„Нулта Тачка“ – канал за антизападна пропаганда во Србија

Published on:

Фото: Kristina Alexanderson/CC-by-sa

Не е многу тешко да се нотира дека секој втор текст на сајтот е анти-западен и креира слика за западните држави како за неправедни, контроверзни и полни со криминал. Теориите на заговор со цел да се внесе немир и несигурност меѓу граѓаните почиваат на неколку постулати односно главни идеи: миграција, Светски економски форум, ковид вакцинација и сè најдобро за Путин и Русија

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Српските проверувачи на факти неодамна го свртеа вниманието на јавноста кон сајтот „Нулта Тачка“  кога анализираа дезинформација пласирана на овој портал со теза за „депопулација на милијарда белци до 2030 година“. Во текстот, како и речиси секогаш кога станува збор за содржини од оваа веб-страница, „лошите момци“ се Западот, Украина, САД, како и Светскиот економски форум (СЕФ). Во конкретниот случај дури и измислија дека постои документ – меморандум на СЕФ со кој се заговара депопулација на белото население, иако таков никогаш не постоел.

„Нулта Тачка“ е честа инспирација за проверување факти не само во Северна Македонија, туку на целиот Балкан поради српскиот јазик, разбирлив во сите држави од поранешна Југославија, каде што беше домнантен јазик. Во текот на ковид пандемијата, од овој сајт континуирано беа објавувани дезинформации против вакцините. Еден од модусите за пласирање дезинформации, кој го користи оваа веб-страница, е и тоа дека пронаоѓаат вистинита вест, или вистинит медиумски извештај, за потоа во него да се додаде комплетна измислица и така тој да стане дезинформација.  

Една од дезинформациите на Нулта Тачка за С. Македонија пренесена и преку социјалните мрежи беше тема на рецензија и во Вистиномер

Еден таков наслов на сајтот гласи: „ЕУ бара од Илион Маск да ангажира повеќе цензори на Твитер – има преголема слобода на говорот“. Во текстот се користи зборот „цензори“ како намерна замена за зборот „модератори“ на содржини на Твитер, што не е исто со „цензори“, а дополнително измислен е и дел од цитатот на сајтот, односно измислени се зборовите „има преголема слобода на говорот“.

 

Сопственикот на „Нулта Тачка“ го направи Макрон геј

„Фејк њуз трагач“ месецов го улови основачот на „Нулта Тачка“ Марио Бојиќ, како на социјалната мрежа Икс објави фотографија од францускиот претседател Емануел Макрон на која како да се бакнува со непознат маж на јахта. Меѓутоа, станува збор за фотографија извлечена од видео-материјал креиран со помош на вештачка интелигенција.

Сопственикот на Нулта Тачка уловен во ширење дезинформации, овој пат за Макрон

Портфолиото на „Нулта Тачка“ во споделување анти-западни наративи и текстови кои што му одат во полза на Кремљ е богато. Не е многу тешко да се нотира дека секој втор текст на сајтот е анти-западен и креира слика за западните држави како за неправедни, контроверзни и полни со криминал. Теориите на заговор со цел да се внесе немир и несигурност меѓу граѓаните почиваат на неколку постулати, односно главни идеи: миграција, Светски економски форум, ковид вакцинација и се најдобро за Путин и Русија.

Трендот, воената инвазија што Русија ја почна врз Украина во февруари 2022 година да се префрли на контото на НАТО и ЕУ, односно тие да се обвинат за нејзини планери и поттикнувачи, не сопира и во 2024 година. Така, на „Нулта Тачка“ се цитираат само извори кои предупредуваат на ескалација на состојбата во Украина и тоа во меѓународни размери преку таканаречена Трета Светска Војна. Тоа се прави само преку цитирање на извори што се критизери на помошта за Украина за самоодбрана. На 21 август годинава „Нулта Тачка“ пишува:

Западните поддржувачи на Украина би можеле да предизвикаат Трета светска војна ако на Киев му обезбедат оружје кое може да се користи за гаѓање на цели на руско тло, рече заменикот на италијанскиот премиер Матео Салвини.

