Храната како повод и алатка за дезинформации и хибридна војна

Published on:

Дезинформацискиот фронт во врска со храната особено стана силен со почетокот на руската воена инвазија врз Украина. Во мај 2022 година, руските власти и државните медиуми ги засилија напорите да ги обвинат Соединетите Американски Држави, Европската Унија и другите западни сојузници за глобален недостиг на храна предизвикан од војната во Украина. Сметките на социјалните мрежи поврзани со Кремљ тврдеа дека западните санкции и макроекономските грешки ја поттикнале кризата со храна, а не руската инвазија на Украина

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Со цел да ги протурка своите геополитички цели, Руската Федерација користи повеќе алатки за пропаганда, а темите се различни – глобални и регионални, националистички, етнички, економски и т.н. Пропагандата на Кремљ ги шири своите пипци како октопод во сите сегменти на општественото делување и преку добра организираност и поставеност успева да продре и во порите на најдемократски развиените земји.

Особено ранливи на оваа пропаганда се земјите од Западен Балкан. Руската пропаганда е силна на Балканот, и тоа особено во земјите од регионот кои ја поддржуваат Москва или каде што значителен дел од популацијата е благонаклонет кон Москва.

Покрај бројните дезинформации кои Русија успева да ги протне на овие простори се и дезинформациите за производството на храна во Европа и сѐ што е поврзано со тоа. Целта на овие лаги е да се предизвика страв и поделба кај тие што Кремљ ги смета за непријатели,  да се прошират измислици за поддршка на традиционалните долгорочни наративи на Кремљ дека Западот е декадентен и само што не пропаднал, дека Западот и ЕУ сè повеќе се губат во сопствениот безизлез и несигурност, што се одразува и врз обичните граѓани.

Дезинформацискиот фронт во врска со храната особено стана силен со почетокот на руската воена инвазија врз Украина. Во мај 2022 година, руските власти и државните медиуми ги засилија напорите да ги обвинат Соединетите Американски Држави, Европската Унија и другите западни сојузници за глобален недостиг на храна предизвикан од војната во Украина. Сметките на социјалните мрежи поврзани со Кремљ тврдеа дека западните санкции и макроекономските грешки ја поттикнале кризата со храна, а не руската инвазија на Украина.

Гласниците поврзани со Москва, исто така, ја обвинија Украина за блокирање на испораките на храна од рударските пристаништа и тврдеа дека украинските војници „запалиле 50.000 тони жито“.

Руското Министерство за одбрана го обвини Киев за „тероризам со храна“. На 22 јули, Русија и Украина постигнаа договор за обезбедување безбеден извоз на украински земјоделски производи, принудувајќи ја руската пропагандна кампања околу ова прашање да го смени својот фокус.

Откако на Кремљ не му успеа да го убеди светот дека „ќе умреме за храна по вина на Украина и Западот“, пропагандата почна да користи други манипулации. Во последно време сведоци сме на лаги во кои се тврди дека Европската Унија сите ќе нè принуди да јадеме инсекти, наводно заради заштита на животната средина, дека овошјето и зеленчукот во ЕУ и пошироко е генетски модифицирано и Европската Унија има тајна агенда за уништување на традиционалното земјоделство.

Руските дезинформации поврзани со храната се шират не само во македонскиот медиумски простор, туку и во земјите од регионот, на социјалните мрежи од профили или од Фејсбук страници што редовно споделуваат содржини во корист на Кремљ.

 

ПРОТЕСТИТЕ НА ХОЛАНДСКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ – ПЛОДНА ПОЧВА ЗА РУСКАТА ПРОПАГАНДА

Кога холандската влада во јуни 2022 година ги објави плановите за намалување на одредени емисии на стакленички гасови за дури 70 отсто, фармерите излегоа на масовен протест. Поради еколошките планови на владата и законите за намалување на азотното загадување, имајќи предвид дека станува збор за далекусежни мерки, некои од земјоделците, можеа  да бидат ставени пред ултиматум или да ги имплементираат истите, или да треба да ги продадат своите фарми. Но, каков избор и да се одлучеа да направат фармерите, холандските власти имаат обезбедено фонд токму за оваа намена во износ од значителни 25 милијарди евра.

Поради ваквите мерки, земјоделците со своите трактори го блокираа сообраќајот на автопатите, фрлаа ѓубриво по улиците и запалија бали сено.

Холандските протести на Кремљ му послужија како алатка за потхранување на нова вознемирувачка теорија на заговор дека: западните нации се обидуваат да наметнат масовна глад и да поттикнат потчинување, со ограничување и собирање на снабдувањето со храна во светот. А, новите еколошки регулативи во Холандија, според теоретичарите на заговор, се дел од поширокиот заговор на либералните креатори на политики за користење на климатските промени како итрина за преземање контрола врз земјоделската индустрија.

