Кражбите во продавница кои не надминуваат 1.000 долари, Предлогот 47 (Proposition 47) донесен во 2014 година во Калифорнија и кој не важи во сите држави на САД, ги прекласифицира овие дела од кривични во прекршочни. Тоа не значи дека за ваква кражба не се одговара. За вакво дело крадците може да се соочат со парична казна до 1.000 долари, или и парична казна и затвор. Со Предлогот 47 се воведе нов прекршок наречен „кражба во продавница“, кој се казнува со окружен затвор до шест месеци, според судовите во Калифорнија. Целта на овој Предлог не е да им се дозволи на разбојниците слободно да крадат, туку да се намали бројот на затвореници во затворите во Калифорнија. И, наспроти тврдењето во објавата, крадецот во видеото нема да помине неказнет, туку ќе одговара за своите постапки, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме објава на Фејсбук која тврди дека кражбата до 1.000 долари во САД не е кражба и дека поради тоа целосно владее анархија во оваа држава. Објавата споделува и видео на кое се гледа маж како ограбува продавница, по што бил нападнат и претепан од двајца вработени.
Во САД владее целосна анархија. Откако изјавија дека кражбата до 1.000 долари не е кражба, а во некои држави дури и забранија обезбедувањето на продавницата да има право да интервенира во ситни кражби.
Сепак, не сите сопственици се подготвени да гледаат како нивните дуќани се ограбени, вандализирани и уништувани а тие мора да плаќаат кирија и плати и тие да работат деноноќно.
Видеото покажува до што води отсуството на земја и толеранција на злосторства од страна на властите на сметка на граѓаните кои го почитуваат законот чии даноци ја поддржуваат истата држава.
Продавницата е во сопственост на Хинду Сик, а на овие момци им е преку глава, па ги преземаат работите во свои раце.
Луѓето не можат да траат вечно, пишува во самата објава.
Во неа недостигаат објаснувања на неколку работи. Прво, погрешно е интерпретирано дека во САД кражбата до 1.000 долари не е дефинирана како кражба. Понатаму, не е објаснето кога и каде се случило дејството во видеото и кои се натамошните последици. Но, ќе одиме со ред.
Што значи Предлогот 47 (Proposition 47) во Калифорнија?
Во 2014 година во американската држава Калифорнија бил донесен Предлогот 47 (Proposition 47) кој ги прекласифицираше прекршоците за кражба од кривично дело во прекршоци. Но, овој Предлог, како што пишува Асошиејтед прес, не дозволува кражбите во продавниците и ситните кражби да поминат без судење.
На истата тема анализа има и сајтот за проверка на фактите Верифај дис.
Не, според предлогот 47 не можете да украдете стока вредна до 950 долари во Калифорнија без последици. Предлогот ја намали казната за одредени злосторства за кражба, но сепак ја класифицира кражбата во продавница како прекршок, пишува сајтот во својата анализа.
Предлогот од 2014 година го измени, но не го елиминираше казнувањето за многу ненасилни криминални дела со имот и дрога, објаснува Асошиејтед прес.
Она што го направи Предлогот 47 беше преземање на многу ниски злосторства како што се ситни кражби, некои ситни прекршоци за дрога и ги класифицираше како прекршоци, а не како кривични дела. Тоа не значи дека не сте гонети или дека не вршите кривично дело, вели за АП Чарис Кубрин, професор по криминологија, право и општество на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, кој напиша студија која го испитува влијанието на Предлогот 47 врз стапката на криминал.
Предлогот 47 беше донесен за да се усогласи со наредбата на Врховниот суд на Калифорнија од 2011 година, која потврди дека пренатрупаните затвори во Калифорнија ги прекршуваат правата на Осмиот амандман на затворениците против сурово и невообичаено казнување.
Во 2011 година, нашите затвори беа преполни, а Калифорнија беше рангирана на прво или на второ место зад Тексас како со највисока стапка на затворање по глава на жител од која било држава во земјата. Беше толку лошо што Врховниот суд се вклучи и ни кажа дека треба да ја намалиме нашата затворска популација за 33.000 лица, вели Кубрин.
То ј појаснува дека целта на Предлогот 47 беше да ја ограничи затворската популација, да се намали бројот на луѓе што се испраќаат во државните затвори.
Предлогот 47 ја постигна таа цел и не предизвика зголемување на стапката на криминал, дециден е Курбин.
Како што објаснува Верифај дис, Предлогот создаде новo незаконско дело наречено „кражба во продавница“, кое се казнува со окружен затвор до шест месеци, според судовите во Калифорнија. Адвокатите (овде, овде и овде) велат дека крадците може да се соочат со парична казна до 1.000 долари, или и парична казна и затвор, пишува сајтот во својата анализа.
Кражбата во продавница е дефинирана според казнениот законик на Калифорнија како „влегување во комерцијален објект со намера да се изврши кражба додека таа продавница е отворена за време на редовното работно време, каде што вредноста на имотот што е одземен или наменет да се одземе не надминува 950 американски долари“.
Значи, овој Предлог 47 го изменил, но не го елиминирал казнувањето за многу ненасилни криминални дела со имот и дрога. Тој важи само во Калифорнија, а не на целата територија на САД, како што неточно се тврди во објавата која ја анализираме.
Ќе одговара ли крадецот од видеото?
Што се однесува до видеото споделено во објавата, кражбата се случила во Стоктон, Калифорнија. Двајцата вработени кои го претепале крадецот повикале полиција од каде, како што пишува Њујорк пост, соопштиле дека откако одделот ќе собере повеќе докази, ќе ги предаде наодите од истрагите за грабеж и напад до канцеларијата на окружниот обвинител на округот Сан Хоакин за преглед.
По бројните шпекулации во јавноста дека вработените во продавницата ќе одговараат за претепувањето на крадецот, демант стигнал од окружниот обвинител.
Службениците во продавницата „Стоктон Севен-Елевен“ не се и никогаш не биле осомничени во канцеларијата на окружниот обвинител на округот Сан Хоакин. Секоја истрага што ќе продолжи понатаму е да се повика на одговорност поединецот кој се заканувал и се обидел да ги ограби, изјавил окружниот обвинител Рон Фреитас, пренесува Рекорднет.
Значи, одговорност за крадецот ќе има, тој нема да помине без казна, како што се тврди во објавата дека „видеото покажува до што води отсуството на земја и толеранција на злосторства од страна на властите“.
Од сето ова можеме да заклучиме дека кражбите во продавница кои не надминуваат 1.000 долари, Предлогот 47 донесен во 2014 година во Калифорнија и кој не важи во сите држави на САД, ги прекласифицира овие дела од кривични во прекршочни. Тоа не значи дека за ваква кражба не се одговара. За вакво дело крадците може да се соочат со парична казна до 1.000 долари, или и парична казна и затвор. Со Предлогот 47 се воведе нов прекршок наречен „кражба во продавница“, кој се казнува со окружен затвор до шест месеци, според судовите во Калифорнија. Целта на овој Предлог не е да им се дозволи на разбојниците слободно да крадат, туку да се намали бројот на затвореници во затворите во Калифорнија. И, наспроти тврдењето во објавата, крадецот во видеото нема да помине неказнет, туку ќе одговара за своите постапки.
Според сето ова, можеме да кажеме дека на објавата ѝ недостига контекст.