Невистини при величење на Путин, руската армија, избори и екомонија

Published on:

Објава на Фејсбук се обидува да ги разобличи како неосновани западните наративи за Путин и тоа го прави со мешавина од издржани и неиздржани тврдења. На пример, точно е дека во Русија сега нема големи протести против Путин, но за тоа има причина, за која објавата тенденциозно молчи, а „изборите“ споменати во неа се некако фарсични. Најсилниот руски опозиционер Алексеј Навални беше апсен, труен и осуден на околу 30 години затвор, каде на крај мистериозно почина, а неговиот соборец Борис Њемцов беше застрелан, исто како и новинарката Ана Политковскаја. Путин воведе и драконски казни за да замолчи каква било критика. Околу милион Руси ја напуштија својата земја заради неговите политики, а во нормални услови тие би протестирале и би гласале против него

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук, меѓу другото, вели:

Рускиот претседател требаше неколку пати да умре ама нели не се умира лесно, па требаше да биде „изолиран“, но еве кај него долетуваат државници од секаде, му даваат поддршка и бараат негова поддршка.

Точно е дека имаше шпекулации околу здравјето на Владимир Путин, но не е точно дека нему му гостуваат државници „од секаде“, туку главно од земји кои и самите се изолирани или сиромашни и на кои им треба неговото жито, гас или нафта, а не мора да значи дека тие ги делат неговите ставови. Во изминатава година него го посетија лидерите на: Северна КорејаЈужен СуданКонгоЛаос и Куба, а со ретки исклучоци како лидерите на Индија или Унгарија, ама тука немаше нешто значајно. За Путин објавата го вели и следново:

Рускиот народ требаше да се „побуни“ против Путин, но тој на изборите освои 80 отсто од гласовите.

Точно е дека во Русија сега нема големи протести против Путин, но за тоа има причина, за која објавата тенденциозно молчи, а „изборите“ споменати во неа беа фарсични.

Најсилниот руски опозиционер Алексеј Навални (Алексей Навальный) беше апсен, труен и осуден на околу 30 години затвор, кајшто на крај мистериозно почина, а неговиот соборец Борис Њемцов (Бори́с  Немцо́в) беше застрелан, исто како и новинарката Ана Политковскаја (Анны Политковской)..Списокот на убиени критичари на Путин не завршува тука и така тој непречено владее веќе четвртина век.

Исто така, Путин ги преправи уставот и законите со цел да ги отстрани ограничувањата, кои би го спречиле и натаму да се кандидира, а воведе и драконски казни за да замолчи каква било критика. Околу милион Руси ја напуштија својата земја заради неговите политики, а во нормални услови тие би протестирале и би гласале против него.

На изборите тој немаше вистински конкурент, затоа што на Борис Надеждин (Бориса Надеждин) не му беше дозволено учество. Немаше ни адекватен странски мониторинг, а наводно имало незаконско полнење на гласачки кутии и дури и пенкала со исчезнувачко мастило.

Според весникот Новаја газета на нобеловецот Димитриј Муратов, тоа била изборна измама преголема дури и за руски стандарди, а изборите се одржаа дури и на окупираните територии во Украина, што е потполно нелегитимно. Но, после сето тоа објавата не ја спори легитимноста на Путин, туку онаа на Володимир Зеленски:

Украина требаше да биде „демократија“, но денес во неа владее глумецот и корумпиран диктатор  кој забранува секаква опозиција, ја потиснува црквата и ги дискриминира оние што го зборуваат јазикот со кој пораснал.

Зеленски не е диктатор, туку е легитимно избран во 2019 г., а тука веројатно се алудира на тезата дека нему „му истекол мандатот“, но во воена состојба тој се продолжува, при што избори не се одржуваат. Опозициски партии во Украина има: Европска солидарност, Баткившчина, Голос и др., а забранети се само оние, кои важат за „петта колона“.

Зеленски нема проблем со сите цркви, туку конкретно со Московската патријаршија, чиј назив ни кажува од каде таа дошла како окупаторска, а до 1686 г. Украинците имале црковен живот независен од неа. Дел од свештенството на Московската патријаршија сега ја поддржува руската агресија врз Украина, па нормално е таа на тоа да реагира.