Салвини е краен десничар, критикуван во минатото за неговата поддршка за Путин и има објавувано проруски ставови на социјалните мрежи. Тој е чест извор и на руската РТ, а во случајов и за изјавата дека „западот ризикува да предизвика Трета Светска Војна“ со испраќањето помош за Украина, додуша со оружје со долг дострел што може да се упоребува и на руска територија.

Дополнително, во текстовите на „Нулта Тачка“ се користи терминологија која што го претставува Западот како цензор и наредбодавач да се случи војната во Украина, која, всушност, ја започна токму Русија и тоа уште во 2014 година најпрво со анексијата на Крим. Така, на пример, во текст од 24 август годинава се пренесува изјава на Кадиров со следното:

Украинските власти од западните господари ја добија командата да уништат сè што има врска со Русија. Киевскиот режим по команда на Западот, одлучи да ја забрани канонската Украинска православна црква и поради тоа со Украина не треба да се преговара, туку треба да се оди до крај. Самиот шејтан (ѓавол н.з.) не би можел да смисли такво нешто, а не пак човек. Затоа треба да се уништат. Немаат вера, ниту нешто човечко. Не размислуваат за ништо.

Во едностраните пропагандистички ставови кои го одразуваат само светогледот на Кремљ, а кои на „Нулта Тачка“ непречено виреат, секако се „забораваат“ да се истакне дека мнозинството Украинци се православни христијани, но дека онаа гранка од црквата поврзана со Русија (позната под името Украинска православна црква), е таа која што во Украина беше забранета неодамна со обвинување за соучесништво со Москва во инвазијата на Украина.

Раководството на Украина ја обвини Украинска православна црква дека ја оправдува војната врз Украина и дека шири проруска пропаганда, како и дека вдомува шпиони во црквите. Тоа не е под никаква команда на Западот, туку е домашна работа на суверена и самостојна држава, каква што е Украина која функционира во воена состојба повеќе од 2 години. Властите на Украина покренаа повеќе обвиненија за криминал, вклучително и за предавство против повеќе свештеници од Украинската православна црква. Барем еден свештеник е пратен во Русија како дел од размена на затвореници. Анкетите во Украина покажаа дека 82 проценти од Украинците не ѝ веруваат на Украинската православна црква, а само 8 проценти од граѓаните ѝ веруваат. И уште еден детал не постои во споменатиот текст на српскиот портал, а тоа е дека Независната Православна црква на Украина (различно од Украинска православна црква), е таа преку која големо мнозинство од украинските православни христијани ја практикуваат својата вера.

Дури и темите кои се однесуваат на дамнешни настани поврзани со употреба на принудна работна сила од страна на окупираните Полјаци во времето на нацистичка Германија, на „Нулта Тачка“ се тенденциозно се пренесени, па кога се известува за германска компанија што произведува бисквити, а која од 1940 до 1945 година користела ваква работна сила за функционирање на погоните, не се наведува најважното – дека компанијата се извинува за тој период.

Наместо тоа, тенденциозно „Нулта Тачка“ посочува дека „признале дека богатството го стекнале со принудна работа“. Во текстот на „Нулта Тачка“ не е наведено ни тоа дека компанијата за бисквити, инаку производител на познатите Лајбниц путер колачиња, доброволно плати 750 илјади евра во 2000-2001 година на фондација формирана од германски фирми, за да се компензираат 20 милиони принудни работници, експлоатирани од нацистите.

