Одлуката за војна или мир во Украина не била во рацете на НАТО и Америка

Published on:

Тоа што Путин испратил барање до НАТО да не се проширува кое било одбиено, односно таков драфт договор не бил потпишан од страна на НАТО, не ја префрла воената одговорност врз НАТО.  Столтенберг, наспроти изнесеното во објавата, не признава дека НАТО можел да ја спречи војната со ставање крај на проширувањето, туку во видеото кажува дека тоа е неприфатливо

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Картите се отворени: Одлуката за војна или мир во Украина била во рацете на Америка и НАТО. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг потврди дека Русија ја нападна Украина за да го спречи експанзионизмот на НАТО. Исто така, Столтенберг признава дека НАТО можеше да ја спречи војната со ставање крај на проширувањето на НАТО и почитувањето на Основачкиот акт НАТО-Русија од 1997 година. Дали со ова Америка се подготвува за мировен договор Путин/Бајден со Русија, нова ЈАЛТА и поделба на ЕУ, НАТО во границите од пред 1991 година имајќи ја предвид минатогодишната изјава на Столтенберг: Ако Украина изгуби, ние ќе изгубиме многу. Прашање е кои се тие ,„ние“.

Во рамки на објавата има видео изјава на Столтенберг во која тој објаснува за ултиматумите и уцените што НАТО ги има примено од Русија во форма на „драфт договор“ што Путин сакал НАТО да го потпише и со кој НАТО би ветил дека нема да се проширува повеќе. Тоа, според Столтенберг бил условот на Путин да не ја нападне Украина. Путин сакал НАТО на писмено да потпише дека никогаш повеќе нема да се проширува и дека сакал НАТО да ја отстрани инфраструктурата кај сите сојузници кои се приклучиле на НАТО после 1997 година. Потоа, Столтенберг додава дека Путин во воена инвазија тргнал за да го спречи НАТО прекугранично.
Го доби спротивното. Доби поголемо присуство на НАТО во источниот дел од алијансата и Финска се приклучи на Алијансата, а Шведска наскоро ќе биде целосен член. Ова е добро за нордиските земји, за Финска и Шведска и добро е за НАТО и демонстрира дека кога претседателот Путин изврши инвазија на европска држава за да го превенира НАТО, го добива токму спротивниот резултат, вели Столтенберг.

Значи, наспроти изнесеното во постот кој го рецензираме, одлуката за војна или мир во Украина не била во рацете на НАТО и на Америка, туку во рацете на Русија, која ја почна воената инвазија врз суверена и демократска држава, без никаква провокација. Тоа што Путин испратил барање до НАТО да не се проширува кое било одбиено, односно таков драфт договор не бил потпишан од страна на НАТО, не ја префрла воената одговорност врз НАТО.  Столтенберг, наспроти изнесеното во објавата, не признава дека НАТО можел да ја спречи војната со ставање крај на проширувањето, туку во видеото кажува дека тоа е неприфатливо.

 

Проширувањето на НАТО не било разговарано меѓу САД и СССР во 1989 г.

Не постои никаков пишан документ според кој што НАТО не би требало во иднина да се проширува, а секоја држава вклучително и Украина има право суверено да одлучува за својата иднина, вклучително и кон кого ќе се приклони во меѓународната политика. Проверувачите на факти од Политифакт уште на почетокот на 2022 г. го проверуваа ова и со факти дојдоа до сознание дека не само што ниту еден правен договор не му забранува на НАТО да се шири кон Исток, туку и дека не постои согласност околу учесниците од тоа време дека се разговорало на таа тема помеѓу највисоките американски и гермнаски претставници и последниот претседател на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов. Поточно, повеќе извори тврдат дека се разговарло само за обединета Германија како членка на НАТО.

Нема договор потпишан од САД, Европа и Русија дека НАТО нема да се проширува. Идејата дека НАТО ќе се прошири подалеку од Германија не беше на агендата во 1989 година, затоа што постоеше Варшавскиот пакт. Ова е потврдено од Михаил Горбачов во интервју во 2014 година.
Темата за експанзија на НАТО не беше дискутирана воопшто, ниту, пак, беше тема во тие години. Ова го тврдам со целосна одговорност. Ниту една земја од источна Европа не го покрена ова прашање дури и кога Варшавскиот пакт престана да постои во 1991. Западните лидери, исто така, не разговараа за ова, вели Горбачов, пишува на сајтот на НАТО.

Транскрипти од Белата Куќа кои се декласифицирани, исто така, потврдуваат дека во 1997 година, Бил Клинтон константно го одбивал предлогот на Борис Јелцин за џентлменски договор дека ниедна поранешна советска република нема да влезе во НАТО.

Не можам да се обврзувам во име на НАТО, и нема да се ставам во позиција да ставам вето на НАТО експанзија со почит кон било која држава, а уште помалку на друг да му го дозволам тоа. НАТО работи со консензус, рекол Клинтон.

Според наведеното, никогаш не бил склучен договор со кој НАТО ѝ ветува на Русија дека нема да се прошири после Студената војна. Вратата на НАТО е отворена за нови членови откако е основана алијансата во 1949 година и тоа никогаш се нема променето.
Политиката на отворена врата ја има во членот 10 од договорот за основање на НАТО, каде се наведува дека било која друга европска држава, која може да ги зајакне принципите на договорот и да придонесе за безбедноста на НАТО, може да пристапи кон членство. Одлуките за членството се со консензус меѓу членовите.

НАТО не ја почна војната, ниту има свои војски во Украина

НАТО не е поттикнувачот на војната во Украина ниту пак може да ја спречи истата. НАТО ниту ја почна воената инвазија, ниту, пак, има свои војници во Украина. Русија е таа којашто ја нападна Украина во февруари 2022 година, а Украина како независна држава има право да се брани и да ги користи расположливите средства добиени како помош од своите пријатели. НАТО испраќа воена помош за Украина, без притоа да биде учесник во војната.
Војната би можела веднаш да престане доколку Русија се повлече од украинската територија. НАТО е одбранбена алијанса со главна цел да ги заштити своите членови и официјалните политики на НАТО се дека не бара конфронтација и не е закана за Руската Федерација. НАТО немаше инвазија врз Грузија, не спроведе инвазија врз Украина, туку тоа го направи Русија. 
Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар