Билборд со натпис „Нема Зеленски, нема војна“ не е поставен во Њујорк

Published on:

Самото видео, како  што пишуваат странски проверувачи на факти, не е ново и е снимено пред руската инвазија врз Украина. Во моментот, зградата е изменета споредено со она што е прикажано на видеоматеријалот, а и семафорите во близина на самата улица се променети и сега се во жолта боја

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видеоматеријал од наводен билборд на Тајмс Сквер, на кој наводно пишува „No Zelensky no war“. Во описот на постот се вели:

Банер во Њуjoрк:
Не на Зеленски !
Не за војната!
Работите во САД драстично ќе се променат, доколку паднат таканаречените демократи. Затоа би му препорачал на Мицковски да не треска глупости.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Мит Детектор, видеото од постот што го рецензираме е изменето (altered content) и бројни фактори укажуваат на тоа дека на Петтата авенија во Њујорк не бил поставен билборд со натпис: „No Zelensky no war“. Самото видео, посочува Мит Детектор, не е ново и е снимено пред руската инвазија врз Украина. Во моментот, зградата е изменета споредено со она што е прикажано на видеоматеријалот, а и семафорите во близина на самата улица се променети и сега се во жолта боја.

Зградата за која се вели дека на неа е закачен банерот, е онаа на Тифани и Ко (Tiffany & Co), продавницата за накит на Петтата авенија и на неа нема банер со Зеленски. На 29 јуни 2023 година, подземните кабли пред оваа зграда ги зафати пожар. Во снимката на Волстрит Џрнал за овој настан со пожарот, може да се види дека банерот со Зеленски не е на фасадата од зградата. Дополнително, на видеото во постот што го рецензираме, семафорите во близина на зградата на Тифани се црни, а во сликите на Гугл Мапс од август 2021 година тие се жолти и новоинсталирани.

Истите жолти семафори може да се видат во август 2022 неколку месеци по почетокот на руската инвазија врз Украина. Во видео снимката од пожарот на 29 јуни 2023 може да се види дека бојата на семафорите не е променета и понатаму е жолта.

Така што, видеото со црните семафори на кое се гледа наводниот банер на Зеленски не е ново и снимено е пред руската инвазија врз Украина. Но, ни на постари снимки не може да се потврди дека ваков банер воопшто некогаш постоел и не може да се најде на отворени извори за податоци. Како што наведува, Мит Детектор,  видеото од постот што го рецензираме прво беше постирано на 9GAG, сајт што претежно објавува забавни содржини.

Според  проверувачите на факти на српски Истиномер, има уште една разлика на видеото што е прикажано во постот и која укажува на тоа дека истото не е снимено во поново време, туку пред руската инвазија врз Украина. А тоа е што на зградата каде е прикажан банерот, во моментов нема скелиња за реновирање.

 

За наводниот банер  „No Zelensky no war“ во Њујорк проверувачите на факти на Дисинфо, исто така, објавија дека е лажен.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Билборд со напис „Нема Зеленски, нема војна“ не е поставен во Њујорк.