Француски документарец злоупотребен за невистини дека македонски војници ќе одат во Украина

Published on:

Видеото споделено во објавата првпат се појавило на интернет во септември 2022 година, истото е извадок од 115-минутен француски документарен филм насловен: „Претседател, Европа и војна“, во кој има дијалози меѓу Макрон, Путин, Зеленски и другите светски лидери. Објавата го пренесува видеото како да е неодамнешен разговор меѓу Макрон и Зеленски и уште тврди дека претседателката Сиљановска Давкова сега „ќе ја испрати АРМ во Укрaина“. Такво нешто нема. Не е првпат на социјалните мрежи погрешно да се тврди дека македонски војници ќе се праќаат или дека веќе се испратени на фронтот во Украина

 

 

Објава на Фејсбук споделува видео од наводен разговор меѓу францускиот и украинскиот претседател Емануел Макрон и Володимир Зеленски, во кој тие зборуваат за Украина, руската инвазија и „лошата“ состојба на фронтот. Во описот на самата објава се тврди дека врховниот командант на  С. Македонија  ќе ја прати АРМ во Украина.

 SEGA BABA ROGA VRHOVNIOT KOMANDANT KE JA PRATI ARM VO UKRAINA, стои во објавата.

Видеото во кое наводно е опишан телефонскиот разговор меѓу Зеленски и Макрон е доста вирално на социјалните мрежи. Видеото наводно покажува како двајцата лидери разговараат за ситуацијата во Украина , при што Зеленски ја изразува својата подготвеност за преговори со Русија и го повикува Западот предводен од САД да се ангажира со рускиот претседател Владимир Путин за да спречи понатамошна ескалација на конфликтот.

Макрон, пак, делува видно загрижен кога ја сфаќа тежината на ситуацијата и прашува за движењето на руските воени сили во Украина, особено во Киев и Одеса. Зеленски потврдува дека руски војници има насекаде во Киев, Одеса, па дури и од Белорусија. Тој нагласува дека обемот на инвазијата е без преседан од 2014 година. Макрон одговара со шокираност, признавајќи дека тоа навистина е „тотална војна“. Зеленски потоа ја истакнува важноста да се разговара со Путин и да се формира антивоена коалиција за да се стави крај на конфликтот преку дипломатски средства, нагласувајќи ја итноста од ова.

За потсетување, Русија ја започна својата инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Сервисот за проверка на фактите PRNigeria утврдил дека видеото споделено во објавата што ја анализираме, првпат се појавило на интернет во септември 2022 година.

Понатамошните наоди откриваат дека снимката е извадок од 115-минутен француски документарец насловен „Претседател, Европа и војна“, кој дава преглед на тоа како францускиот претседател Емануел Макрон, во текот на француското претседавање со ЕУ ја презема задачата да преговара со претседателот Путин во обид да спречи инвазија на Украина. Документарниот филм содржи слични дијалози меѓу Макрон, Путин и другите светски лидери.

Филмот го следи францускиот претседател Макрон и неговите советници во деновите пред избувнувањето на војната во Украина и првите четири месеци од руската инвазија на Украина. Документарецот прикажува уникатен поглед на дипломатската проценка и донесувањето одлуки на светските лидери за време на најголемата криза во Европа од Втората светска војна.

Тимот за проверка на факти од PRNigeria утврдил дека навистина медиумите во 2022 година биле преплавени со извештаи за неколку разговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и францускиот претседател Емануел Макрон во врска со тековната инвазија на Украина од страна на Русија.

На пример, во февруари 2022 година, претседателот Макрон се вклучи во шатл-дипломатија меѓу Русија и Украина. На 1 ноември 2022 година, претседателот Макрон имаше телефонски повик со претседателот Зеленски, каде што разговараа за ситуацијата на теренот и за најновите случувања во контраофанзивата на Украина, пишува PRNigeria.

Значи, видеото кое го споделува објавата што ја анализираме, за првпат се појавило во септември 2022 година и истото е извадок од францускиот документарен филм „Претседател, Европа и војна“, напишан и режиран од новинарот Ги Лагаш, кој содржи слични разговори меѓу Макрон и други светски лидери.

Објавата го пренесува видеото како неодамнешен разговор меѓу Макрон и Зеленски и тврди дека сега претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе испрати војници на АРМ во Укрина.

Такво нешто нема. Не е првпат на социјалните мрежи погрешно да се тврди дека македонски војници ќе се праќаат или дека веќе се испратени на фронтот во Украина.

Вистиномер минатиот месец, анализирајќи едно такво тврдење, се обрати во Министерството за одбрана од каде ни одговорија дека Република Северна Македонија нема свои војници во Украина.

Армијата на Република Северна Македонија во тековниот период има вкупно 185 свои припадници распоредени во мисии, операции и активности на НАТО, ЕУ и ОН. Најголемиот број на припадници и состави учествува во операцијата на НАТО, КФОР во Косово, каде покрај два воени состава во јачина на пешадиски вод имаме и штабен персоналдодека во активностите на НАТО за зајакната будност (EVA) во Романија и Бугарија со состави во јачина од по еден вод, како и зајакнато истурено присуство (EFP) во Летонија со едно одделение. Покрај ова учествуваме со еден вод во мисијата на ЕУ АЛТЕА во Босна и Херцеговина и во мисијата на ОН, УНИФИЛ во Либан со штабен персонал, одговорија од Министерството за одбрана за „Вистиномер“.

Оттаму додадоа дека составот и големината на учеството во операциите и мисиите зависи од заедничките активности и побарувањата кои произлегуваат од состаноците во НАТО, ЕУ и ОН на највисоко државно ниво, како и од капацитетите и можностите кои може да ги исполни Армијата, а кое е резултат на анализите кои ги прави Генералштабот.

Досега во неколку наврати различни профили на Фејсбук, поддржувачи на руската агресија, се обидувале да манипулираат и да шират лажни вести дека НАТО е во војна со Русија и дека членките на НАТО ќе испраќаат војници во Украина. Во тој контекст, била спомнувана и С. Македонија, а вестите од тој тип Вистиномер веќе ги има дебанкирано.

Учеството на државјани од Северна Македонија во странска војска е кривично дело. Армијата на Република Северна Македонија учествува единствено во НАТО и ЕУ мисии и вежби. Неточно е тврдењето дека Министерството за одбрана или министерката подготвуваат списоци за мобилизација. Согласно безбедносните проценки, ситуацијата во земјата е безбедна и стабилна. Министерството за одбрана и министерката Петровска повикуваат на воздржување од ширење на лажни вести и дезинформации, ни одговорија од МО во ноември 2022 година.

Поради сите горенаведени факти, заклучуваме дека на објавата што ја анализираме е погрешна.