Путин не е мало дете за да биде „намамен“ да ја нападне Украина

Published on:

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, Путин е тој кој одлучи целосно неиспровоцирано да го нападне територијалниот интегритет на суверена држава. Исто така, Вашингтон постојано потенцира дека Русија може да ја прекине војната во Украина уште утре, ако се повлече од нејзината територија. Што значи дека САД не сакаат да има војна во Украина, но ја поддржуваат украинската позиција на самоодбрана, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Вашингтон го намами Путин да оди во Украина. Тие од Вашингтон дојдоа до заклучок дека ова е нивна можност да ја уништат Русија. И што се случи…

Oвој наратив потекнува од самиот Путин, но западните држави и Украина категорично го отфрлаат како невистинит. Администрацијата на САД веќе има формално заклучено дека Москва има извршено злосторства против човештвото за време на својата инвазија врз Украина. Путин, пак, во своите говори постојано ја отфрла одговорноста за војната што ја почна во Украина и вината ја префрла на Западот и на САД.

На крајот на февруари годинава, Путин во говор од речиси два часа се обидуваше да ја оправда руската инвазија со тврдења дека била спроведена за да им се овозможи на граѓаните на Донбас да го зборуваат „нивниот сопствен јазик“! Според него, експанзијата на НАТО и новите европски одбранбени системи се „провокација кон Русија“, а „целта на Западот е неограничена моќ“.

Наспроти ова, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вели дека Русија е агресорот и Путин јасно става до знаење дека се подготвува за уште поголема војна. Тој е дециден дека поддршката за Украина мора да продолжи и изрази загриженост што Кина има намера да ја поддржи Русија во војната, според Ројтерс.

Политички аналитичари сметаат дека одлуката на Путин за воена инвазија врз Украина е неговата најголема грешка во кариерата и ќе донесе длабоки последици.

Како што се наведува на страницата на канадската влада која се бори со дезинформациите и пропагандистичките наративи, Русија е таа која ја нападна Украина. На страницата број 1 од овој линк се вели:

Русија ги отфрли сите напори на НАТО зa да се дискутираат соодветни безбедносни прашања за да се превенира војната. Украина го практицира своето право признаено од Обединетите нации на самоодбрана. Русија продолжува агресивно да го нарушува територијалниот интегритет и независност на своите соседи. Земјите како Финска и Шведска побараа да се приклучат на НАТО поради тоа што станува збор за одбранбена алијанса со цел да ги заштити своите земји членки, се наведува на страницата.

Дополнително, таму на страница број 3, се посочува дека Русија продолжува да демонстрира заложби за своите максималистички воени цели, коишто се спротивни на нејзината декларативна и нереализирана „отвореност“ кон преговарачки методи за да се реши конфликтот.

На пример, Русија како предуслов за каков било мировен договор, инсистира на тоа четири освоени региони во Украина мора да останат дел од Русија. Русија знае дека нејзините предуслови се неприфатливи за Украина, што е индикатор дека Русија не сака да преговара за мировен договор со добра волја, пишува на страница број 3 на сајтот.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, Путин не е мало дете за да биде „намамен“ во Украина, каде тој всушност иницираше целосна инвазија на независна држава, чиј суверенитет Русија се согласи да го почитува во 1994 година во Меморандумот од Будимпешта.

Русија имаше и таканаречени „референдуми“ во нескриен обид да анектира четири региони кои се во украинските меѓународно признаени граници, за коишто Генералното собрание на ОН веќе прогласи дека немаат валидност под интернационалното право. Русија, исто така, илегално го анектираше Крим во 2014 година и се впушти и во други нелегални акти на агресија против соседни држави, вклучително и Грузија. Руското флагрантно непочитување на територијалниот интегритет на суверена држава е јасно прекршување на интернационалните правни принципи вклучени во Повелбата на Обединетите нации, пишува на страницата број 3 на канадската влада за борба против дезинформациски наративи поврзани со војната.

Присуството на НАТО сили во источниот дел од алијансата не е закана за Русија, зашто НАТО е одбранбена алијанса со цел да ги штити своите сојузници. НАТО го засили присуството во источниот дел од Алијансата токму како директен резултат на однесувањето на Русија, кое се рефлектира во предвидлив образец/шема против нејзините соседи. Присуството на НАТО не е закана за руската армија од 1 милион трупи. Вашингтон постојано потенцира дека Русија може да ја прекине војната во Украина уште утре ако се повлече од нејзината територија. Тоа покажува дека САД не сакаат да има војна во Украина, но ја поддржуваат украинската позиција на самоодбрана.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

 

hubmk