Фабрикуваната објава во која се шират невистини за фармацевтската индустрија, со цел таа да се претстави како неетичка, неморална, лукративна и алчна, но истовремено се удира и по довербата во државните институции, е бајата најмалку три години и е увезена од соседна Бугарија. Таму на интернет просторот се ширела уште во 2020 година, при што била злоупотребена Бугарската национална телевизија. Ваквите рециклирани дезинформации, кои се многу вирални, на социјалните мрежи се исклучително опасни и штетни, дотолку повеќе што имаат регионални димензии
Деновиве на социјалните мрежи беше мошне вирална дезинформацијата за наводната „заменик главна фармацевтка“ која нуди сомнителни лекови, а притоа за „веста“ да делува поуверливо беше злоупотребено името и брендот на Канал 5 телевизија. Вистиномер веќе пишуваше за оваа измислица поврзана со непостоечката фармацевтка и нејзината фабрикувана објава на Фејсбук, која во јавноста беше пласирана со намера да предизвика револт и одбивност кон фармацевтската индустрија, ама и недоверба во системот во целина. За тоа дека станува збор за дезинформација ни потврди и директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, напоменувајќи дека ваква вест никогаш немале објавено на телевизијата.
Нашите дополнителни проверки покажаа дека оваа фабрикувана објава, во која се шират невистини за фармацевтската фела, е бајата најмалку три години:
Замислете многу сакаат лекот што го снабдуваме во странство да се продава во Македонија за само 2400 денари. Цел свет е спремен да ни го купи токму сега за секакви пари, дури и 2 илјади евра ќе платат за едно пакување. Никој не сака да умре од мозочен или срцев удар. И сакаат да го продадат за 2400 денари. И на кого. Сиромашните кои се бескорисни. Нискоквалификувани работници кои никогаш нема да создадат ништо корисно? И исто така пензионерите. За што? Животот веќе им помина, нека умрат, не ги жалиме. Ако високиот крвен притисок или проблемите со срцето не ги убијат, нешто друго ќе ги убие. Нема смисла да се трошат пари на стари лица. На државата не и е исплатливо да се грижи за пензионерите за да живеат долго.
Ќе дадам се од себе но нема да дозволам овие идиоти да подарат лек со ограничено издание бесплатно.
Мора да го продадеме и да заработиме! Тие што имаат пари сепак ќе купуваат. Што се 2 илјади евра за едно пакување?
Ова не е ништо за оние кои добро заработуваат и сакаат да бидат здрави. А питачите нека си го пијат Еналаприл и нека се радуваат што не го продаваме за 2 илјади евра.
Оваа дезинформација, всушност, е увезена од соседна Бугарија, каде што на социјалните мрежи се ширела уште во 2020 година, при што била злоупотребена Бугарската национална телевизија. Од БНТ тогаш известиле дека е во прашање измама на интернет со злоупотреба на логото на телевизијата:
Лажна платформа ја користи визијата на сајтот „Во светот и кај нас“ – bntnews.bg и претставува непостоечко интервју на водителот на „Панорама“ Бојко Василев со „шефот на фармацевтската управа“ и „раководител на Центарот за кардиоваскуларна хирургија“.
Ги предупредуваме корисниците дека:
БНТ не учествува во рекламирање или дистрибуција на какви било медицински производи.
Единствените автентични веб-страници на Бугарската национална телевизија се bnt.bg и bntnews.bg
Дискусија за тоа дека станува збор за стара, прекопирана дезинформација од соседството има и на Твитер:
Извесна Славица во ЖДМ ја постира првата фотка и куп жени колнат и пцујат по Ивона и системот. Нормално, само скриншот, ни контекст ни линк. Со малку истражување ја најдов истата вест во Бугарија пред 3 години. Истото објаснување, истиот текст, само името друго.
Несомнено дека ваквите рециклирани дезинформации, кои имаат за цел да креираат перцепција дека фармацевтската индустрија е неетичка, неморална, алчна и лукративна, но и да ја нарушат довербата во државните институции, се многу опасни. Овие вирални конструкции и фотомонтажи на социјалните мрежи се исклучително штетни, дотолку повеќе што имаат регионални димензии.