Македонски и бугарски универзитет со руска поврзаност во минатото ќе создаваат магистри во Свети Николе

Published on:

Јавно-приватното партнерство меѓу државниот бугарски Великотрновски универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ (ВТУ) и македонскиот приватен Меѓународен Славјански Универзитет (МСУ) резултираше со понуда на постдипломски студии за македонските студенти на кои ќе им предаваат професори од Бугарија. Двата универзитета, покрај образовната и научната соработка, ги поврзуваат и руските врски, од кои се чини дека полека се ослободуваат. Во време на мртва трка за упис на нови студенти од страна на шесте државни универзитети и двојно повеќе приватни, логично е прашањето – политичка одлука ли е влезот на бугарскиот универзитет во македонскиот образовен систем или природен тек на повеќегодишната соработка, како што тврдат раководствата на двата универзитета?

Пишуваат: Весна Коловска и Гоше Николов

 

Државниот бугарски универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, со регистрацијата во Централен регистер на РСМ од 14 септември 2022 година и официјално ја отвори својата прва филијала во странство. Влезот на бугарскиот државен универзитет во Македонија е одобрен од двете влади – македонската и бугарската, со позитивно мислење од Одборот за акредитација при Агенцијата за квалитет на високото образование (АКВО)..

Во Централниот регистар на РСМ подружницата е запишана во Свети Николе, на истото место каде е регистриран и работи приватниот Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“, а директор е Борче Серафимовски, кој ја врши функцијата и заменик претседател на Управниот одбор на светиниколскиот универзитет.

Отворањето на подружницата на бугарскиот универзитет во Македонија го следеа контроверзии со името кое е речиси идентично со најстариот македонски државен универзитет, „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, додека двете влади беа агилни во спроведувањето на овој проект.

 

Свети Николе наместо Виена 

Половина година по регистрацијата, бугарскиот универзитет сè уште чека на упис на првите постдипломци. Подружницата на  „Св. св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново во Свети Николе доби акредитација за студиски програми од втор циклус и тоа по Англофонски студии, Регионален развој и Компјутерски науки. Наставата и обуката ќе се одвиваат на англиски јазик, а предметите ќе ги предаваат професори од Бугарија кои се дел од Великотрновскиот универзитет. Школарината за студиските програми на ВТУ за македонските студенти варира од 1.300 до 1.500 евра годишно, во зависност од избраната област.

Долгогодишното пријателство било и една од причините Великотрновскиот универзитет да се откаже од идејата својата прва задгранична филијала да ја отвори во Виена, Австрија и да дојде на македонска територија. Вака ни одговори ректорот на Универзитетот во Велико Трново, Христо Бонџолов, кој додава дека кон одлуката за Свети Николе наместо Виена, придонеле и бирократските и визни проблеми на ЕУ, а кои во Северна Македонија ги немало.

Сакав да направам филијала на ВТУ во Виена и имавме пријавено магистерска програма по економија на германски јазик, но работите се искомплицираа и во тоа време почнавме многу успешно да работиме заедно со МСУ на докторски сутдии и решивме да понудиме и магистерски, а за тоа добро е и официјално да се регистрираме во РСМ, како што направивме во Австрија. Ние сме легитимна институција и ги почитуваме законите и правилата за работа, вели Бонџолов.

Идејата за филијала на ВТУ во Северна Македонија, во секој случај, не е нова, а преговорите за овој чекор траеле неколку години. Предлогот  за отворање на студии во Северна Македонија, според бугарското Министерство за образование и наука, дошол од страна на ректорот на Универзитетот во Велико Трново, Бонџолов, додека, пак, тој тврди дека иницијативата потекнува од македонска страна, односно, според него, МСУ го избрал бугарскиот универзитет за негово доаѓање во Северна Македонија.

Бугарските медиуми со внимание го следеа процесот на основа на бугарската филијала во Северна Македонија. Кај бугарското МОН, пак, може да се забележи доза на воодушевување кога соопштува дека „Великотрновскиот универзитет ќе обучува студенти во Северна Македонија“:

Со отворањето на подружницата на Универзитетот во Велико Трново „Св. св. Кирил и Методиј“ ќе се развие повисок степен на меѓународна конкурентност и ќе се поддржи долгогодишната политика на бугарската држава, како за привлекување на странски студенти, така и за продлабочување на добрата интеракција во областа на образованието и науката со Република Северна Македонија.

