукнатините во и меѓу нашите заедници.

ЗАТОА:
ГО ПОДДРЖУВАМЕ човековото право на слобода на изразување како основно човеково право и заедно со правата на слободен проток на информации и одговорност го сметаме за суштинско за спроведување на сите права на граѓаните;

ПОДДРЖУВАМЕ дека одговорноста на сите засегнати страни кои влијаат на животот на граѓаните во регионот е од суштинско значење за развојот на демократијата, вклучително и државните институции, државните и јавните службеници, медиумските организации, граѓанското општество, приватниот и академскиот сектор и личната одговорност на поединците одговорни во рамките на овие структури.

ПОДДРЖУВАМЕ дека принципите на човековите права и медиумските слободи се универзални, но дека методите за застапување и заштита се контекстуални; оттука, ние се залагаме за регионална соработка заснована на строго придржување кон принципите на етичкото новинарство и проверка на фактите, како што се вградени во релевантните саморегулаторни документи, вклучувајќи ги националните кодекси на новинарите и Кодексот на принципи на Меѓународната мрежа за проверка на факти.

ЈА ПОДДРЖУВАМЕ идејата дека принципите на новинарството и проверката на фактите како суштински елемент на известувањето и новинарство како чувар на јавниот интерес, кои ги применуваат новинари, блогери, корисници на интернет, активисти, научници, академици и други креатори на содржини, во кој било медиум или формат, овозможуваат поповолна социјална средина за консумирање и споделување на информации од страна на граѓаните на Балканот.

ПОТЕНЦИРАМЕ дека отвореноста, транспарентноста и отчетноста на државните институции, особено во општествата под закана од кампањи за дезинформации однадвор и одвнатре, се од суштинско значење за заштитата на правата на граѓаните да бидат информирани и да дејствуваат во согласност со принципите на човековите права и владеењето на правото, во одбрана на нивните слободи, безбедност и приватност.

ПОСОЧУВАМЕ дека моќта својствена за традиционалните и дигиталните медиумски технологии носи одговорност и обврска на нивните корисници да се придржуваат до принципите на човековите права, демократскиот плурализам и владеењето на правото, врз основа на законските рамки и стандардите за саморегулација поставени за да ги заштитат.
НИЕ ЦЕЛИМЕ да бидеме поефикасни застапници за слободата на изразување и демократијата во нашиот регион, затоа решивме да работиме заедно за да ги промовираме и поддржуваме прашањата од јавен интерес и да ги едуцираме граѓаните за заканите по демократијата, и

ЗАТОА СЕ СОГЛАСУВАМЕ ДА РАБОТИМЕ заедно како Мрежа против дезинформации за Балканот (АДН-Балканс) за унапредување на слободата на изразување и спротивставување на дезинформациите преку иницијативи кои промовираат пристап до проверени професионални информации низ целиот регион, во согласност со меѓународните норми за човекови права, преку која било активност, вклучително и размена на вести, едукација, обука и застапување.
КОНЕЧНО, ПОСОЧУВАМЕ дека при воспоставувањето на оваа антидезинформациска мрежа, нашата визија е да одговориме на зголемената побарувачка за информации засновани на факти кај граѓаните од Балканот и да послужиме како модел на прекугранична соработка што ги надминува регионалните граници и ги зголемува политичката и медиумската одговорност ширум светот.

Оваа декларација првично беше потпишана на 2 април 2020 година, Меѓународниот ден на проверка на факти, од страна на соодветно овластени претставници на основачките членови.

Членови на Мрежата против дезинформации за Балканот:

Вистиномер.мк, Порталб.мк и Мета.мк
Фактоје.ал од Албанија
ЈАЈ.гр (Новинари за новинарство) од Грција, овластена од Центарот за медиумска писменост
Црно бели свет (CBS), организација и онлајн портал од Косово
Мировна новинарска лабораторија, Висока школа за новинарство и комуникација со медиумите, Аристотел универзитет во Солун, Грција
Дигитална комуникациска мрежа Центар за Југоисточна Европа, Грција
Истиномер од Србија
Елиника Хоаксес од Грција
Интерњуз Косово, основач на Калзо од Косово
БлуЛинк Фондација, основач на Евромегдан и БлуЛинк сторис од Бугарија

Други заинтересирани организации може да ја поддржат оваа декларација со потпишување писмена согласност за почитување на горенаведените цели на платформата.