Околу рускиот јазик во Украина веќе сме пишувале, па да не се повторуваме многу. Неговата слободна употреба е гарантирана со чл. 10 од уставот, па рускиот јазик таму не е забранет или сл. Напротив, украинскиот јазик бил забрануван под Руската Империја или бил потиснуван под СССР во полза на рускиот, што доведувало до асимилација на Украинците и негово преголемо присуство среде нив, кое тие решија да го ограничат.

Објавата дури оди и во теории на заговор:

Машинеријата за дезинформирање вредна повеќе милијарди долари наречена западни мејнстрим медиуми контролирана и спонзорирана од западните разузнавачки служби

Точно е дека во минатото ЦИА врбувала некои новинари, но таа пракса била напуштена уште во 1970-тите, а кој ја открил? Па други новинари, по што бил формиран сенатскиот комитет на Френк Чурч, кој ги истражил таквите злоупотреби на власта.

На Запад, новинарството е седма сила или куче-чувар, кое реагира на таквите злоупотреби. Новинари дури го собориле американскиот претседател Ричард Никсон. Тие не би молчеле ако ЦИА плаќа медиуми за да шират лаги, а медиумите таму и без тоа можат пристојно да заработат на отворен пазар.

Да не говориме, пак, за фактот што индустријата на медиуми и забава во САД во 2022 година се проценува на 2,44 илјади милијарди долари (или 2,44 билиони долари), додека вкупниот буџет на ЦИА, Централната разузнавачка агенција, на пример, годинава има буџет од само 72,4 милијарди долари, односно речиси 34 пати помалку. Што значи дека оваа индустрија може комотно да ја купи ЦИА, а не обратно.

А кога сме кај парите, објавата вели:

Руската економија требаше да се распадне, но оваа година ќе ги надмине сите други развиени економии иако западните санкции со децении имаа за цел да ја осиромашат

Иако Светската банка сега ја рекласифицираше Русија од земја со виш среден доход во земја со висок доход, таа е на дното на развиениот свет и тешко дека ќе го надмине. Бруто националниот доход по жител на Русија е 14.250 американски долари, а на пример, оној на САД е 80 300 долари. Во земјите со висок доход сега влезе и Бугарија, а иако нејзината економија е скромна, на листата таа е дури пред Русија.

Точно е дека ефектот од санкциите не е толку силен, но како што веќе пишувавме, него, сепак, го има. И санкциите не траат „со децении“, туку почнаа со инвазијата врз Крим во 2014 г., а оние посилните – дури по сеопфатната инвазија врз Украина во 2022 г.

Во врска со инвазијата врз Украина, објавата го вели следново:

Руската армија требаше да се „распадне“ нели, но таа порасна, напредна и победува.

Таа напредува, но по села за кои не се знае каде се на мапа: УрожајнеРозивка или Пишчане. За две и пол години Русија не зазеде ни еден обласен центар во Украина, освен Херсон, но и него набргу го загуби. Русија нема целосна контрола дури ни над она што го анектираше. Таа сè уште го нема освоено дури ни гратчето Часив Јар, кое требаше да ѝ биде трофеј за Денот на победата – 9 мај. Украинците веќе одамна го гаѓаат рускиот Белгород, па дури и Москва, а сево ова е засрамувачки за една суперсила.

На крај да го цитираме и следново:

НАТО и неговите соучесници на ЕУСА отворено признаваат дека се борат против Русите

Нема доказ за присуство на НАТО во Украина, туку само лажни вести од типот дека „во Мариупол бил заробен американски генерал“ или дека „во Славјанск стигнале француски трупи“. Точно е дека полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски спомена дека некои членки на НАТО наводно испратиле војници во Украина, но ништо не прецизираше, а веднаш потоа раскажа виц, па можеби тоа беше шега или провокација.

Нема официјално признание дека НАТО е во Украина. Русија му нема објавено војна на пактот, а нејзините амбасади и натаму си работат по западните престолнини (само со намален обем), па никаква војна против НАТО таа не води.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како делумно невистинита.