Кај нас на социјалните мрежи имаше обиди протестите на земјоделците во Холандија да се претстават како протести против наводниот план на холандската влада (по инструкции на Клаус Шваб, германскиот претседавач на Светскиот економски форум  и според теоретичарите на заговор – лидер на некаков нов светски поредок), да заплени 3.000 фарми во приватна сопственост и да ги отстрани фармерите од нивната земја со цел таму да смести мигранти. За да ги провериме овие тврдења стапивме во контакт со колеги факт чекери од Холандија. Марике Киперс од сајтот за проверка на факти nieuwscheckers-nl ни посочи неколку линкови од објави на холандски сајтови со цел да ги дебанкираме тврдењата изнесени во постот.

Холандските сајтови уште во јуни 2022 година пишувале дека не е точно оти холандските земјоделци биле принудени да ги отстапат своите фарми за сместување на мигранти.

Овие дезинформации се ширеа и во Босна и Херцеговина, но како план на Бил Гејтс  во согласност со „Агенда 2030“ и „Големиот ресет“. Колегите од Раскринкавање заклучија дека теоријата на заговор дека овие настани се дел од глобалниот заговор за гладување на населението, дека Светскиот економски форум ја контролира холандската влада и дека земјоделското земјиште ќе се користи за сместување на мигрантите е верзија на теоријата за „голема замена на населението“ – расистичка теорија на заговор која вели дека елитите во сенка ја заменуваат белата раса со мигранти.

 

ЕУ НЕМА ДА ГО УНИШТИ ТРАДИЦИОНАЛНОТО ПРОИЗВОДСТВО  

Во контекст на „Агенда 30“ се ширеа и невистини дека ЕУ планира до 2030 година да го уништи земјоделството и сточниот фонд. Наспроти дезинформациите, фактите се дека целта на Европската комисија е во наредните 10 години, 25 проценти од земјоделството да биде искористено за органското производство.

Ваквиот вид на земјоделство, односно органското производство, користи природни супстанци и има помалку штетен ефект врз животната средина. Земјоделците што работат органско производство користат повеќе обновливи ресурси и внимаваат да биде заштитен еколошкиот биодиверзитет преку, на пример, одговорна употреба на водата. Органското земјоделство налага и построга заштита на животните и нивните потреби.

Разликата меѓу конвенционално и органско производство е во тоа што во органското производство не се употребуваат хербициди и пестициди и примената на ѓубрива и заштитни средства е контролирана, објаснува во изјава за Вистиномер Ленче Николовска, експерт за земјоделство и директорка на веб „Агротим“.

Според неа, органското производство е хит во Европската Унија и е одлична можност за македонското земјоделско производство по што можеме да бидеме препознаени и конкурентни. Но засега, додава Николовска, повеќе се зборува отколку што се прави, што покажува и катастрофално нискиот процент од 3 отсто во споредба со конвенционалното производство.

Или за споредба, од речиси 70.000 земјоделци и стопанства кои се пријавуваат за субвенции секоја година, според ДЗС, само 888 се органски производители, а има и намалување од минатата година. Вкупната површина со растително органско производство изнесуваа 4.215 хектари, од кои 1.475 хектари се површини на органско производство во преод. За да биде органски производот, да добие сертификат мора да помине три години со извршени агротехнички мерки за органско производство, тие две години се „преод“. Во сточарското производство исто е низок процентот, но и секоја година се намалува, освен во пчеларството каде што се забележува значителен пораст на сертифициран органски мед. Причините се исти со години, прво неинформираноста на земјоделските производители, немање сериозен пазар за овие производи и мотивација од страна на институциите со повеќе мерки кои ќе го зголемат домашното органско производство, вели Николовска.

Таа додава дека преку платформата „Агротим“ работеле проект – Договорно производство на органска пиперка две сезони, со поддршка на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, кој бил одлично прифатен и дал резултати.

Тоа значи дека земјоделските производители доколку бидат информирани и имаат обезбедено пласман на производите не е никаков проблем да се произведе органски. Тука помага и мерката субвенции за добивање на сертификат како и 50 отсто повисоките субвенции за органските производи. Да резимирам, имаме услови, земјоделци кои сакаат да произведуваат, нови модерни технологии и средства за заштита и прихрана кои со цена се слични на хемиските препарати и имаат подеднаков ефект за да се добие квалитетен органски производ. Недостига систем, стратегија, нови мерки и би рекла повеќе работа на терен за да го зголемиме домашното производство на органска храна која е хит во ЕУ, додава Николовска.

