Во рускиот ракетен напад на Краматорск беа погодени цивили, а не „воени легитимни цели“

Published on:

Рускиот ракетен напад врз Краматорск бил намерен и извршен врз цивилни објекти. Факт е дека во нападот на пицеријата во Краматорск биле убиени 12 цивилни лица, а десетици биле повредени. Тоа што американски војник бил таму за да јаде, не го прави објектот „легитимна воена цел“, како што тврди Русија. Постот ја форсира руската пропаганда дека целта на нападот биле воени објекти, притоа го заобиколува фактот кој е нагласен во видеото кое го споделува дека американскиот војник бил на одмор и отишол во пицеријата за да руча

 

 

Пост на Фејсбук сугерира дека во рускиот ракетен напад на Краматорск на 27 јуни, биле таргетирани воени цели, наратив кој го форсира руската пропаганда. Ова не е точно. Во нападот на пицеријата во Краматорск беа убиени цивилни лица.

Нели во Крематорск беа убиени цивили, од каде сега ова, стои во објавата што ја анализираме.

Постот споделува и видео од КЦАЛ њуз, во кое се говори дека во нападот на пицеријата загинал и  американскиот војник Иан Френк Торторичи кој израснал во Лејк Форест и доброволно се приклучил на Украинската меѓународна легија пред 15 месеци.

Во видеото јасно се нагласува, повикувајќи се на цитат од неговото семејство, дека тој бил на одмор викендот и јадел во ресторанот кога руска ракета погодила цивилна област и ја уништила.

На 27 јуни, руски ракети го погодија Краматорск, град под контрола на украинската влада во источна Украина, во близина на територијата окупирана од Русија.  Ракетата погоди преполн ресторан, при што загинаа 12 лица, а десетици беа повредени.

По нападот, врвната пропагандистка на Москва, Олга Скабеева, рече дека Русија ги истрелала проектилите врз Краматорск тврдејќи дека нападот бил врз „легитимни воени цели“.

Дмитриј Песков, прес-секретарот на рускиот претседател Владимир Путин, одговори на меѓународниот гнев предизвикан од тоа што Русија ги напаѓа украинските цивили во Краматорск.

Руската Федерација не напаѓа цивилна инфраструктура. Ударите се на објекти кои на еден или друг начин се поврзани со воената инфраструктура, рече Песков.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека целта на нападот била „привременото распоредување“ на украински војници во градот Краматорск во источна Украина.

Според ажурираните информации, уништени се двајца генерали и до 50 офицери на вооружените сили на Украина, како и до 20 странски платеници и воени советници кои учествуваа на состанокот на персоналот“, изјави портпаролот Игор Конашенков на брифинг во Москва.

Ова не е точно.

Украинската полиција соопшти дека Русија го погодила Краматорск со две ракети „Искандер“. Независните набљудувачи потврдија дека Русија ги лансирала ракетите, пишува Полиграф.инфо.

Примарниот ракетен напад го погоди Риа Лоунџ, популарен пица-ресторан во центарот на Краматорск кој го посетуваат новинари, хуманитарни работници и украински војници.

Од 29 јуни, Украинската државна служба за вонредни состојби соопшти дека во нападот загинале 12 лица, а 60 се повредени. Потврдено е дека во рускиот ракетен напад врз Риа Лоунџ загинале 14-годишни сестри близначки и 17-годишно девојче.

Во нападот беа оштетени и бројни станбени згради, училишта и други објекти.

Вториот ракетен напад погоди приватен дом на периферијата на градот, при што беа повредени петмина.

Според законите на војната, фактот што војниците го посетувале Риа Лоунџ како клиенти, не ги прави легитимна воена цел, пишува Полиграф.инфо.

Украина е земја во војна, а воените лица често имаат цивилни дејствија.

Колин Фримен од британски Телеграф, кој го напуштил ресторанот непосредно пред нападот, ја сумираше таа реалност:

Трупи може да се најдат речиси во секој ресторан во Украина; во војна која бараше толку многу цивили да земат оружје, оние во униформи не живеат само во касарните.

Фримен рече дека се чини „сигурно“ дека нападот бил намерен. Тој цитираше висок извор од украинската војска, кој рече дека Русија извршила „намерен напад врз цивилен објект“ како дел од нејзината „ракетна терористичка кампања“.

Според ова, можеме да заклучиме дека рускиот ракетен напад врз Краматорск бил намерен и извршен врз цивилни објекти. Тоа што американски војник бил таму за да јаде, не го прави објектот „легитимна воена цел“, како што тврди Русија. Факт е дека во нападот на пицеријата во Краматорски биле убиени 12 цивилни лица, а десетици биле повредени. Постот го заобиколува фактот кој е нагласен во видеото кое го споделува, дека американскиот војник бил на одмор и отишол во пицеријата за да руча и ја форсира руската пропаганда дека целта на нападот биле воени објекти.

Поради сето ова, оценуваме дека на постот му недостига контекст. Вака како што е напишан, тој фрла сомневање како нападнатиот објект во Краматорск да е легитимна воена цел, односно фрла сенка врз фактите, кои јасно покажуваат дека станува збор за цивилен објект, како и дека жртвите во нападот се главно цивили.