Демократија и диктатура – „минливиот“ Бајден и „вечниот“ Путин

Published on:

Фото: en.kremlin.ru – whitehouse.gov

Откажувањето на Џо Бајден од изборите во САД реактуелизираше еден стар руски наратив, кој е застапен и во соседна Србија, па и кај нас како штетно странско влијание, а тоа е дека западните лидери се слаби и минливи, а Путин нив политички ги надживува и успешно владее веќе четвртина век. Тој наратив се користи и за слични лидери низ светот, но во оној демократскиот тоа се нарекува диктатура, што не е нешто за фалење

 

Пишува: Вангел Башевски

 

Топ-тема деновиве е откажувањето на Џо Бајден од изборната трка за уште еден мандат, на што влијаеа граѓаните на САД и неговите сопартијци, кои му замерија за неговите гафови и за неуспешната дебата со неговиот противкандидат Доналд Трамп. Бајден ја прифати критиката и се повлече, во демократскиот свет е нормално политичарите да преземат одговорност пред јавноста и ако треба да се повлечат, и нормално е да има променливост на власта.

Политичката долговечност на Путин

Но, на таа политичка култура следбениците на Путин ѝ се потсмеваат. Според нив, случајот со Бајден покажува дека западните лидери се слаби, неспособни и минливи, а Путин е силен и мудар лидер, кој го издржал тестот на времето (25 години) и кој политички надживеал дури четири претседатели на САД: Бил Клинтон, Џорџ Буш, Барак Обама и Доналд Трамп (на Бајден уште малку му фали за да им се придружи). Поддржувачите на Путин тоа го нагласуваат небаре е нешто за фалење, но во демократскиот свет тоа се нарекува диктатура и тоа е тајната на политичката долговечност на Путин.

Алексеј НавалниБорис НемцовАна Политковскаја и други критичари на Путин се труени и застрелувани; тој воведе драконски затворски казни за каква било критика, а изборите на кои победува се фингирани и тој таму нема вистински противкандидати, на кои дури им се забранува да учествуваат.

Од пуста желба за власт, Путин ги изигруваше законските ограничувања, кои не му дозволуваа да биде претседател трипати по ред, па во даден период беше премиер, додека претседател беше неговиот сопартиец Димитриј Медведев. На крај Путин дури си ги преправи и уставот и законите за да си владее како што ќе посака.

Поддржувачите на Путин сметаат дека неговото авторитарно владеење придонесува за стабилност, што е многу користена (т.е. излитена) фраза во Русија, во смисла на тоа дека на политичката сцена нема потреси и неизвесност. Но нејасно, каква е таа стабилност кога Русија води агресивна војна во која граѓаните ѝ гинат или заради која бегаат во странство, при што Русија веќе и самата е воена зона (особено Белгород, а понекогаш дури и Москва) и згора на тоа е под санкции и меѓународна изолација.

Наративот за супериорноста на „стабилниот“ Путин над слабите и минливи западни лидери почна засилено да се шири кај нас по руската инвазија врз Крим во 2014 г., а особено по сеопфатната инвазија врз Украина во 2022 г. Оттогаш датира оваа објава на Фејсбук, во која е прикажана слика од Путин и американските претседатели, кои тој политички ги надживеал (плус Бајден), а таа е проследена со зборовите:

Сите претседатели на САД кои викаа дека Путин ќе падне

Еден друг корисник на Фејсбук тоа го пренел во форма на виц, што го објавува секоја година на 12 јуни (празникот Денот на Русија), што може да се види на следниве линкови: 20222023 и 2024 г., а Путин во вицот го надживува Бајден не само политички, туку и биолошки, па дури успева да завладее со Америка.

Вицот е веројатно преземен од некој извор од соседна Србија, каде што Путин ужива голема популарност, која се прелева и кај нас. Но пред стапувањето на Бајден на чело на САД, неговата улога во вицот ја играл Обама. И во Србија среќаваме написи во кои се нагласува тоа дека Путин политички надживеал повеќе американски претседатели.

Симпатизерите на Путин се потсмеваат и со западно-европските политичари, па една неодамнешна објава вели:

Ќе го паѓаа Путин. Но како круши еден по еден за две години паднаа сите во Европа. Тоа е кога имаат вазалска политика кон САД.

Некои постари објави, пак, се потсмеваат со (релативно) кусите кариери на британските премиери: Борис Џонсон, Лиз Трас и Риши Сунак, линкови: тука и тука.

 

Восхит кон авторитарни владетели

Истите наративи како и за Путин се користат и за слични авторитарни владетели низ светот. Таков е сирискиот Башар Асад, а сега се појави еден интернет-мем, во кој тој е претставен како му се потсмева на Бајден, во смисла дека политички го надживеал, но притоа се премолчува тајната на тој успех. Како што пишувавме во текстот „Носталгија по диктатори: Хусеин, Гадафи и Асад“, неговото семејство владее со Сирија веќе 54 години со репресии и масакри, што не е нешто за гордеење. Конкретно Башар Асад е на власт веќе 24 години. Многумина ќе се согласат дека тој е попристојна опција од Исламската држава и сличните фанатици, кои ја разурнаа Сирија, но далеку од тоа дека е ангел.

Политички долговечен бил и кубанскиот лидер Фидел Кастро. На својата страница на Фејсбук, Движењето за социјална правда Ленка му има посветено повеќе објави, а во некои од нив се нагласува неговиот судир со САД и фактот дека:

Фидел Кастро политички надживеа 11 американски претседатели.

Навистина, тој бил на власт околу половина век, но авторот на објавата заборавил да ни каже дека Кастро бил диктатор од кого илјадници Кубанци бегале на сплавови кон Мајами, па тоа е тајната на неговата политичка долговечност наспроти американските претседатели, кои морале да се натпреваруваат на слободни избори.

 

Повлекувањето на Бјаден и радоста на обожавателите на Путин

Помалку зачудува радоста на обожаватели на Путин кај нас од повлекувањето на Бајден од изборите и од зголемените шанси за победа на Трамп, имајќи предвид дека и тој ѝ (про)даваше оружје и воена опрема на Украина кога беше претседател, додуша не толку многу како Бајден и не без некои проблеми, но, сепак, тоа го правеше (линк: тука и тука).

Бајден ќе остане запомнет и по неговите гафови, заради кои следбениците на Путин го исмејуваа, но работата е во тоа што на Запад медиумите тоа смеат да го регистрираат и да ѝ го претстават на јавноста, а, во земји како Русија тоа не е така едноставно.

За 25 години владеење сигурно и Путин направил понекој гаф, само тоа не се истакнува, а во Русија веќе и нема слободни медиуми кои тоа би го сториле. Неговиот култ на личноста, кој се гради со децении, сега веќе не смее да се нарушува дури ни кога за тоа има причина.

Тој се фотографираше како полугол јава коњи и како лови или рибари, за да остави впечаток на „мачо-мен“, но тоа беше пред 15-20 години, а тој е сега подостарен. Наводно, сега се внимава на тоа на фотографиите тој да делува повисок отколку што е, заради што носи високи потпетици.

Во една таква ситуација, кајшто сè е пропаганда, тешко може да се протне некој гаф, иако сигурно ги има. Смислата на сето ова е Путин да се претстави како супериорен во однос на западните политичари каков што е Бајден, но многу од тоа е манипулација.