Одобрувањето на отворањето на светиниколската филијала на ВТУ, поранешниот премиер Зоран Заев рече дека е поткрепа на пријателство, добрососедство и соработка.

Кога некоја високообразовна институција од Бугарја бара да отвори овде Универзитет, а ги исполнува условите, а ние го спречиме и покрај исполнувањето на условите, тогаш не сме пријатели, рече премиерот Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во јуни 2021 година.

Универзитетскиот сајт на ВТУ, пак, ја регистрира посетата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Великонтрновскиот универзитет во 2019 година, каде присуствувал на одбраната на докторатот на митрополитот г. Јосиф. Спасовски на ректорот Бонџолов, како што пишува во веста,  му дал уверување дека е посветен на „брзо спроведување на овој важен проект за двата универзитета“.

 

„Тајните“ бугарски професори

Непознато е колку министерот Спасовски успеал да го „поттурне“ проектот со основањето на бугарскиот универзитет, но за започнување со работа на студиските програми ВТУ на МСУ во Свети Николе одобрение дала Владата, која го има главниот збор, по претходно мислење на Агенцијата за квалитет на високото образование (АКВО).

Надлежноста на Агенцијата за квалитет во високото образование, односно на Одборот за акредитација на високото образование, како нејзин орган, е само во делот на издавање на мислење, во смисла на тоа дали се исполнети условите согласно Законот за високо образование (член 25). Владата на РСМ е конечниот и надлежен орган кој одлучува за издавање на одобрение и за проценка на потребата за давање на одобрение на ВОУ од странство за да врши високообразовна дејност во РСМ, вели директорот на АКВО, Агим Рушити.

Меѓутоа, од извештајот со кој Одборот за акредитација (ОА) им дава „зелено светло“ на студиите на Великотрновскиот универзитет, се забележува оти недостасуваат потпишаните изјави на бугарските професори кои ќе им предаваат на постдипломците во Свети Николе.

Според Законот за високо образование, при отворање на високообразовна установа во земјава потребно е установата да достави и список со обезбеден потребен број на лица кои ги исполнуваат условите за да бидат наставници, како и писмена изјава од кандидатите за наставници дека се подготвени да засноваат работен однос. Впрочем, токму ова е една од многуте забелешки на Одборот за пропустите во доставениот елаборат за акредитација на студиите од страна на Великотрновскиот „Св. Св. Кирил и Методиј“, нотирани во првиот извештај.

И покрај тоа што Великотрновскиот универзитет доставил список од професори кои ќе предаваат на трите студиски програми, не биле доставени писмените изјави за подготвеност на наставниците да изведуваат настава по наведените предмети во студиските програми. По доставените резултати од првиот извештај на комисијата при ОA, универзитетот од Велико Трново, наместо да обезбеди писмени изјави од секој кандидат за наставник како што стои во Законот, доставил допис потпишан од ректорот Бонџолов во кој тој ги известува членовите на Одборот дека наставниците што биле потпишани на документот ќе бидат вклучени во образовниот процес. Ковид-пандемијата, наводно, била причината поради која професорите не можеле да дадат изјава каква што предвидува Законот.

Иако ректорот гарантира оти професорите ќе бидат вклучени во наставата, а и конкурсот за упис на студенти заврши во декември, во овој момент ниту еден од двата универзитета не открива во јавност кои бугарски професори ќе им држат предавања и обуки на македонските студенти во Свети Николе.

 

Фото: скриншот

Од МСУ велат дека изборот на професорите било „техничко прашање“, а нивните имиња ќе биле објавени со започнувањето на академската 2023/2024 година, кога ќе се носи одлука и за тоа на кој начин ќе се спроведува наставата.

Идејата е во овој процес да не бидат вклучени професори само од Р. Бугарија и Р. Македонија, туку и професори од други универзитети и други држави. Иако при поднесувањето на документите беа ставени конкретни имиња, тоа не значи дека не може да дојде до промена, вели Јордан Ѓорчев, ректор на МСУ.

Прашањето за тоа кои професори од ВТУ ќе предаваат во Северна Македонија го упативме и до ректорот Бонџолов, кој ни одговори:

Најдобрите во своите области. Докажани лингвисти, информатичари, географи.

