Увезен антикатолицизам пресаден на македонско тло

Published on:

На социјалните мрежи можат да се забележат актуелни појави на антикатолицизам, а се манипулира и со православните чувства на македонските граѓани. Ваквата промоција на антикатолицизмот пристигнува или од соседството или од Русија и тоа јасно се гледа од реториката се која се вршат ваквите напади. Иако Македонците се главно православни, антикатолицизмот кај нас нема традиција. Османлиска Македонија прилично страдала од православната црковна пропаганда која била асимилаторска, а спас од неа некои во минатото наоѓале и во соработка со Ватикан, која егзистира и денес 

 

Пишува: Вангел Башевски

 

По социјалните мрежи сега има еден новокомпониран антикатолицизам, кој кај нас нема реална историска основа, ниту традиција, а кој повремено се увезува од соседството, но и од подалеку, од Русија, каде непријателството кон Ватикан е поизразено. На социјалните мрежи има објави во кои провејува антикатоличка реторика, зачинета со пропагандата на Кремљ, теории на заговор, историски искривувања и слично

 

Примери од социјалните мрежи

Политичарот Љупчо Палевски (кој потоа беше осомничен за убиство) има повикувано на чистење на МПЦ од туѓи инсталации, кои му служат на Ватикан (Сатаната) – како што притоа се изрази. Се тврди и дека тоа била „цијашка фингерајка“ за да се оцрни гостувањето на шефот на руското МНР, Сергеј Лавров, на самитот на ОБСЕ, кој тогаш се одржуваше во Скопје. Тоа гостување беше контроверзно заради руската инвазија врз Украина, а според објавата, тоа била војна на сатанскиот Ватикан против Русија.

Следнава објава ги лоцира таквите инсталации во Бигорскиот манастир, а според неа, тие ја криеле вистината дека Исус бил син на Клеопатра и наследник на Македонското царство, и уште Ватикан подмолно го заменил зборот Македонци во Библијата со Евреи.

Во ватиканските миси се опејува Луцифер – како што тврди друга објава, која најостро го отфрла екуменизмот (соработката меѓу различните христијански деноминации), кого го изедначува со сатанизмот. Мета на таа објава е и поглаварот на МПЦ, кому му се замерува тоа што позитивно ја оценил соработката со Ватикан и за тоа што наводно сакал да ги приклучи македонските верници кон таа „сатанистичка црква“.

Нему му се замерува и тоа што го нарекол Ватикан – Света столица, која за него не треба да е света, со што покажал дека е „антихрист“, а во коментарите под објавата, нејзиниот автор тоа го аргументира со српски националистички извори. А кога сме кај столиците, една објава прашува дали е христијански тоа што Папата седи на трон од злато (што не е точно), додека деца низ светот гладуваат, но револтот на објавата е насочен само кон Папата, а не и кон патријархот на Руската православна црква, на пример, кој, исто така, ужива во раскош.

Некои објави (тука и тука) пренесуваат дека Гордана Сиљановска-Давкова разговарала за евентуален конкордат (специјален договор) со Ватикан. Потпопно е легитимно да се постави прашањето дали е тоа умно и дали тоа ќе му даде премногу привилегии кај нас (ослободување од данок, од кривични истраги и сл.), но овие објави неточно тврдат дека тоа ќе значи покатоличување или унијатство на верниците на МПЦ. Конкордати имаат потпишано повеќето доминантно православни земји: Русија (во 1818 и 1847 г.), Црна Гора (во 1886 г.), Србија (во 1914 г.) и Романија (во 1927 г.) и сите си останале такви до денес.

Инаку, унијати се бивши православци, кои стапиле во унија со Ватикан, прифаќајќи некои негови правила и прифаќајќи го Папата како авторитет, но зачувувајќи притоа некои свои специфики.

 

Историски преглед

Во 1054 г. се случила Големата шизма во христијанството меѓу западниот римокатолицизам (со центар во Ватикан, кајшто доминирал латинскиот јазик) и источното православие (со центар во Вселенската патријаршија во Константинопол, Византија, кајшто доминирал грчкиот). Тоа довело до омраза, војни, присилни верски конверзии и сл.

Во 1182 г. православните жители на Константинопол (главно Грци) извршиле масакр врз своите сограѓани-католици (главно трговци и морепловци од Џенова и Пиза), а во 1204 г., католичките крстоносци, Франките, ги масакрирале православните жители на градот.

Антикатолицизмот е сè уште присутен кај грчките православни фанатици, а секој обид за мир со Ватикан тие го дочекуваат на нож. Пример за тоа се група монаси од Света гора, кои во 1970-тите го лансирале слоганот „Ὀρθοδοξία ἤ θάνατος“ („Православие или смрт“).

