Манипулација со историски мапи на Украина

Published on:

Манипулативни објави на Фејсбук прикажуваат историски мапи, на кои се гледа дека територијата на денешна Украина некогаш била под власта на нејзините соседи, што создава впечаток дека таа е вештачка творба, составена од туѓи територии. Воедно, се турка и наративот дека Украина ги добила тие територии како „подарок на тацна“, но во реалноста, Украинците воделе напорна и долготрајна борба за нивно ослободување

 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук е споделена историска мапа, која го опфаќа она што денес е Република Украина, а таа мапа е проследена со следниве зборови:

Дали Русија треба да размисли за враќање на историските полски, романски, словачки и унгарски земји кои моментално се наоѓаат во Украина?

Слични мапи има и во други објави, па оваа рецензија важи и за нив. На тие мапи се гледа дека територијата на денешна Украина некогаш била под власта на нејзините соседи, што создава впечаток дека таа е вештачка творба, составена од туѓи територии.

Мапа од објавата која е предмет на нашата рецензија.

Авторот на објавата, на која сега ќе се сконцентрираме, не ја познава Украина, па не сфаќа дека во горниот десен агол на мапата која ја објавил се споменати две украински држави, кои накусо се осамостоиле по падот на Руската и Австро-Унгарската Империја во 1918 г.: Украинската Народна Република и Западноукраинската Народна Република, кои потоа се обединиле. Тоа е доказ дека Украинците  воделе борба за ослободување и обединување, што објавата го премолчува. Таа независна и обединета Украина потоа била нападната од Советска Русија и Полска, па така поголемиот дел од Украина се нашол под советска власт, а оној западниот – под полска, што е прикажано на мапата во објавата, но таа тоа не го објаснува.

Мапа од слична објава.

Во 1939 г., Москва и Хитлер си ја поделиле Полска, по што Москва ја припоила Западна Украина кон Советска Украина, но не за да ги ослободи западните Украинци, туку за да ги подјарми, што кај нив создало револт. Тука настанал наративот дека Москва им подарила територии на Украинците, на што тие биле неблагодарни, но притоа се занемарува фактот дека тие самите претходно се бореле за тие територии, што веќе го кажавме.

Да го споредиме тоа со Северна Македонија. И нејзината територија некогаш била под туѓа власт, па би било ли умесно некој сега да ни мавта со мапа од Османлиската Империја или Вардарската Бановина? И умесно ли е да се рече дека великосрпските освојувачи ја ослободиле Вардарска Македонија од Османлиите и дека ни ја подариле „на тацна“? А каде е тука Илинден и сите тие жртви? Ете така некако Москва се однесува кон украинската историја, а истото го прави и објавата.

Објавата укажува и дека Задкарпатската Област на Украина некогаш ѝ припаѓала на Унгарија или Чехословачка. Тоа е вистина, но Украинците и таму создале држава, додуша повторно краткотрајна, Карпатска Украина, во 1939 г. Тие имале и други (кажано со наш речник) „Крушевски Републики“ како Република Команча и Хуцулската Република (1918 – 1919). Тука може многу да се додаде, но, накусо, каде и да имало Украинци, таму имало и нивно национално движење, востанија и сл.

Мапата во објавата ни покажува и дека голем дел од Украина некогаш бил под руска власт, но не објаснува како дошло до тоа, а и мапата е малку лошо дизајнирана. Претходно, тоа било под полска власт, која ја истерале украинските козаци на Богдан Хмељницки, а тие потоа создале држава, која ја загубила независноста заради штетниот сојузнички договор со Русија во 1654 г.

Тоа се однесуваше на она што е денес Централна Украина, а Русите подоцна го зазеле и она што денес е нејзиниот југ и исток. Тоа тогаш била слабонаселена степа, т.н. Диво поле, по што британски претприемачи таму ги подигнале градовите Донецк и Луганск. Но, согласно пописот од 1897 г., мнозинство на тие простори сепак биле Украинците. Кој и таму да владеел, таму секако живееле Украинци.

Во 1783 г. Русите го зазеле и Крим, а мапата во објавата создава впечаток дека тоа отсекогаш била руска територија, која ѝ била подарена на Украина во 1954 г. Но, до руското освојување, таму опстојувала државата на Кримските Татари. Под руска власт тие биле угнетувани и станале малцинство во својата земја, па затоа сакаат да бидат дел од Украина. Во 1918 г. украинската војска заедно со Кримските Татари накусо ја изгониле руската власт од Крим, но објавата и за тоа молчи.

И уште, предавањето на Крим од Русија на Украина во 1954 г. не бил единствен случај на менување на границите меѓу советските републики. При тие разграничувања, и Украинците загубиле територии, кои ги сметале за свои, а кои завршиле во Русија (Таганрог, Белгород и др.).

Согласно Будимпештанскиот меморандум од 1994 г., Украина ѝ го предала на Русија своето советско нуклеарно оружје, а Русија се обврзала дека ќе го почитува суверенитетот на Украина, со што требало да се надминат сите несогласувања. Но, во 2014 г. Русија тргна во агресија и почна да мавта со историски мапи, кои, како што објаснивме, не се никакво оправдание или аргумент.

И на крај, најпознат пример за држава, создадена од туѓи и заграбени територии, е Русија, а тоа се: Татарстан, Башкортостан, Удмуртија, Черкезија, Чеченија, Дагестан, Алтај, Бурјатија, Јакутија, Чукотка и др. Калининград некогаш бил германскиот Кенигсберг, добар дел од она што е денес руската Карелија ѝ припаѓал на Финска, дел од Курилите и Сахалин биле јапонски, Владивосток бил кинески итн.

Земајќи го предвид сето тоа, оценуваме дека објавата премолчува низа битни факти, доведувајќи ја јавноста во заблуда, т.е. оценуваме дека објавата страда од недостаток на контекст.