Фото: Агротим

ХРАНАТА ВО ЕУ НЕ Е ГЕНЕТСКИ МОДИФИЦИРАНА

За да ги разбесни граѓаните на ЕУ кои им веруваат на своите влади и да за да посее страв меѓу оние кои се сомневаат во намерите на своите влади, Кремљ оди уште подалеку и се обидува да ги убеди луѓето дека целата храна во супермаркетите е генетски модифицирана. „Доказ“ за сето тоа е изјава на наводен „украински бегалец“ зад камерата (чие лице никогаш не го гледаме и чиј идентитет е скриен) кој шета низ супермаркет во Германија, лутејќи се, па дури и фрлајќи храна од тезгите наоколу, истовремено тврдејќи дека таа е или без вкус или има вкус на пластика.

Се дезинформира и дека сета храна која ја увезуваме од ЕУ содржи ГМО соја и емулгатори. Во Македонија сè уште нема такво нешто. Имено, правната рамка за ГМО храната е пропишана со Законот за генетски модифицирани организми и Законот за безбедност на храната, каде што во член 4 став 1 точка 61 е дефинирана ГМО храната и одредбите во член 56 кои се однесуваат на ГМО храната. Со одлука на Владата на РСМ овие одредби имаат одложена примена и ќе важат по приемот на С. Македонија во Европската Унија.

Во Европската Унија, ГМО храната подлежи на строги правила на контрола и авторизација пред да се стави на пазарот со цел да се осигури, односно гарантира нејзината безбедност, а со тоа да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на потрошувачите.

Пропагандата на Кремљ отиде и чекор понатаму убедувајќи ги граѓаните на Србија и на Босна и Херцеговина дека консумираат генетски модифицирани банани. Лагата која се прошири во овие две земји гласеше идентично:

Почетниот број осум на декларацијата ви испраќа многу предупредувачка порака, имено дека таквата храна е генетски модифицирана (ГМО). Ваквите банани на себе го имаат бројот 84011. Инаку, ГМО се организми чиј генетски материјал е променет со користење на различни методи на генетски инженеринг, најчесто со вметнување на дел од наследниот материјал (ДНК) на еден организам во ДНК на друг организам.

Во Србија има „нулта толеранција“ за производство и трговија на ГМО, бидејќи циркулацијата на таква стока во земјата е забранета со „ јасен и ригорозен“ Закон за генетски модифицирани организми.

Како што е наведено на веб-страницата на Агенцијата за безбедност на храна на Босна и Херцеговина, правната рамка во областа на генетски модифицираните организми во Босна и Херцеговина вклучува десет различни закони, одлуки и прописи. Како што пишува Раскринкавање.ба, според законодавството кое е во сила во БиХ, етикетирањето на генетски модифицираната храна подразбира натписи кои јасно укажуваат дека таква храна е во прашање.

 

ЕУ НЕМА ДА НÈ НАТЕРА СИТЕ ДА ЈАДЕМЕ ИНСЕКТИ

Најголемиот страв кој се прошири во регионот, а кој секако го поттикнаа дезинформациите излезени од кујната на Кремљ, е дека ЕУ ќе нѐ натера сите да јадеме инсекти место месо, односно, ако си за ЕУ мора да јадеш инсекти за да не умреш!

Во БиХ се ширеа лаги преку наводна изјава на Клаус Шваб дека „ќе јадете бубачки и инсекти, нема да имате ништо и ќе бидете среќни“.

Во Србија, пак, на Фејсбук стана вирално видео од приватна градинка во Полска на кое се гледаат деца кои се обидуваат да јадат инсекти. Видеото се споделуваше со тврдења дека децата во градинка се „принудени да јадат инсекти“ и дека инсектите „редовно се служат како закуска во Полска“.

Одлуката на ЕУ во јануари 2023 година, да одобри некои производи добиени од инсекти за човечка исхрана, предизвика бран на дезинформации ширум Унијата. Во многу земји-членки се појавија лажни вести за инсекти скриени во храната или за инсекти кои се опасни за човечка исхрана. Во некои источноевропски земји руската пропаганда ги искористи тековните дезинформации за да воспостави врска со постоечки наратив кој ги преувеличува негативните последици од војната во Украина и санкциите врз европскиот начин на живот.

Во својата анализа за лажните вести поврзани со инсектите за јадење, Едмо.еу идентификува три главни дезинформациски наративи, меѓу кои и тој дека граѓаните на ЕУ ќе јадат инсекти дури и против нивна волја.

Европската комисија донесе регулатива со која од 3 јануари 2023 година на пазарот се одобрува употребата на прав од акета доместикус (домашен штурец), како нова храна. Според документот објавен на линкот, на 24 јули 2019 година компанијата „Крикет Оне Ко“ (апликантот), аплицирала во Европската комисија за авторизација на овој прав на пазарот во ЕУ како нова храна. Правот е од домашен штурец со намера да се користи во целозрнести лебови, крекери и лепчиња, во житни барови, суви миксови за печење, бисквити, производи од паста со и без полнење, сосови, процесирани производи од компири, пица, супи и концентрати за супа, пијалаци слични на пиво, во чоколадо и други производи наменети за широката популација.

