Невистини околу украинскиот упад во Курската област на Русија

Published on:

Фото:Muhammad Imran auf Pixabay

Украинските сили упаднаа во Курската област на Русија, а објава на Фејсбук изнесува невистини дека тие се топовско месо на Западот и дека негова цел е заграбување на руските природни ресурси. Но, притоа се премолчува фактот дека Русија изврши агресија врз Украина, па таа има потполно право да се брани и дури и да ја пренесе војната на противнички терен, како што тоа го правеле и самите Руси во својата историја

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук започнува со зборовите:

Денес рано наутро Украина е масовно бомбардирана, а НАТО не мрднал со прст во противвоздушната одбрана, а претходно НАТО максимално и помогна на Украина да навлезе кон Курск на Руска територија. Зарем не гледат украинците дека се топовско месо на една фашистичка идеологија и ги користат како репроматеријал кон крајната цел: експлоатација на ресурсите на украинската плодна земја и сибирските природни богатства?

Прво, никој не сакаше да ѝ одземе територии на Русија, туку таа тоа им го стори на Украинците, па апсурдно е таа да биде претставена како некаква жртва на агресија.

Второ, ако Русите му влегле на Наполеон во Париз во 1814 г. и на Хитлер во Берлин во 1945 г., и Украинците смеат да влезат во Русија како што сега прават во Курската Област. Тие навлегуваат на територија на држава агресор со цел заштита од агресијата. Поточно, со цел да го намалат дострелот на проектилите со голем дострел кои Русија ги лансира врз украинската територија, често и намерно предизвикувајќи цивилни жртви за да се тероризира украинското население. Како второ, таа тоа го прави и со цел самообрана на своите територии кои се под закана од руската агресија, односно обидувајќи се да ја натера Русија дел од окупаторските и агресорските сили од Украина да мора да ги префрли на своја територија.

Трето, објавата не нуди никаков доказ за тоа дека НАТО го помагал тој упад, а таков податок нема по светските медиуми. Напротив, Западот беше изненаден од тој упад, а САД изјавија дека не биле известени за тој план и дека не биле инволвирани во него.

Тие најверојатно не би го поддржале ако биле известени за него. Со оглед на тоа што Русија е нуклеарна сила, Западот води крајно претпазлива политика кон неа, па малку е веројатно е дека тој би поддрржал или би сакал да создаде перцепција дека е вмешан (макар и посредно) во еден крајно ризичен упад на нејзина територија.

И уште повеќе, тој упад нема никаква врска со некакво заграбување на сибирските природни богатства, кои, патем, Русија им ги заграбила на сибирските народи, кои ги подјармила во царските времиња: Јакутите, Бурјатите, Ненците и др., но тоа е веќе друга тема. Во секој случај, Сибир е на неколку илјади километри од тие борбени дејствија, а Украинците ниту можат, ниту сакаат да го освојуваат.

Украинско-рускиот конфликт оди наназад со векови, запирајќи и започнувајќи наново низ историјата, при што неговите почетоци датираат уште пред појавата на фашизмот или создавањето на НАТО пактот. Без да сенавраќаме во 17 или 18 век, доволно е да се потсетиме на настнаи од 20 век, кога при распадот на Руската Империја во 1917 г., Украина накусо се осамостојува како Украинска Народна Република (УНР). Но, врз неа тогаш напад извршила Советска Русија на чело со Владимир Илич Ленин. Тој ја задушил независноста на УНР и создал марионетска држава, Советска Украина, која во 1922 г. насила ја вклучил во Советскиот Сојуз (СССР). Во советска Украина има добро документирани инстанци на масовни појави на умирање од глад заради колективизацијата во 1930-тите (т.н. Гладомор) и во сталинистичките чистки врз интелигенцијата (т.н. Стрелана преродба).

Но авторот на објавата и покрај сето ова ги смета Украинците за изманипулирани од некаква „фашистичка идеологија“. Иронично, лидерот на Украина, Володимир Зеленски, е Евреин, а со закон донесен на 9.4.2015 г., таа ја забрани нацистичката идеологија и симболика. Исто така, иронично е и тоа што против Украина војуваат руски неонацисти како Антон Раевскиј или Алексеј Миљчаков со одредот Русич.

Објавата понатаму го цитира германскиот злосторник од Втората светска војна, Јурген Штроп, сакајќи да направи паралела меѓу нацистите и НАТО, во што е крајно неуспешен. Во цитатите, Штроп говори за тоа како нацистите сакале да ги заглупават Украинците за тие да не читаат и за полесно да се претворат во робови. Но, иронично, цитираното потсетува токму на сегашната руска окупација на Украина, која подразбира и палење на книги на украински јазик и слични мерки за уништување на украинската самобитност.

Објавата тврди и дека Штроп „во име на Хитлер раководел со Украина“, но тоа е неточно. Тој вршел високи функции во окупирана Украина, но таа тогаш не била една окупациска зона, ниту Штроп раководел со неа. Нацистите ја поделиле на неколку окупациски зони како Рајхскомесаријатот Украина (на чело со Ерик Кох) и Дистриктот Галиција (на чело со Карл Лаш, а потоа со Ото Вахтер), но Штроп не раководел со ниту една од нив.

Накусо, објавата изобилува со неточности, па ја оценуваме како невистинита.