Контраспин: Русија била „банирана“ на повеќе Олимпијади, ама забраната нема врска со нацистите

Published on:

Во тек е Олимпијадата во Париз, на која на руските спортисти не им е дозволено учество, а пратеникот од проруска партија Левица, Реџеп Исмаил, тврди дека последен таков случај била Олимпијадата во Берлин во 1936 г. Тоа е неточно, а Исмаил создава и погрешен впечаток дека нацистите, кои тогаш владееле со Германија, им забраниле учество на руските спортисти и дека истото сега им се прави во Париз

 

Пишува: Вангел Башевски

 

Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, во објава Фејсбук ја извртува вистината и вели:

Спин: Инаку, последен пат кога руските спортисти биле банирани од учество на олимписки игри, биле оние од 1936-тата, во организација на Нацистичка Германија…

Освен што Исмаил нагласува дека Олимпијадата во 1936 г. се одржала во Нацистичка Германија, неговата објава е илустрирано со фотографија од Хитлер. Тоа создава погрешен впечаток дека нацистите им забраниле учество на руските спортисти и дека оние, кои тоа сега им го забрануваат, се слични на нацистите.

[Извор: Објава на  Фејсбук на пратеникот Реџеп Исмаил, датум: 28.07.2024]

Контраспин: Тврдењето на Реџеп Исмаил дека на руските спортисти последен пат им било забрането учество на Олимписки игри во 1936 г. е извртување на вистината, т.е. спин, дополнително тој премолчува низа факти од руската олимписка историја, која е мошне сложена.

Како прво, што е тоа „руски спортисти“? Дали се тоа претставници на Русија или руски се и спортистите со руски пасош, кои настапуваат во неутрална варијанта? И дали спортистите од Советскиот Сојуз (СССР), во чиј состав Русија била во 1936 г., ќе ги сметаме за руски? На тоа Исмаил нема одговор. Дури и Меѓународниот олимписки комитет (МОК) е понекогаш нејасен по овие прашања, но тој сепак дава некакви насоки.

Според МОК, на Олимпијадата главно учествуваат спортисти испратени од национални олимписки комитети, па излегува дека руски спортисти се оние, зад кои стои Олимпискиот комитет на Русија (ОКР). Логично е и тие да настапуваат под нејзиното име, знаме и химна и нејзе да ѝ бидат припишани медалите кои притоа ќе ги добијат.

Сходно на тоа, последна Олимпијада, на која тие биле „банирани“ (ко што вели Исмаил) е оваа актуелнава. Причината е руската сеопфатна инвазија врз Украина и суспендирањето на ОКР заради неговото присвојување на спортистите од окупираните територии.

Некои спортисти со руски пасош сега настапуваат на Олимпијадата, но под кратенката ИНА (Индивидуални неутрални спортисти), па де јуре тие не се руски, а на Русија не ѝ се припишуваат нивните медали и таму го нема нејзиното име, комитет, знаме и химна.

ОКР беше суспендиран и во 2018 г., а причината беа допинг-скандалите, кои Исмаил тенденциозно ги премолчува. Некои некомпромитирани спортисти тогаш смееја да учествуваат под кратенката ОСР (Олимписки спортисти од Русија), но тие не ја претставуваа неа и за нив важеа слични ограничувања како и на актуелнава Олимпијада.

На контроверзен начин, на ОКР потоа му беше дозволено враќање на Олимпијадите, иако тој не престана со махинациите, а Светската антидопинг агенција ѝ забрани на Русија настап на меѓународни спортски настани во рок од 4 години.

Русија тоа го обжали пред Судот за спортска арбитража, па рускиот олимписки комитет се врати на Олимпијадите во 2020 и 2022 г., но во казнена варијанта, под кратенката РОК. И таму имаше куп ограничувања, па дали спортистите, кои таму настапија, ќе ги сметаме за руски? Според шефот на Меѓународната атлетска федерација, Себастијан Коу, тоа не беа руски, туку неутрални спортисти. Тоа е малку нејасно, но тој така ги опиша.

Како и да е, последен случај на „банирање“ на руски спортисти не била Олимпијадата во 1936 г., а за да сфатиме што таму се случило, ќе се вратиме уште поназад во минатото.

