Руски и кинески борбени авиони не летале над САД

Published on:

Објава на Фејсбук тврди дека руски и кинески борбени авиони влетале во воздушниот простор на САД, но во реалноста, тие само се приближиле до Алјаска, но не ја надлетале и на крај биле ескортирани назад од страна на американски и канадски пресретнувачи. Ова веќе одамна се случува, а единствена новост е тоа што во случајов за првпат била инволвирана и Кина, а претходно вакви нешта правеше само Русија

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук започнува со следниве зборови:

И тоа се случи да го повредат, влезат во воздушниот простор на Сад

Објавата понатаму објаснува дека се мисли на заедничката патролна вежба на руското и кинеското воено воздухопловство одржана неодамна над Тихиот Океан во близина на Алјаска, САД, но никој не јави за нарушување на нивниот воздушен простор, па дури ни руските медиуми, кои се озлогласени по пропаганда.

Напротив, сите јавуваат дека авионите не биле закана, но има некои остри реакции како онаа на сенаторот од Алјаска, републиканецот Ден Саливен, кој смета дека ова е ескалација, дека опасноста е зголемена заради инволвираноста на Кина, а вакви нешта претходно правеше само Русија. Но Саливен не е претседател на САД, па тоа не е толку значајно, а и претерано се нагласува соработката меѓу Русија и Кина, која не е идеална.

За настанот јави северноамериканската команда за воздушна одбрана НОРАД (заедничка за САД и Канада), како и разни светски медиуми: Си-ен-енБи-би-сиРојтерсДојче велеАл ЏазираТАССРИА НовостиРосијскаја газета и др. Но ова не е ударна вест.

Доколку објавата беше точна, таквото влетување би било крајно ризичен потег, кој би можел да доведе до трета светска војна и тоа би била главна тема во сите светски медиуми, а богами и во ООН, но такво нешто нема. Слична дезинформација имавме во јуни.

Објавата, која сега ја рецензираме, е сепак малку пооснована, во смисла на тоа дека нешто навистина се случило, само описот на настанот е необјективен и претеран.

Како што јави НОРАД, а и светските медиуми, на 24.7.2024 г. руското и кинеското воено воздухопловство одржувале заедничка патролна вежба над Тихиот Океан, со два кинески бомбардери Сиан Х-6 и два рускиТупољев Ту-95 (објавата го нарекува овој модел „Беар“, но тоа е кодно име со кое Ту-95 го нарекуваат силите на НАТО, т.е. тоа е егзоним).

Најблиската точка до брегот на САД до која тие долетале била на околу 200 милји (321,8 км) од Алјаска, а за прелетување на нејзината територија не станувало ни збор.

Тие летале над еден вид на „тампон-зона“ (англ. Air Defense Identification Zone, накусо: ADIZ), која САД си ја имаат дефинирано, а таа започнува онаму кај што завршува нивниот воздушен простор и служи за навремено откривање на летала, кои можат да го загрозат.

Ако тие навлезат во таа зона, тие се следат и се контактираат за да се утврдат нивните намери и по потреба се праќаат авиони-пресретнувачи за да ги ескортираат назад, што било сторено и во овој случај со американски Ф-35 и Ф-16 и со канадски ЦФ-18. Повеќе земји си дефинираат такви „тампон-зони“, но тоа не е регулирано со меѓународни норми.

Некои сега прават сензација од настанов, нагласувајќи дека тоа се бомбардери кои можат да носат и нуклеарно оружје, па тоа го прави и објавата што ја рецензираме:

H-6 и Tu-95 Bear се дизајнирани да испорачуваат нуклеарно оружје

Но вакви случаи не се новост, сличен имаше на 2 мај годинава. Во него, исто така, беа инволвирани такви авиони, но само руски, а не и кинески.

Една поговорка вели дека сликата кажува илјада зборови, но во објавата е вметнат видеоклип кој не ни кажува ништо. За клипот објавата го вели следново:

Кина објави снимка од заедничкиот кинески стратешки бомбардер H-6 и рускиот Ту-95 Беар „Патрола на слободата на навигација“ во меѓународниот воздушен простор во близина на Алјаска.

Значи, снимката е од меѓународниот воздушен простор, а не од американскиот, па таа не го докажува она што се вели на почетокот на објавата. Во клипот гледаме авиони како летаат и како слетуваат (што е веќе во Русија или Кина) и тука нема ништо корисно. Ако настанов беше историски, тој ќе заслужеше подобар клип, а и овој трае само 1 минута.

На крај заклучуваме дека тука нешто навистина се случило, само тоа не е објективно опишано, па објавата ја оценуваме како делумно невистинита.