Баркодот не ја означува земјата на потекло на производот

Published on:

Во објавата што ја рецензираме невистинито се сугерира дека ако баркодот на производот почнува со цифрите 729, тоа значи дека тој е произведен во Израел, што според компанијата која ги доделува баркодовите не е точно. Цифрата 729 само означува дека баркодот бил доделен од организација во Израел, а самиот производ можел да биде направен каде било во светот. Така што, овие први броеви покажуваат која е земјата на потекло на самиот баркод

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија со баркод кој почнува со цифрите 729, а под баркодот пишува дека е направен во Израел (ова е пречкртано со црвено), а има и напомена „ги бојкотираме израелските производи, да го запаметиме бројот 729“. Самиот баркод на едната страна е некако „растечен“ и делува како да има траги од крв. Контекстот на оваа објава е кампањата која ја водат групи на социјалните мрежи од целиот свет за бојкот на производи од Израел, поради конфликтот во Газа каде загинаа над 10 илјади цивили, меѓу кои над 4 илјади деца.

Во нападот, пак, кој на 7 октомври го спроведе Хамас врз Израел загинаа 1.400 лица и повеќе од 240 беа земени како заложници.

Меѓутоа, како што пишуваат проверувачите на факти на Фул Факт, баркодовите не означуваат каде еден производ е направен.

Баркодовите кои се со потекло од Израел може да почнат со 729, но тоа не значи дека тие производи се произведени во Израел. Не сите баркодови за производи или компании базирани во Израел, го имаат овој код. Бројот на баркодот кој започнува со 729 покажува дека баркод бројот е доделен во Израел, но не мора производот да е произведен во Израел. Фул Фект пронајде неколку примери на производи од компании со потекло од Израел кои не почнуваат со 729. Бројот 729 на почеток на баркодот не е гаранција дека компанијата која го изработила производот е базирана во Израел, пишуваат тие.

Според непрофитната организација GS1, која во светски рамки доделува баркодови, исто така префиксот не е показател дека производот е направен во одредена држава или од специфичен производител. Може производот да бил направен каде било во светот.

Според нивниот сајт, бројот 729 на почетокот на баркодот е показател дека баркодот бил алоциран од страна на израелска филијала на непрофитната организација GS1. Но, како што објаснуваат од GS1, тоа не значи дека производот бил направен или произведен во Израел.

Фул Фект пронајде еден пример на компанија во Израел која продава баркодови за производи, чии баркодови почнуваат со 07. Компанијата на својот сајт пишува:

Броевите на баркодот не кажуваат ништо за земјата на потекло на производот или компанијата. Првите бројки од баркодот само ја покажуваат земјата на потекло на баркод бројот. Нашите броеви почнуваат со 07, што покажува дека бројот доаѓа од САД.

Barcode1 UK, компанија што продава баркодови пишува:

Многумина погрешно веруваат дека првите броеви од баркодот ја покажуваат земјата на потекло на производот. Но, бројот на баркодот не кажува ништо точно за земјата на потекло на производот. Единственото нешто што го покажуваат овие први броеви е земјата на потекло на самиот баркод. Така што, во реалноста, производите кои доаѓаат од која било држава, може да имаат каков било баркод број на нив.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Баркодот кој почнува со 729 не ја означува земјата на производство на производите, туку земјата во којашто баркодот бил алоциран. Производот, пак, може да биде произведен од која било држава во светот.