На 23 март 2022 година Европската комисија усвои научно мислење за безбедноста на овој прав. Во научното мислење, се вели дека правот од домашен штурец е безбеден ако се користи под пропишаните услови и ако се користи во нивоата и количините кои се пропишани.

 

ПРОПАГАНДАТА НА КРЕМЉ ИЗМИСЛИ И ФАБРИКИ ЗА ЧОВЕЧКО МЕСО

Она што можеби како најгрозоморна дезинформација поддржувачи на политиката на Кремљ ја ширеа на социјалните мрежи во регионот е наводното отворање на фабрики за производството на вештачко и на човечко месо во ЕУ со цел уништување на сточарството. Се разбира, сето ова е дел од една поширока конспирација и теорија на заговор дека ЕУ сака да ги уништи земјоделците, фармерите и сточарите и дека ќе не принуди да јадеме инсекти и вештачко месо.

Во Македонија, преку сатирични и монтирани видеоснимки се правеа обиди да се убедат граѓаните дека СЗО одобрила производство на човечко месо, како и дека учесници во реално шоу јаделе човечко месо.

Видеоснимката која наводно докажува дека СЗО одобрила производство на човечко месо е британски мокументарец насловен: „The British Miracle Meat“. Мокументарец е вид на телевизиско шоу кое претставува фиктивни настани презентирани како да се документарец. Овие продукции често се користат за да се анализираат или да се коментираат настани кои се актуелни во фиктивен сетинг или за пародија. Мокументарците вообичаено се комични.

Во конкретниот случај, видеоснимката прикажува дел од британскиот мокументарец насловен The British Miracle Meat. Тоа е сатирична псевдо-документарна комедија емитувана на британскиот телевизиски канал „Channel 4” на 24 јули 2023 година. Во Велика Британија не постојат фабрики кои произведуваат човечко месо.

Ова сатирично видео со тврдење дека во Британија се произведува човечко месо се прошири и во Србија. Во Србија се ширеа и лаги дека во Финска се појавила брза храна со човечко месо, а се ширеше и „предупредување“ дека не треба да се јаде мелено месо од масовно производство во Европа, бидејќи наводно „во него е откриено човечко месо“.

  

И РЕСЕНСКИТЕ ЈАБОЛКА НА УДАР НА КРЕМЉ

Колатерална штета на руското влијание и притисоци, во ек на силна воена инвазија врз Украина, беа и ресенските јаболка, за што Вистиномер веќе пишуваше.

Во декември 2022, од Федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација (Роселхознадзор) решија да забранат увоз на илјадници тони преспанско јаболко, под изговор дека во еден од пакетите е најдена кафена смрдлива бубачка „halyomorpha halys“.

Оваа бубачка е познат штетник, како што вели претседателот на здружението на овоштари од Ресен, Љубе Пампулески за Глас на Америка. Ја имало и претходните години, но тоа никогаш не било причина за Русија да го прекине откупот. Доскорешниот евроамбасадор Дејвид Гир, тогаш напомена дека ситуацијата со ресенските јаболка е само еден начин на кој Русија може да го покаже своето влијание.

Според партијата Левица, пак, потегот на Москва е оправдан, логичен след на настаните „поради санкциите кои антинародната влада ги стави спрема Русија“.

Примерот со ресенските јаболка јасно ги отсликува економските притисоци и влијанието на Русија врз помалите играчи на глобалната сцена. Според Глобал Секјурити Ривју, хибридното војување комбинира конвенционални и неконвенционални методи, вклучувајќи воени операции, сајбер војна, кампањи за дезинформација и економски притисок.

Токму ваквите тактики на дестабилизирање на помали држави преку трговско ембарго, политички притисоци, сајбер напади и дезинформации преку пропагандната рака на Спутник и РТ, се секојдневие за тоа како Русија оперира на поголемата светска сцена.

Според некои експерти, највознемирувачки е како ширењето лаги за несигурноста на храната може да биде уште порадикализирачко од некои од најподмолните теории на заговор што кружат за вакцините, измамата на гласачите и „длабоката држава“ на злите бирократи.

Кога станува збор за снабдувањето со храна, заговорите стануваат егзистенцијални. Ако изгубите избори, можете да ги вратите. Вакцини, добро, ќе се разболите, но веројатно ќе бидете во ред. Но, кога станува збор за храната, станува прашање на избор кој ќе живее и кој ќе умре. И заканата од политичко насилство станува целосно оправдана во главите на одредени луѓе, вели Џоел Финкелштајн, коосновач на Институтот за истражување на мрежата за зараза, кој ја следи омразата и екстремизмот на социјалните мрежи.