Таков фанатизам имало и во царска Русија, чиј слоган бил: „Православие, самодержавие, народность“. Во 19 век таму се појавило движењето на т.н. славјанофили, кои лансирале наративи за „трулиот Запад“, кој е католички или протестантски и како таков е „бездуховен“. Тие повикувале на словенско единство, но не како сојуз на рамноправни народи, туку како сојуз во кој ќе доминира рускиот цар и Руската православна црква.

Нетрпеливоста меѓу неа и католицизмот дошла до израз во руско-полските војни. На териториите кои биле под полска власт, доста од православните станале унијати, а потоа тие потпаднале под руска власт, која ги враќала назад во православие.

Откако Полска и Литванија потпаднале под руска власт, католиците таму биле дискриминирани, некои нивни храмови биле урнати или пренаменети во православни, а биле подигнати и нови, дел од кои Полска ги урнала по своето осамостојување во 1918 г. Иако Русија потпишала конкордат со Ватикан, односите не им биле добри.

Антикатолицизмот го има и кај Србите. Душановиот законик (1349) предвидувал принудно враќање во православие на оние кои се преобратиле во „латинска ерес“ (католицизам) и „азимство“ (причестување со бесквасен леб типично за католицизмот). Свети Сава, пак, ги осудувал католиците како „варварски незнајковци“ во своето Законоправило од 1219 г.

Во 1937 г.во Кралството Југославија избувнале протести на Српската православна црква против потпишувањето на конкордатот со Ватикан, што довело и до нереди.

Таа нетпрпеливост дошла до израз во српско-хрватскиот конфликт, па усташкиот режим вршел не само масакри врз Србите, туку и нивно присилно покатоличување.

Но, нештата не биле така едноставни. Усташите не биле против православието во целина, туку против Српската православна црква, наспроти која создале Хрватска православна црква, која Србите ги асимилирала во православни Хрвати. А во 19 век, во Дубровник се развило национално движење, чии припадници се сметале себеси за Срби-католици. Сето тоа е збунувачки и контроверзно, но генерално, Србите се православни, а Хрватите – католици и таа верска разлика игра голема улога во тој судир.

Католицизмот кај нас не е толку застапен, па не можело да дојде до таков судир, а Османлиска Македонија повеќе страдала од соседните православни црковни пропаганди.

Согласно византиските традиции и османлискиот милет-систем, Вселенската патријаршија ги броела сите свои верници како „Грци“, без оглед на нивното реално етничко потекло и вршела нивна асимилација преку своите училишта. Среде тие „Грци“ подоцна дошло до национално будење, па се појавиле преродбеници како Браќата Миладиновци и Григор Прличев, кои се заложиле за црковно-просветно осамостојување.

Решение за тоа некои виделе во бегство од Патријаршијата и во унија со Ватикан, а тоа се случило во Кукуш во 1859 г. Според православните догми, унијатството е практично предавство – како што оценува грчкиот протоереј и теолог проф. Георгиос Металинос, но на кукушани им било поважно да си го запазат етничкиот идентитет отколку верскиот.

Тие контакти со Ватикан продолжиле и по основањето на СР Македонија и МПЦ. Тоа подразбирало посети на гробот на Св. Кирил во Ватикан, културна и научна соработка, а Друштвото на писателите на Македонија го прогласило Папата Јован Павле Втори за свој почесен член. За сето тоа говори монографијата „Во чест на светите Кирил и Методиј“ на филологот Вера Стојчевска-Антиќ и новинарот Славе Николовски-Катин.

Многу нешта се промениле од 1054 г. Уште во 1964 г. имало обид за надминување на шизмата меѓу католицизмот и православието меѓу Папата Павле Шести и вселенскиот патријарх Атинагора Први, а во 2001 г., Папата Јован Павле Втори се извинил за масакрот во Константинопол во 1204 г., но некои тоа или не го знаат или го отфрлаат.

Сега се појави и можност за нормализација на односите меѓу МПЦ и Вселенската патријаршија (што не е идеално, но е сепак чекор напред), но и тоа се дочекува на нож, па се потсетува на фактот дека таа порано не ни била наклонета, но и на тоа дека во поблиското минато таа ги затоплила односите со Ватикан, за по принципот на „вина преку асоцијација“ и тој да биде обвинет за нејзините гревови кон нас, што е бесмислено. Тоа е една „каша“ од факти и „факти“, чија смисла, се чини е да нема нормализација, украинската и македонската црква вечно да бидат во лимбо, вечно да има тензии и сл.