Со оглед на информациите добиени од страна на Комисијата за хартии од вредност, како регулатор на пазарите со хартии од вредност во земјава, а особено со оглед на фактот што лицата кои ја промовираат инвестицијата не се лиценцирани брокери/инвестициски советници, како и со оглед на фактот што во промоцијата на понудата не се појавува овластено правно лице (брокерска куќа, овластена банка или друштво за управување со инвестициски фондови), како што бара законската регулатива, сметаме дека има бројни индиции кои фрлаат сериозна сенка врз веродостојноста на оваа инвестициска понуда
На социјалните мрежи се појавија повици за инвестирање во компанијата „Соларгруп“, која, според објавите, развива „супериорен, економичен и моќен“ електромотор, кој треба да започне да се произведува од септември оваа година. „Соларгруп“, регистрирана во Вануату (мала држава составена од островски архипелаг во Јужниот Пацифик), има сопственички удел во компанијата „Совелмаш“, која, пак, функционира и работи во Русија.
Во објавите се повикуваат македонските граѓани да инвестираат и купуваат удели во компанијата, директно преку веб страницата на „Соларгруп“.
20.07.2023
Целиот проект на Совелмаш на македонски.
Одличен проект за инвестирање.
Електромотри кои штедат 40% ,кои се 2.5 пати помоќни кои се полесни за 30%.
Руски патент.
Инвестирање на линкот
https://reg.solargroup.pro/zpp405
Сите кои влезат сега добиваат плус 10 000 удели повеќе од пред 17.07
Пакет 500€ -46000…сега е 56 000 удели итн.
Овие удели во 2025 ќе вредат мин 1 $ за акција.
56 000 $ во џеп.
Нека парите работат за вас.
Топол поздрав од Мајк.
Согласно македонското законодавство, односно според член 14 став (1) од Законот за за девизното работење, македонските граѓани можат да вршат упис, да уплатуваат и да тргуваат со хартии од вредност во странство само преку овластен учесник на пазарот на хартии од вредност или преку овластен учесник на странска берза или организиран пазар на хартии од вредност. Директното инвестирање во компанијата „Соларгруп“, како што се повикува на социјалните мрежи, не е во согласност со законот и не подлежи на регулаторна правна заштита.
Според обвластениот македонски берзански и инвестициски регулатор, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), во странски хартии од вредност, по сила на закон, граѓаните на С. Македонија кои живеат во земјава (резиденти) можат да инвестираат единствено со посредство на домашен овластен учесник на пазарот на хартии од вредност (брокерска куќа или овластена банка) или соодветен странски овластен пазарен учесник. КХВ има донесено и Упатство за начинот на работење со хартии од вредност за брокерските куќи и овластените банки надвор од Република Северна Македонија, во кое се пропишува начинот на кој брокерските куќи и банките нудат услуги на прием и пренос на налози за тргување со хартии од вредност од странски пазари.
Компанијата „Соларгруп“, која е малцински сопственик на компанијата „Совелмаш“, не е регистрирана во Русија, туку во Вануату, што отвора дополнителен сомнеж за веродостојноста на инвестицијата и целиот процес. Дополнително, купувачите на акции од компанијата „Соларгруп“, според нивната веб-страница, добиваат само инвестициски договор и личен сертификат, кој треба да ја заштитува нивната инвестиција. Меѓутоа, како што наведоа од Комисијата за хартии од вредност, ваквиот сертификат, издаден од комапнијата, не подлежи на регулирана правна заштита во земјава.
Од КХВ велат дека начинот на кој се повикува на „колективно инвестирање“ од страна на „Соларгруп“ наведува на дизајнирана „понзи“ шема.
Од првичниот увид на интернет страницата https://solargroup.pro/mk и според начинот на тоа како се нуди ткн. „колективно инвестирање“, првичните индиции на Комисијата за хартии од вредност водат кон тоа дека станува збор за дизајнирана ‘понзи’ шема вклучително и охрабрување на инвеститорите да регрутираат нови инвеститори во шемата преку систем на награди, кој може да ги доведе во заблуда граѓаните за легалноста во понуденото инвестирање, велат од КХВ.
Тие ги повикуваат граѓаните, пред да инвестираат, добро да се информираат за сите аспекти поврзани со нивните намери за инвестирање. Информирањето може да го направат во овластените инстутции, како КХВ.
Потенцијалното инвестирање на граѓаните во „Соларгруп“, Комисијата за хартии од вредност врз основа на првичните индиции и сознанија го вбројува во категорија на можни намерни или ненамерни манипулативни активности на инволвираните субјекти насочени кон граѓаните, поради што се наметнува и потребата овие индиции да бидат проследени за проверка од страна на други надлежни органи. Оттука и во меѓувреме, Комисијата ги повикува граѓаните да се воздржат од инвестирање во „Соларгруп“, велат од КХВ.
Исто така, бидејќи компанијата „Соларгруп“ функционира на територија на Руската Федерација, преку инвестицијата во „Совелмаш“, се отвораат и дополнителни дилеми согласно меѓународните санкции кон Русија. Од КХВ велат дека нема експлицитни забрани за инвестирање во руски компании, но, сепак, препорачува претпазливост.
Експлицитна забрана за инвестирање во руски компании нема, но имајќи предвид дека нашата држава во Русија има статус на непријателска земја, останува неизвесно дали е можно да се врши репатријација на паричните средства од било каква купопродажна трансакција, поради што КХВ повикува на претпазливост од страна на инвеститорите, велат од КХВ.
Компанијата „Соларгруп“ е фокусирана на собирање инвестиции од С. Македонија со оглед на тоа што нивната веб-страница е преведена на македонски јазик и одржуваат редовни вебинари и предавања на македонски или со превод на македонски јазик. Помеѓу лицата кои ги водат овие состаноци и ги повикуваат граѓаните да инвестираат се појавуваат и три лица како „партнери на Соларгруп“ од земјава. Од КХВ велат дека овие лица не се лиценцирани инвестициски советници, но, дури и да се, тие не смеат самостојно да даваат услуги, без брокерска куќа, овластена банка или друштво за управување со инвестициски фондови.
По извршена проверка на Регистрите за инвестициски советници, брокери и за инвестициски агенти, се констатира дека лицата: М.П., К.К. и В.П. не се јавуваат во својство на лиценциран брокер ниту на лиценциран инвестициски советник или агент. Но, и покрај овој факт, потенцираме дека и доколку стануваше збор за лиценцирани инвестициски советници согласно со важечките законски прописи, тие не можат самостојно да даваат услуги, бидејќи за тоа единствено се овластени правните лица (брокерски куќи, овластени банки или друштва за управување со инвестициски фондови) кои имаат добиено дозвола од Комисијата за хартии од вредност, ни одговорија од КХВ.
Согласно сите презентирани податоци – и во содржината која ја рецензираме, како и со оглед на информациите добиени од страна на Комисијата за хартии од вредност, како регулатор на пазарите со хартии од вредност во земјава, а особено со оглед на фактот што лицата кои ја промовираат инвестицијата не се лиценцирани брокери/инвестициски советници, како и со оглед на фактот што во промоцијата на понудата не се појавува овластено правно лице (брокерска куќа, овластена банка или друштво за управување со инвестициски фондови), како што бара законската регулатива, сметаме дека има бројни индиции кои фрлаат сериозна сенка врз веродостојноста на оваа инвестициска понуда, заради што рецензираниот пост го оценуваме како невистинит.