Невистина е објавата во која се тврди дека украинските медиуми со монтажа сакале да претстават дека за време на говорот на Зеленски во ОН во публиката имало повеќе слушатели отколку што навистина имало. Станува збор за монтажа на оригиналното видео од украинските медиуми од страна на познат рускиот пропагандист
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео од говорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски во ОН и се вели:
21.09.2023 Украинските медиуми го уредуваа говорот на Зеленски во ОН за да изгледа како да има поголема публика. Заборавија да го монтираат самиот Зеленски кој седеше во публиката. Погледнете ја ознаката 0:14.
Кога ќе се погледне видеото, на него е претставен Зеленски како говори, но на 14-та секунда во кадарот кој е прикажан како инсерт, додека тој говори, може да се види дека седи и во публиката.
Дезинформацијата е дека украинските медиуми со монтажа сакале да претстават дека за време на говорот на Зеленски во ОН во публиката имало повеќе слушатели отколку што имало и дека во тоа биле „фатени“ на начин што пласирале инсерт од самиот Зеленски како седи во публиката за време на својот сопствен говор. За ова има демант од украинските медиуми како и целосна историја за тоа како дезинформацијата се појавила и проширила како дел од руската пропаганда.
Имено, еден од украинските медиуми чие лого е искористено и во видеото од постот кој го рецензираме објави демант со наслов „Соопштение од Едини новини, за маратонот во врска со лажната информација дека имало промени во преносот во живо од говорот на претседателот на Украина во ОН“.
Монтажа на прорускиот пропагандист Анатолиј Шариј
Во него се наведува дека на 21 септември проруски извори почнале да шират лажни информации за наводни измени на говорот на Володимир Зеленски во ОН.
Тимот на Едини новини информира дека оваа информација е неточна и ги повикува новинарските здруженија и автори на дигитални содржини да му се спротистават на овој руски лажен наратив. Изворот на лажното видео е прорускиот пропагандист Анатолиј Шариј кој го објави изменетото видео на неговиот Телеграм канал. Руските сајтови NTV, Reporter, Channel 1, Federal Press и други слични извори го објавија истото видео, дисторзирајќи ја реалноста во нивен карактеристичен стил. За жал, ширењето на оваа дезинформација беше поддржано од некои украински и европски извори. Меѓу нив се новински агенции, Телеграм канали и индивидуалци. Сите заинтересирани страни може да се осигураат дека информацијата и самото видео е невистинито. Уште една потврда дека се работи за невистинито видео е неконзистентноста на визуелните маркери. Каналите на „Маратон“ користат дополнителни графички елементи, како геонаслов, кои не постојат во лажното видео. Дополнително, за време на преносот, говорот на претседателот беше симултано преведуван од друг презентер, нешто што е лесно проверливо“, велат од Медија 1 плус 1.
Лажното видео користено во фрагментот од говорот на Зеленски е објавено на Јутјуб каналот на TSN но конкретниот фрагмент од видеото не содржи друга снимка од салата освен говорот на претседателот од подиумот.
Ве молиме имајте предвид дека оргиналното видео го нема графичкото лого 1+1 Marathon, кое беше додадено од авторите на лажното видео горе во десниот агол, се вели во демантот. Ова не е првпат руски или проруски извори да користат брендирање на популарни украински телевизиски канали за да ја манипулираат јавноста. Уредниците на Едини Новини бараат истрага за причините да се шират лажни вести во украинското информативно поле и привлекуваат внимание на недостигот на проверка на факти во некои украински медиуми, телеграм канали и кај индивидуалци. Важно е, авторите на такви објави јавно да кажат дека потфрлиле и да ги информираат своите читатели дека објавената информација е лажна, се додава во соопштението на Медија 1 плус 1.
Институтот за масовни комуникации објави дека пропагандисти лажно тврдат дека видеото од говорот на Зеленски било изменето во преносот во живо во украинските медиуми. Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.