Не може да се тврди, како што е тоа случај во објавата, дека антирелигиозната цивилизација, односно Западот, се борела против Русија. Русија сака да се наметне и да се претстави како главен светски бранител на традиционалното и религиското, а тоа можеше да се забележи и во говорот на Путин на два дена пред годишнината од руската агресија, кој уште еднаш нагласи дека ова е „војна за заштита на нашите деца од деградација и дегенерација“. Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“
Анализираме објава на Фејсбук која ја правда руската агресија врз Украина, претставувајќи ја Русија како некој херој и голем бранител на традиционалнте вредности и религијата, наспроти „антирелигиозната цевилизација“ – Западот.
Русија е во војна со антирелигиозна цивилизација која се бори против Бога и ги уништува самите основи на духовните и моралните вредности: Бог, Црквата, семејството, родот и човекот, стои во објавата придружена со фотографија на која Русија е претставена како чадор кој ги чува луѓето од САД, ЕУ, НАТО, ЛГБТ заедницата и нацизмот.
Ваквите тврдења во објавата одат во прилог на главните руски дезинфо-наративи кои во свои говори често ги користи и претседателот на Русија, Владимир Путин. Позната е руската пропаганда дека војната во Украина е војна „за одбрана на традиционалните и семејни вредности“ кои „Западот сака да ги уништи“, односно, војна на цивилизациите, како што многумина поддржувачи на Путин сакаат да ја наречат.
Русија сака да се наметне и да се претстави како главен светски бранител на традиционалното и религиското, а тоа можеше да се забележи и во говорот на Путин на два дена пред годишнината од руската агресија, кој уште еднаш нагласи дека ова е „војна за заштита на нашите деца од деградација и дегенерација“. Вистиномер веќе пишуваше за главните дезинфо-наративи во неговото обраќање пред руската и светска јавност.
Наративите за дезинформации засновани на вредности обично се фокусираат на загрозени концепти како „традиција“, „пристојност“ и „здрав разум“ – термини кои имаат позитивна конотација, но ретко се јасно дефинирани.
За разлика од западната концепција за вредности, која ги фаворизира индивидуалните права на личен интегритет, безбедност и слобода на изразување, рускиот вредносен систем инкорпорира и збир на колективни норми со кои се очекува секој поединец да се усогласи.
Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“, оценува и Euvsdisinfo во својата анализа за руската војна во Украина.
Честопати, про-Кремљ експертите за дезинформации, особено Владимир Соловјов го користат овој дезинформациски наратив во врска со неоснованите обвинувања против Украина за наводен обид за уништување на Православната црква. Оваа манипулативна тактика се засили во 2019 година кога на Православната црква на Украина ѝ беше доделен статус на независна црква и повторно во ноември 2022 година кога украинската влада објави дека ќе подготви закон за забрана на црквите поврзани со Русија, пишува Euvsdisinfo.
Демонизирањето на Украина и нејзините западни поддржувачи како безбожници оди рака под рака со про-Кремљ дезинформациите дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“.
Заедно, тие ја прикажуваат Русија како заштитник на овие вредности. Овој дезинформативен наратив за заштита на загрозените вредности е исполнет со хомофобија која често се претвора во отворен говор на омраза, заклучува Euvsdisinfo.
И Стејт департментот, во својата анализа за „Топ пет најупорни дезинформациски наративи во Русија“, пишува дека Русија го турка лажното тврдење дека „западната цивилизација е во колапс и дека се оддалечила од ‘традиционалните вредности’, затоа што работи на обезбедување безбедност и еднаквост на ЛГБТКИ+ луѓето и промовира концепти како женска еднаквост и мултикултурализам“.
Пропаста на западната цивилизација е една од најстарите дезинформации во Русија, со тврдењата дека „западот е во распаѓање“ документирани уште од 19 век. Овој дезинформациски наратив заснован на „вредности“ евоцира лошо дефинирани концепти, вклучувајќи „традиција“, „семејни вредности“ и „духовност“. Русија тврди дека е бастион на таканаречените „традиционални вредности“ и родови улоги и служи како морална противтежа на „декаденцијата“ на САД и западните земји. На пример, претседателот Путин тврди дека Западот практично ги откажал концептите „мајка“ и „татко“ и наместо тоа ги заменил со „родител 1 и 2“, додека министерот за надворешни работи Лавров напиша дека западните ученици „учат на училиште дека Исус Христос бил бисексуалец“, пишува Стејт департментот.
Наративот за „загрозените вредности“ обично се користи за да ги оспори западните ставови за правата на жените, етничките и верските малцинства и ЛГБТКИ+ групите. Про-Кремљ експертите често го исмеваат наводниот западен „морален распад“ или „развратен став, а спротивно на тоа, Русија и православното христијанство се издвојуваат како вистински бранители на традиционалните вредности.
Идејата за распаѓање на Западот, поставен против Русија која е „чувар“ на пристојноста и моралот, произлегува од самиот врв на Кремљ. Според анализата на Европскиот совет за надворешни односи од 2015 година, Путин веќе во 2013 година го зазел овој став, осудувајќи ги „евро-атлантските“ земји за нивната морална декаденција и неморалност.
Еден паметен пропаганден трик беше да се подобри имиџот на злобниот Запад со спојување на социјалниот конзервативен и антизападниот став. На овој начин, Западот и западњаците, хомосексуалците, либералите, современите уметници и нивните обожаватели, оние кои не се однесуваа кон Руската православна црква со должна почит и оние кои се осмелија да се сомневаат во беспрекорното историско досие на Русија, сите беа претставени како едно „неподелливо зло“, закана за Русија, нејзината култура, нејзините вредности и нејзиниот национален идентитет, се наведува во анализата на Европскиот совет за надворешни работи.
Факт е дека никој не војува против Русија, односно западните земји немаат намера да уништат никаква традиционални вредности за кои Русија самата се прогласува како единствен бранител.
Западните земји, обединети преку НАТО и ЕУ, не војуваат со Русија, туку Русија изврши воена инвазија врз Украина во која загинаа и гинат голем број на цивили и војници на украинска територија.
На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.
Според тоа, не може да се тврди, како што е тоа случај во објавата, дека антирелигиозната цивилизација, односно западот, се борел против Русија. Русија сака да се наметне и да се претстави како главен светски бранител на традиционалното и религиското. Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“. Поради тоа, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.