Одговорноста за нападот во Москва ја презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС). Ден по нападот, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС објави видео од нападот во концертната сала. На видеото, кое Би-Би-Си го потврди како вистинито, се гледа како еден од вооружените напаѓачи отвора оган врз неколку луѓе. По ова се огласија и САД кои рекоа дека имаат информации кои потврдуваат дека нападот во Москва го извршила Исламската држава. Руските власти не го коментираа тврдењето на Исламска држава кое дојде две недели откако САД предупредија за потенцијален напад насочен кон „големи собири“ во Москва. Русија директно го впери прстот кон Украина, а Киев експресно демантираше дека има врска со терористичкиот напад
Анализираме објава на социјалната мрежа Threads која тврди дека Украина, Велика Британија и САД стојат зад терористичкиот напад во Москва кој се случи на 22 март во концертната сала „Крокус“.
за ударот на москва одговорни се кирило буданов, шефот на укр разузнавање, циашката мафија и ми6
сите други причи се фабрика за лаги
проблемот за украина сега ќе биде да се биде или не и губење на државноста со илегална влада и погубена и претопена територија во русија
русија ќе го искористи моментот да мобилизира уште 1 милион војници а веќе не може да се исклучи ни тактичко нуклеарно оружје, па штом се мразат толку нема шо да се штедат, нек рока радијација и масовно истребување, стои во објавата.
Тврдењето дека Украина, Велика Британија и САД стојат зад терористичкиот напад во Москва не се темели на никакви докази, односно дадено е произволно.
Вистиномер веќе пишуваше дека нема докази кои укажуваат на тоа дека овие три држави го организирале нападот во Москва. Со вакво тврдење јавно излезе шефот на руската разузнавачка служба, Александар Бортников.
Шефот на руската разузнавачка служба без никакви докази директно ја обвини Украина дека го организирала терористичкиот напад врз „Крокус Сити“ салата во Москва со западна помош. Овие обвинувања од Бортников според Вашингтон Пост, се обид да се дефокусира вниманието од руската разузнавачка служба да го превенира нападот, во кој загинаа најмалку 143 лица, како и да се вжешти анти-украинската реторика.
Руските власти покренаа обвинение против четворицата уапсени мажи за кои се тврди дека се директни извршители на терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“. Сите четворица се обвинети за тероризам, а двајца од нив, пред судските власти ја признале вината. Четворицата обвинети ќе бидат задржани во истражен затвор најмалку до 22 мај, соопшти судот. Според руските државни медиуми, обвинетите се именувани како Далерџон Мирзоев, Саидакрами Муродали Рачабализода, Шамсидин Фарудини и Мухамедсобир Фајзов и тие се државјани на Таџикистан.
Одговорноста за нападот во Москва ја презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС). Ден по нападот, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС објави видео од нападот во концертната сала. На видеото, кое Би-Би-Си го потврди како вистинито, се гледа како еден од вооружените напаѓачи отвора оган врз неколку луѓе.
По ова се огласија и САД кои рекоа дека имаат информации кои потврдуваат дека нападот во Москва го извршила Исламската држава.
Претходно овој месец, американската влада имаше информации за планиран терористички напад во Москва, кој би можел да има за цел големи собири, вклучително и концерти, што го натера Стејт департментот да издаде јавно предупредување до Американците во Русија. Американската влада, исто така, ја сподели оваа информација со руските власти во согласност со нејзината долгогодишна политика „должност да се предупредува, рече портпаролката на Советот за националната безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон.
Руските власти не го коментираа тврдењето на Исламска држава кое дојде две недели откако САД предупредија за потенцијален напад насочен кон „големи собири“ во Москва. Руските власти се пожалија дека американското разузнавање немало конкретни детали.
На 7 март, Соединетите Американски Држави издадоа предупредување за потенцијален терористички напад во Русија, повикувајќи ги Американците во Русија да избегнуваат масовни собири, базирано делумно на разузнавачки информации за можна активност во Русија од страна на Исламска држава на провинцијата Хорасан (ISIS-K). Станува збор за авганистанската и пакистанската испостава на милитантната група. Претседателот на Русија, Владимир Путин го отфрли ова предупредување како „обид на Западот да ја дестабилизира Русија“.