„Нулта Тачка“ се обидува да креира и непостоечки тензии меѓу западни држави и Украина, со невистинити наслови на текстови. Имено, во текстот „Холандската влада ќе ги преиспита своите односи со Украина ако се докаже вмешаност на Киев во саботажата на Северен Тек“, самиот текст се однесува само на наведувачки прашања без одговор, односно никој нема кажано дека ќе се преиспитуваат односите, освен авторот на текстот на „Нулта Тачка“. Дури и во самиот текст насловот е демантиран! Имено, се работи за прашања поставени од крајно десничарски пратеници, без никаков одговор од холандската влада, ниту пак известување дека тие „ќе ги преиспитаат односите со Украина“.
Ако е точно дека претседателот Зеленски однапред знаел за нападот, можете ли да кажете кои се последиците? Ако не, зошто не, пишува во текстот на „Нулта Тачка“ во кој се цитираат прашања поставени од десничарски пратеници во Холандија, на кои нема одговор од владата.
Во текстот дополнително, се слушаат истите гласови кои провејуваа од Кремљ, за наводната „нелегитимност“ на претседателот на Украина Зеленски. Токму Владимир Путин и Русија беа тие што го оспоруваа неговиот легитимитет, а не западните држави, но сепак во текстот на „Нулта Тачка“ пишува:
Многумина го доведоа под знак прашање легитимитетот на украинскиот лидер откако неговиот претседателски мандат заврши официјално во мај.

Дезинформации и манипулации и за мигрантите

Не изостанува ниту покривањето на темата миграција и тоа на контроверзен и неетички начин. Се забележува тенденција да се претстави миграцијата како неконтролабилен „проблем“ во Европа. Сосема непрофесионално се изедначува бројот на случаи во кои странци барале азил, со бројот на нелегални миграции. Се релативизираат делата со кои се поттикнуваат нереди, но и се прави обид да се претстави Германија како лулка на криминалот. Ваква „аналитика“ има за повеќе држави од Европската Унија, ама истата изостанува за Русија за која не се прават „анализи“ ни за криминалот, ни за миграцијата, ни за човековите права, односно за Русија не се изразува интерес за разгледување на нејзините внатрешни прашања. Со мали исклучоци, кои повторно служат само за целта да се стигматизира ЕУ, да се глорифицира Русија како лулка на традиционалните вредности и семејството за сметка на маргинализираните групи во ЕУ кои се стигматизираат.
Така, во текст на „Нулта Тачка“, кој се однесува на епидемијата со мајмунски сипаници, се наведува дека во Русија не се плашат од нив, бидејќи немаат мажи што имаат секс со мажи, туку имаат традиционални вредности, па затоа нема од што да се плашат кога станува збор за оваа болест. Сепак, СЗО има регистрирано 4 случаи на мајмунски сипаници во Руската Федерација. Настрана фактот што хомосексуалните односи се само еден од начините на кои се пренесува оваа болест. Има многу други начини на пренос на телесни течности од заболено лице, кои се далеку, далеку почести кога станува збор за ширењето на оваа болест.
Пропагандата за традиционалните вредности кои штителе од мајмунски сипаници, на „Нулта Тачка“ не се доведува под знак прашалник, ама се доведува под знак прашање се што се случува во европските држави. Така, на пример, се нарекува „цензура“ одлуката на општинска администрација во Амстердам, да не се користи апликацијата Телеграм на службените телефони на административците, иако таа не се однесува на другите градови во Холандија, ниту пак на приватните телефони.
Не изостануваат ниту пропагандните невистини кои му одат во прилог на Кремљ за Олимписките игри, како и таа дека алжирската боксерка Имане Келиф била трансродова личност, што не е точно, бидејќи таа е жена, а и во Алжир е забранета промена на полот.
Фото: скриншот
Генерално, освен теориите на заговор за вакцините и ковид 19, најкористените и најактуелни теми на Нулта Тачка се дискредитацијата на Западот и презентирањето на крајно десничарски полуинформации, со цел да се презентираат западните држави како неправедни, криминални и репресивни. Понатаму, се дезинформира и се пласираат теории на заговор за миграцијата. И последно, секако, се презентирааат изјави и гледишта кои имаат за цел да ја претстават Украина како „лошото момче“ во војната во која е нападната страна и во која се брани. Затоа, „Нулта Тачка“ е предмет на рецензии од бројни балкански проверувачи на факти кои заеднички го карактеризираат овој сајт како пласирач на теории на заговори и полуизмислици.