Војната во Украина не е никаква борба на сатански робови против православието. Украинците не се сатански робови, ниту грбот на Украина е поврзан со бележење сатански симболи. Војната во Украина се води поради територијални претензии на Русија и претставува кршење на низа меѓународни договори, загрозување на животот на цивили, донесе човечки жртви и материјална штета, што се одрази на целиот свет во поглед на економијата…Конечно и во Украина и во Русија мнозинството од населението се православни
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Хазарски печат за обележување на робовите. Војната е јасна како ден. Сатански робови против православје.
Во склоп на објавата се споделува фотографија од трозабецот, кој е претставен како симбол на грбот на Украина. Овој симбол не е никаков хазарски печат за обележување на робови, но е предмет на голем број на дезинформации за сатанизирање на Украина и оправдување на Русија за нејзината агресивна воена инвазија. Така и во објавата која ја рецензираме, војната која Русија ја води против суверена и демократска држава, притоа нарушувајќи низа меѓународни договори, но и територијалниот интегритет на Украина, се претставува како таканаречена ,,борба на сатански робови против православието“.
Вистиномер неодамна објави дека еден од наративите кои превладуваат од руска страна со цел оправдување на воената инвазија која беше неиспровоцирана, е токму тоа дека се бори за зачувување на традиционалните вредности, православието и против сатанизмот на западот. Во бројни дезинформациски наративи Украина се претставува како сатанистичка, без притоа да се аргументира, односно станува збор за фиктивно прикажување без аргументи и сатанизација без основа.
Трозабецот претставен на грбот на Украина и ден денешен нема сосема јасна дефиниција во поглед на значењето на симболот, но голем број на историчари се согласуваат дека претставува стилизирана форма на грб користен од првата фамилија водачи во Украина, Рурик. Од деновите на Украинската Народна Република, трозабецот (tryzub) станал важен симбол за оние кои се бореле за независноста на Украина пред 100 години и оние кои ја штитат сега. Наспроти изнесеното во постот кој го рецензираме, тој никогаш не бил користен како Хазарски печат за обележување на робовите. Тоа е измислица.
Трозабецот одамна се поврзува со украинската историја. Тој бил знак на предците на династијата Рурик (10-12 век, време на Киевска Русија). Археолозите сè уште наоѓаат негова слика на монети, печати, прибор, тули, мурали. Во 1918 година, веднаш по колапсот на руската империја, владата на Украинската Народна Република го одобрила трозабецот како државен грб.
Официјално е амблем на кралската држава на Володимир Велики. Ознаката најверојатно потекнува од печатот на Володимир Велики, принц од Киев. Трозабецот на грбот на Украина ги одразува херојските настани од минатото, односно заложбите на украинските воини кои го штителе суверенитетот и територијалниот интегритет и во минатото и денес. Како и сите други знаци, украинскиот трозабец има своја симболика. Но, има и 40 теории за неговото вистинско значење кои варираат меѓу лак со стрели, свеќник, сидро, крилја на сокол, итн.
Во 1918 година веднаш по падот на руската империја, владата на Украинската Народна Република го одобри трозабецот како државен грб. Комисијата која била овластена да избере грб, разгледала неколку алтернативи меѓу кои златен лав, слика од Свети Архангел Михаил покровител на Киев и други.
Поради сите овие аргументи, може да се заклучи дека тврдењето во постот е лага. Зашто војната во Украина не е никаква борба на сатански робови против православието. Украинците не се сатански робови ниту грбот на Украина е поврзан со сатански белези. Војната во Украина се води поради територијални претензии на Русија и претставува кршење на низа меѓународни договори, загрозување на животот на цивили, донесе човечки жртви и материјална штета, што се одрази на целиот свет во поглед на економијата…Конечно и во Украина и во Русија мнозинството од населението се православни
Поради горенаведените факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.