За нападот во Москва, Русија веднаш го впери прстот кон Украина.
Путин, информирајќи ја јавноста дека се пронајдени и приведени сите четворица директни извршители на терористичкиот напад, посочи дека тие се обиделе да се скријат и се упатиле кон Украина, каде според прелиминарните податоци им бил подготвен премин од украинска страна за преминување на државната граница. Путин рече дека се приведени вкупно 11 лица. Безбедносните служби претходно соопштија дека другите седуммина уапсени се соучесници.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека е „исклучително тешко да се поверува“ дека Исламска држава имала капацитет да го изврши нападот врз концертната сала во Москва. На брифинг со новинарите, Захарова рече дека Украина стои зад нападот.
За да ги оттргнат сомнежите на колективниот Запад, итно мораа да смислат нешто, па прибегнаа кон ИСИС. Тие повлекоа кец во ракавот и буквално неколку часа по терористичкиот напад, англосаксонските медиуми почнаа да ги шират токму тие верзии, рече таа.
Киев експресно демантираше дека има каква било врска со терористичкиот напад во „Крокус“.
Да бидеме јасни, Украина нема апсолутно никаква врска со овие настани. Во врска со настаните во Крокус Сити во руското предградие, каде што денес се случија одредени настани, пукања, терористички акции од неидентификувани лица, да бидеме јасни, Украина апсолутно нема никаква врска со овие настани. Нема ни најмало сомневање дека настаните во московското предградие ќе придонесат за ненадејно зголемување на воената пропаганда, забрзана милитаризација, проширена мобилизација и, на крај, на обемот на војната. Тоа ќе послужи и како оправдување за очигледните геноцидни напади врз цивилното население на Украина, напиша на Телеграм Михајло Подољак, помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Вашингтон пост во својот напис додава дека, додека Бортников го вперува прстот кон САД, Украина и Британија, се отвораат нови и нови прашања за тоа како безбедносните служби работеле во периодот додека нападот бил планиран.
Руски медиуми известија дека специјалните полициски сили не пристигнале на местото, цел час откако почнало пукањето и потоа чекале 30 минути пред да влезат во зградата. Во тоа време, напаѓачите веќе биле избегани. Тие пристигнале во концертната сала во 18 часот и 45 минути, чекале да се соберат посетителите и во 19 часот и 48 минути почнале да пукаат на посетителите и влегле во зградата.
Руските специјални полициски сили пристигнале во салата во 21 часот и 6 минути, според агенцијата Тас. Новинар од медиумот Осторожно Њуз кој бил на местото, извести дека полицијата почнала да влегува во зградата во 21 часот и 39 минути. Најблиската полициска станица е лоцирана на два километра од концертната сала. Портпаролката на Министерството за внатрешни работи на Русија, Ирина Волк ги демантираше наводите дека полицијата доцна пристигнала на местото тврдејќи дека првата група полициски службеници дошле во зградата пет минути после пријавата за пукањето. Двајца од осомничените напаѓачи, Шамсидин Фаридуни и Саидакрам Рајабализода, кратко патувале за Турција во февруари и се вратиле во Русија на 2 март, според припадник на турските безбедносни структури кој под услови на анонимност разговарал со Вашингтон Пост. Тој тврди дека верува оти овие лица се радикализирале во Русија, со оглед на тоа што во Турција поминале малку време, пишува Вашингтон Пост.
Истрагата за терористичкиот напад уште трае, а обвинувањата кои Москва ги упати дека Западот и Украина стојат зад терористичкиот напад, ја ставаат Русија пред голем проблем, а тоа е што не може да ги докаже непоткрепените тврдења.
Секретарот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Дејвид Камерон на социјалната мрежа Икс наведе дека тврдењата на Русија за западот и Украина за нападот на салата Крокус се чиста бесмислица.
Досега нема никакви докази со кои ќе се докаже наративот дека Украина, САД и Велика Британија стојат зад нападот во Москва.
Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.