Русија се вклучила во Олимпијадите во царските времиња, во 1900 г., а свој комитет формирала во 1911 г. Во даден момент тоа станал предуслов за настап на Олимпијадите.

Во 1917 г. била создадена Советска Русија, која го укинала комитетот како „буржоаски“, а во 1922 г. таа станала федерална единица на СССР, што веќе била нова држава и тука нештата се усложниле. Заради нивната комунистичка идеологија и исполитизираноста на нивниот спорт, Русија и СССР не биле прифатени на Олимпијадите од 1920 до 1936 г.

Дали затоа или од други причини, СССР тогаш немал свој олимписки комитет, кого го формирал дури во 1951 г.  – НОК СССР, а тој за првпат настапил на Олимпијада во 1952 г.

Во даден период, СССР дури ги отфрлал Олимпијадите како „буржоарски“ и ја промовирал т.н. Спартакијада, во која покрај советски спортисти имало и претставници на комунистичките движења од други земји, а најзапаметена е онаа во Москва во 1928 г.

СССР подоцна го омекнал тој став, а така било и со Хитлер. Тој најпрвин ги отфрлал Олимпијадите, но се премислил откако сфатил дека тоа може да биде пропагандно оружје. Но Берлин бил избран како домаќин за Олимпијадата во 1936 г. уште во 1931 г., т.е. пред Хитлер да дојде на власт, па тоа најпрвин немало врска со нацизмот.

Заради лошиот публицитет кој го имал и заканите за бојкот на Олимпијадата, Хитлер направил некои отстапки. Тој привремено ја запрел антисемитската пропаганда и се согласил таму да гостуваат некои ЕвреиАфроамериканци и хомосексуалци, што значи дека Олимпијадата во 1936 г. не била целосно нацистички-обоена.

Сходно на тоа, советското неучество не се должело на забрана од страна на нацистите, туку, како што вели еден извор, на антикомунистичкиот став на претседателот на МОК, Белгиецот Анри де Баје-Латур. Таткото на модерните Олимпијади, Пјер де Кубертен, изразил незадоволство од непоканувањето на СССР, но мислењето не му било уважено.

Вина за тоа неучество имало и кај СССР – тој не вложил доволно напори за да излезе од таа спортска изолација. Други извори тврдат дека СССР самиот одбил да учествува, но тоа не го образложуваат и тоа не се поклопува со претходно изнесеното.

Иако звучи логично дека нацистите и СССР биле лути противници, тоа не било баш така, а во 1939 г. тие го потпишале Пактот Молотов-Рибентроп, со што станале сојузници.

Неучеството на Олимпијадата во 1936 г. ги засегнало сите советски спортисти, не само оние од Русија, туку оние од Украина, Белорусија, Грузија, Казахстан итн. Но Исмаил се концентрира само на оние од Русија, небаре само тие биле жртва на дискриминација.

Околу броењето на советските спортисти како руски да го споменеме и ова. ОКР е признат како наследник на НОК СССР, а Русија се има прогласено себеси за продолжувач  на СССР, што е нешто уште посериозно и со што таа го презела неговото членство во меѓународните организации, неговото столче во ООН и сл. Но, дали ова важи и за Олимпијадите, дали медал на спортист од Советска Украина или Казахстан ние можеме да ѝ го припишеме на Русија? Ова е сложено и контроверзно.

Инаку, Русија не е уникатен случај на Олимпијадите, а оправдано или неоправдано биле „банирани“ и други земји. На Олимпијадата во 1920 г. не биле поканети поразените земји во Првата светска војна, а на онаа во 1948 г. – некои од поразените во Втората светска војна. Во 1964 г., од Олимпијадите била набркана Јужна Африка, заради нејзиниот расистички режим – апартхејдот, а забрана за учество сега има и за Белорусија.

СССР бил првпат поканет на Олимпијада во 1948 г., но не зел учество во неа. Во 1951 г. бил формиран НОК СССР, по што тој бил признат и зел учество на Олимпијадата во 1952 г.

Приказната е мошне сложена, а Исмаил ја симплифицира, премолчувајќи низа битни факти и создавајќи впечаток дека (парафразираме): „Нацистите ги ’банирале’ руските спортисти во 1936 г., а тоа сега им го прават некои нови нацисти од ’трулиот Запад’ “.