Иако ја побаравме целокупната документација според која за студиите на Великотрновскиот универзитет е дадено позитивно мислење, АКВО не ги достави сите документи за да се види на кој јазик е поднесена потребната документација и кои се професорите за кои Бонџолов гарантира оти ќе предаваат во Македонија.

 

За Великотрновскиот универзитет

Великотрновскиот универзитет е основан во 1963 година како Виш Педагошки институт „Браќа Кирил и Методиј“, наследувајќи ги традициите на книжевното училиште Трново. Во 1971 година училиштето е акредитирано како Великотрновски универзитет „Св. Кирил и Св. Методиј“. Денеска, универзитетот има 9 факултети, 42 катедри и неколку педагошки колеџи и центри низ Бугарија, со над 18.000 бугарски и странски студенти. Функцијата ректор пред Бонџолов да ја наследи во 2015 година,  по два мандата ја извршуваат Пламен Легкоступ (2007-2015) и Иван Харалампиев (1999-2007).

Легкоступ во моментов е почесен претседател и член на бордот на кинескиот Институт Конфучие, кој се наоѓа во Велико Трново, додека во 80-тите години, бил неофицијален соработник на комунистичката Државна безбедност.

Харалампиев бил професор на Тверскиот државен универзитет во Русија, а впрочем и голем дел од неговите награди и признанија се доделени од руски институции и организации. Меѓу другото, Харалампиев е прогласен и за „почесен доктор“ на рускиот Башкирски државен универзитет.

Врските со Тверскиот универзитет ги продолжува и актуелниот ректор Христо Бонџолов, кој, како што е објавено од бугарските медиуми, во 2015 година заедно со неговиот заменик, Стојан Буров, станале почесни професори.

За Великотровскиот универзитет и за МСУ, заеднички им се поранешните релации со Русија, од кои се чини дека полека се ослободуваат. Ако изгледа дека тоа ги зближило пред дваесетина година, сега, според тврдењата на управите на двата универзитети, врската им е научната работа и образовната соработка.

Еден месец по почетокот на руската инвазија во Украина, Академскиот совет на Универзитетот во Велико Трново му ја одзеде почесната докторска титула на рускиот претседател Владимир Путин, која му била доделена во 2009 година.

МСУ, пак, на 9 март минатата година, речиси две недели по почетокот на агресијата, најави ребрендирање, при што од своето име го брише „Гаврило Романович Державин“ – име што универзитетот во моментов го дели со некогашниот стратешки партнер – рускиот Тамбовски државен универзитет. Новото име на универзитетот што е формиран во 2004 година треба да гласи Меѓународен Славјански Универзитет Св. Никола.

Во согласност со нашата мисија, уште во 2018 година беше изработена нашата стратегија за интернационализација МСУ 2025, во која беше подготвен нов бренд за универзитетот кој треба да биде лесно препознатлив за интернационалните студенти што ќе студираат на англиски јазик. За нас беше важно да го прилагодиме брендот, како и сите наши содржини и сите студиски програми на англиски јазик до 2025 година. Замислата уште во 2018 година беше брендот да биде во чекор со новите светски трендови во високото образование и да биде лесно препознатлив за англиското говорно подрачје, вели Ѓорчев.

Додека се подготвуваат магистерски студии на англиски јазик, на МСУ рускиот јазик се изучува и оваа студиска година. При прегледот на предметите може да се забележи дека на четири од петте факултети се изучува предметот руски јазик, кој е изборен, со исклучок на програмите на Економскиот факултет, каде што рускиот е задолжителен предмет.

Ректорот Ѓорчев на нашето прашање одговори дека „јазичните предмети не се вклучени во сите студиски програми и се изборни, па така студентите можат да избираат кој јазик ќе го изучуваат“.

Меѓу информациите објавени од МСУ наидовме и на веста дека професорот Зоран Панов на 16 февруари 2022 година го одржал првиот час од бесплатниот курс по руски јазик. Часот поминал успешно, со онлајн присуство на 350 посетители.

 

Седиштето на МСУ адреса на руски здруженија и сојуз 

Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин” во 2004 година добива акредитација во Македонија како странска високообразовна установа и е претставник на Меѓународниот славјански институт – Москва, Русија. Почнува под името „Меѓународен славјански институт“ и работи како институција за дописно – вонредно студирање (Решение бр. 12-8157/1 од 20 јули 2005). Освен во Свети Николе, МСУ има кампус и во Битола.

