Виралното видео со наводната грешка на билборд на среде Тајмс сквер во Њујорк, каде што пишувало „Слава на урината“ наместо „Слава на Украина“ е целосна лага и дезинформација, пуштена да му наштети на угледот и на Украина и на претседателот Володимир Зеленски и на земјата домаќин. За жал повеќе медиуми на македонски јазик без проверка ја објавија оваа дезинформација и на веб сајтовите и на социјалните мрежи
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која се вели дека украинскиот претседател Володимир Зеленски во ОOН бил пречекан со голем гаф „Слава на Урина“. Станува збор за дезинформација, односно манипулирано виодо (deep fake).
Во објавата стои:
„Слава на урина“ наместо „Слава на Украина“, Зеленски пречекан со голем гаф во ОН (ВИДЕО)
А во написот, линкуван во објавата, пак, се вели:
Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега се договараат заедно да произведуваат оружје, а светот ги слуша говорите на светските политичари во Обединетите Нации, на самите улици во Њујорк еден билборд им ја одзеде славата.
Станува збор за неверојатен пропуст направен во форма на поздравна порака во центарот на Њујорк. Имено, на огромниот дигитален билборд наместо „Слава на Украина“ се појави пораката „Слава на урината“.
Компанијата која управува со билбордот објасни дека грешката била предизвикана од интелигентен систем кој автоматски го коригирал зборот „Украина“ во слична форма – урина“ – се наведува во текстот од веста.
Потоа со објавата е споделено и видео од дигитален билборд на Тајм Сквер.
Но, видеото, кое е основа за веста, всушност е лажно и тоа беше откриено уште истиот ден од американскиот јавен сервис NBC News, од страна на истражувачкиот новинара Бен Колинс. Истиот ден кога се појави видеото на мрежата Икс, поранешен Твитер, на 21 септември, Колинс го посети истиот агол на улицата и објави реално видео во живо. Во видеото, тој покажа дека снимката во заднина на Њујорк што била искористена за правење на фотомонтираното лажно видео „Слава на урината“ не се совпаѓа со моменталниот изглед на Тајм Сквер.
Во видеото на Колинс, тој иронично ја пофали „генијалноста на американските градежни работници“, истакнувајќи дека според виралното видео неколку видливи градежни структури очигледно чудесно се промениле за само неколку часа.
Знаете каде пишуваше „Слава на урината“ утрово, а сите скелиња беа таму и сите тие работи беа поинакви?“, праша Колинс во видеото. „Сега сето тоа го нема, и тие отворија нови, целосно нови бизниси, сите денес. Така, тоа е навистина добра работа, Америка. Јас сум многу горд на нас, рече Колинс.
Маркијан Кузмовиќ, аналитичар за дигитални закани на Мајкрософт, исто така на Твитер објави за својата посета на истиот агол на улицата, каде што фотографирал и снимил видео, повторно покажувајќи дека лицето или луѓето кои го создале лажното видео користеле постар клип од Њујорк за да послужи како позадина на дигитално додадени елементи на билбордот „Glory to Urine“.
Аналитичарот на Мајкрософт вели дека видеото е фотомонтажа. Видеото е целосно лажно. Нема вистина за тоа. Тоа никогаш не се случило на Тајм Сквер, ги пренесува зборовите на Кузмовиќ Insiderpaper.com.
Тој наведува дека тоа се гледа по автентичноста на рекламата, односно отсуството на скелиња на раскрсницата 42/8 на Тајмс Сквер. Скелето под тој знак било симнато уште пред неколку месеци.
Не е јасно точно кога е снимено оригиналното видео со заднина во Њујорк, на кое е фотомонтирана видео пораката „Слава на Урина“, ниту пак било јасно каде е првпат објавено. Некои објави споменуваат дека можеби првпат се појавило на руските веб-страници како начин за унапредување на пропагандата додека руската инвазија на Украина продолжува, пишуваат проверувачите на факти од Snopes.com
Ова е уште една голема лага (deep fake). Овој билборд никогаш не ја прикажувал оваа порака и покрај тоа што многу корисници на социјалните мрежи се обидуваат да ги измамат граѓаните да веруваат дека тоа се случи, објави политичкиот новинар Ед Красенстеин. Пораката „Слава на урината“ прикажана на дигитален билборд во Њујорк наместо „Слава на Украина“ не е реална. Клипот, кој се споделува е монтажа, пренесе и Live breaking News. За лажното видео пренесоа и проверувачите на факти од Daily Kos и Reddit.
За разлика од американските медиуми, дел од медиумите на македонски јазик без проблем ја објавија и реобјавија оваа целосно лажна вест, при што објавите беа и на нивните сајтови, што може да се забележи од агрегираните вести на Тајм.мк, како и, се уште, и на нивните сметки на Фејсбук, што може да се види на линковите тука и тука.
Да заклучиме, станува збор за измислено дизајнирано видео, со цел да го понижи претседателот Зеленски. Со оглед на изнесените факти, оценуваме дека оваа објава е дезинформација.