Со пребарување на Интернет не се наоѓа ниту еден кредибилен напис дека Путин ги забранил 5Г кулите, како што е наведено во објавата. Исто така, оваа вест не е потврдена од ниту еден официјален руски извор. Напротив, според информации објавени на веб-страниците на Владата на Русија и на руското министерство за дигитален развој, комуникација и масовни медиуми, во земјата постојат активни програми со цел да се зголеми опфатот на 5Г мрежата
Објава на социјалната мрежа Фејсбук споделува линк којшто води кон портал во Бангладеш и го тврди следното:
Русија ги забрани 5G кулите поради загриженоста дека технологијата е медицински небезбедна.
Дискусиите за негативните ефекти на 5G не се нови. Повеќе од една деценија, алтернативните медиуми ја поврзуваат технологијата со огромен број здравствени проблеми, вклучувајќи имуносупресивни болести и вирусна репликација. Демонтирањето на постоечките 5G суперкули покажува дека опасностите од електромагнетното зрачење се повеќе вистина отколку теорија на заговор.
Вистиномер, не пронајде други медиуми што ја потврдиле веста. Исто така, нема официјални извори од Кремљ или друга државна институција, кои ја потврдуваат веста.
Напротив, Руското министерство за дигитален развој, комуникација и масовни медиуми до 2025 година планира да спроведе пилот-тестирање на 5Г комуникациските мрежи, користејќи руски базни станици во градовите со над милиони жители. Во јануари 2023 година руските оператори потпишаа договори со руски произведувачи на базни станици за комуникациски мрежи, вредни 1.32 милијарда долари.
Во текст објавен на веб-страницата на Владата на Русија се споменува и развојот на 5Г мрежата. Статијата за проектот е објавена неодамна, на 20 јуни оваа година.
Теоријата дека 5Г технологијата е штетна започна интензивно да се шири во време на ковид- пандемијата. Се пласираа дезинформации дека има поврзаност меѓу 5Г уредите и ковид-19, дека 5Г мрежата е главен причинител за рак, дека се употребува за контрола на популацијата, како и тоа дека 5Г мрежара ги убивала птиците. Вистиномер во повеќе наврати ги оцени овие тврдења како невистинити.
Оваа технологија – 5Г, всушност е подобрување од постоечката 4Г мрежа со тоа што се заменуваат антените. Технологијата на мобилната мрежа 5Г се пренесува преку нејонизирачки радиобранови, што не е штетна за никого. Употребата на 5Г е одобрена од повеќе владини институции и таа не предизвикува здравстени проблеми кај населението, ниту се користи за злобни намери.
Имајќи ја предвид наведената аргументација, оваа објава на Фејсбук ја оценуваме како невистинита.
Со пребарување на Интернет не се наоѓа ниту еден кредибилен напис дека Путин ги забранил 5Г кулите, како што е наведено во објавата. Исто така, оваа вест не е потврдена од ниту еден официјален руски извор. Напротив, според информации објавени на веб-страниците на Владата на Русија и на Руското министерство за дигитален развој, комуникација и масовни медиуми, постојат активни програми со цел да се зголеми опфатот на 5Г мрежата.