Седиштето на МСУ е во Свети Николе, на улица „Маршал Тито“ број 77. На оваа адреса во Свети Николе се регистрирани уште неколку здруженија, бизниси и еден сојуз:

  1.     ЗГ „Липа“ за македонско-руско пријателство;
  2.     Сојуз на здруженија за македонско-руско пријателство;
  3.     Здружение на рускојазични граѓани „Евразија“.

Ректорот на МСУ, Јордан Ѓорчев е долгогодишен претседател на  Сојузот на здруженијата за македонско-руско пријателство на Македонија.

На оваа адреса се и седиштата на Ротари клуб Свети Николе, Светскиот центар за развој и соработка,   Здружението на студенти на Славјански универзитет, ЗГ на одгледувачи на калифорниски црви „Агро црв“, ЖРК „Овче Поле – СМУ“.

Сопственик со 100 отсто учество на МСУ е Јордан Ѓорчев, кој во еден мандат беше градоначалник на Свети Николе. За дваесетина години, покрај универзитетот, дејноста е проширена со киноприкажување, издавање, а во последните години угостителската дејност, преку ресторанот „Москва“ со седиштето во зградата на МСУ, се прошири и со отворање на два хотели во Преспа и Свети Николе.

Инаку, на МСУ своето образование го дообразувале десетици административци желни за напредок во кариерата, пратеници, политичари и јавни личности. Меѓу помладите политичари кои магистрирале на МСУ е и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов. Лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, пак, беше еден од професорите на Правниот факултет при МСУ.

 

Соработката со руските образовни институции

И МСУ и Великотрновскиот унверзитет имаат историја на професорски и студентски соработки со руски универзитети. Меѓутоа, последните години, како што вели Самоил Малчески, професор на Економскиот факултет на МСУ, немало таква пракса.

Во последните четири години, колку што сум вработен на Универзитетот, јас не сум слушнал дека наши студенти или професори биле дел од соработка со образовни или други институции од Руската Федерација. Она што го имам чуено е дека Универзитетот оној момент кога почна војната во Украина ги има прекинато сите контакти со партнерски Универзитети од Руската Федерација, одговори Малчески.

На прашањето дали на некоја од официјалните универзитетски собири се дискутирало за војната во Украина, Малчески одговори негативно.

Универзитетот има секојдневни активности поврзани со основната цел на постоењето на Универзитетот, а тоа се науката и наставата, а се во интерес на нашите студенти, па на нашите средби, формални и неформални, ние ги дискутираме тие активности и воопшто не дебатираме на политички теми, вели Малчески.

Со Тамбовскиот државен универзитетет „Г. Р. Державин“ од Русија, МСУ во 2010 година започнува да ја организира Меѓународната научна конференција „Меѓународен дијалог: исток-запад“. И покрај тоа што се тврди дека врските со овој универзитет се прекинуваат, на конференцијата што се одржала во јуни минатата година со поздравен говор се обратила ипрофесорката Ирина Безукладова од рускиот Тамбовски универзитет.

 

Европски дипломи и современо образование

Тоа е, како што тврди ректорот на Великотрновскиот универзитет, мотивот зошто отвориле задргранична филијала во Свети Николе. Постдипломските студии не им се крајна амбиција, туку додипломските.

Ако има интерес за нашата работа, зошто да не?! Има многу други можности и земји во кои можеме да ги понудиме нашите програми. Само активните акредитирани магистерски програми на ВТУ за учебната 2022/23 година се 124, на речиси сите европски јазици,  вели  ректорот Бонџолов

Притоа, тој додава:

Ние сме образовна институција и нудиме добри можности за младите. Се надевам дека политичарите и медиумите нема да ги спречат нашите добри намери и односи со нашите партнери од МСУ, вели ректорот на бугарскиот универзитет.

Упис на сто постдипломци се амбициите на македонско-бугарските универзитетски партнери. Великотрновскиот универзитет толкава бројка на студенти планирал при акредитирањето, а потоа и при регистрацијата, давајќи банкарска гаранција за овој број. Бугарите очекуваат почеток на студиите во март, а македонските партнери на почетокот на идната студиска година. Засега никој не зборува за влијанието на затегнатите политички односи меѓу двете земји. Двата универзитета зборуваат со речник во кој доминираат изрази како европско образование, признати дипломи, соработка, млади.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар