Со фотографии исечени од видео старо 9 години се тврди дека Пригожин е жив

Published on:

Фотографиите  споделени во оваа објава на Фејсбук, всушност се исечоци од видео од настан кој се случил во 2014 година. Па тврдењето дека Пригожин е жив врз основа на овие фотографии е манипулативно

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека водачот на Вагнер, Евгениј Пригожин е сè уште жив, а како поткрепа на ова тврдење прикачени се неколку фотографии на кои се наоѓа Пригожин. Но, ова не е точно.

PRIGOŽIN VOSKRESE

KRAJ NA LAGITE NA CNN, пишува во објавата.

Во неа се тврди дека лидерот на паравоената единица Вагнер, Пригожин е жив откако на крајот на минатиот месец беше објавено дека тој загинал во авионска несреќа. На 23 август, приватниот авион во сопственост на групата платеници Вагнер се урна на пат од Санкт Петерсбург до Москва, а официјални претставници на компанијата соопштија дека нивниот шеф Пригожин, бил меѓу десетмината на листата патници.

Авионот на Ембраер Легаси се урна во близина на Кужнекино, област во регионот Твер. 10 лица, меѓу кои и тројца членови на екипажот беа во авионот. Според првичните извештаи сите во авионот загинале, соопшти прес-службата на Министерството за вонредни состојби на 23 август.

Но, Фејсбук објава тврди дека тој „воскреснал“ односно дека, сепак, не загинал во авионската несреќа, туку е жив. Како доказ за овие тврдења објавени се пет фотографии на кои се забележува Пригожин, како и рускиот претседател Владимир Путин. Од фотографиите може да се заклучи дека се снимени на некој прием на кој се присутни повеќе луѓе, некои од нив светски лидери и држат чаши со шампањско во рацете.

Пребарувајќи ги фотографиите сфативме дека, всушност, тие се исечоци од видео. Ова видео е компилација на видеоинсерти од настан кој што се случил пред девет години, па, така, тврдењето дека Пригожин е жив врз основа на прикажаните фотографии во објавата е манипулативно.

Имено, на дел од видеото се гледа како Путин разговара со белорускиот претседател Александар Лукашенко, како и со Димитри Медведев, кој ја вршеше функцијата и претседател и премиер на Русија. Тој кадар од видеото, сосе Пригожин во позадина и целосно истата атмосфера, облека на присутните и местото на случување, може да се забележи во друго видео, старо девет години, односно објавено во 2014 година. На ова видео пишува дека локацијата е Сочи, а со оглед дека е објавено во 2014 година, најверојатно овој прием се одржувал по повод зимските олимписки игри кои се одржаа во Сочи истата година.

Ова е сосема доволен факт за да го побие тврдењето дека Пригожин е жив врз основа на објавените фотографии.

Во сите овие кадри може да се забележи Пригожин во позадина, а на некои од присутните, вклучувајќи го и Путин, им подава чаши со шампањско. Ова не е ништо невообичено ако се знае дека тој се нарекуваше и „Готвачот на Путин“ зашто се збогатил како сопственик на угостителски компании и ресторани и како снабдувач на храна и пијалаци за официјални настани во Кремљ. Една од неговите најпознати фотографии е онаа на која му служи храна на рускиот претседател. Потоа го добил прекарот „готвачот на Путин“.

Всушност и поранешниот американски претседател, Џорџ Буш неодамна сфатил дека при посетата на Санкт Петерсбург во 2006 година бил послужен со вечера од Евгениј Пригожин. Говорејќи преку видео линк на конференцијата „Јалта Јуропиан Стратеџи“ во Киев, Буш беше прашан за смртта на шефот на „Вагнер“ групата, на што тој одговори дека донеодамна не знаел оти јадел храна што му ја сервирал токму Пригожин.

Бев шокиран што пред некој ден видов слика од самитот на Г8 во Санкт Петербург каде што Пригожин беше момчето што ми сервираше храна. Тој беше готвач. Единственото нешто што знам е дека преживеав, рекол поранешниот американски претседател.

Иако уривањето на авионот на Вагнер предизвика разни теории на заговор за тоа дали Пригожин бил или не бил во авионот, сепак оваа објава шири невистинити информации односно тврди дека тој е жив врз основа на фотографии кои се стари девет години. Затоа, оваа објава ја оценуваме како невистинита.