Објавата што ја анализираме манипулира така што старо видео од масовни протести во Тел Авив против премиерот Нетанјаху, претставено како да прикажува нови протести во време кога е актуелна војната во Појасот Газа. Од нападот на Хамас на 7 октомври, во Израел се одржале неколку протести, но тие се далеку од масовни, бидејќи јавноста е незадоволна што премиерот не успаел да го спречи нападот и да им помогне на киднапираните лица. Во Тел Авив имало масовни протести, но во март годинава, кога јавноста излегла на улиците поради најавените судски реформи
Анализираме објава на Фејсбук која споделува видео од масовни протести во Тел Авив против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со што се имплицира како тие да се случиле сега, кога е актуелна војната во Газа.
Масовни Анти Нетанјаху протести во Тел Авив, Израел, стои во објавата споделена на 5 ноември.
Видеото прикажува масовни протести во Тел Авив кои навистина се случиле, но не пред неколку дена, туку пред 8 месеци. Доколку го побарате видеото на Гугл, ќе најдете дека истото е објавено на социјалната мрежа Х на 26.03.2023 година.
Во Израел во март годинава избувнаа масовни протести откако премиерот Нетанјаху го разреши министерот кој се спротивстави на ремонтот на судството.
Огромна толпа луѓе ги преполни улиците на израелскиот град Тел Авив во неделата доцна навечер, откако премиерот Бенјамин Нетанјаху го отпушти својот министер за одбрана, поради неговото противење на планираниот ремонт на судството. Можеа да се забележат демонстранти како мавтаат со израелски знамиња и извикувајќи „демократија“ блокираат улици и мостови, вклучувајќи го и автопатот Ајалон, извести Си-Ен-Ен на 27 март.
Политичката криза во Израел се продлабочи во неделата кога канцеларијата на Нетанјаху преку соопштение го објави отстранувањето на Јоав Галант, откако тој стана првиот член на кабинетот кој повика на пауза на контроверзните планови за ревизија на судскиот систем на земјата, се додава во извештајот на Си-Ен-Ен.
Во прилог е објавено и видео од масовните протести на кое може да се забележат истите сцени од видеото споделено во објавата што ја анализираме.
Владините предлози за ревизија на судскиот систем во Израел предвидуваат владата да има контрола врз назначувањето на судиите, а парламентот да добие овластување да ги поништи одлуките на Врховниот суд.
Израелската влада тврдеше дека промените се од суштинско значење за зауздување на Врховниот суд, додека, пак, противниците велат дека плановите ги загрозуваат темелите на израелската демократија, пишува Си-Ен-Ен.
Нетанјаху го претстави планот на почетокот на оваа година, велејќи дека неизбраните судии во земјата имаат премногу моќ над парламентот. Тој е поддржан од сојуз на ултранационалистички и религиозни партии, секоја мотивирана од различни поплаки против правниот систем, пишува АП.
Нема докази за неодамнешните масовни протести во Тел Авив во кои учествувале илјадници луѓе. Локалните медиуми објавија информации за демонстрации во кои „стотици“ бараа ослободување на киднапираните кои ги држи Хамас.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме манипулира така што старо видео од масовни протести во Тел Авив против премиерот Нетанјанху, е претставено како да прикажува нови протести во време кога е актуелна војната Израел-Хамас. Од нападот на Хамас на 7 октомври наваму во Израел се одржале неколку протести, но тие се далеку од масовни, бидејќи јавноста е незадоволна што премиерот не успеал да го спречи нападот и да им помогне на киднапираните лица. Во Тел Авив имало масовни протести, но во март годинава, кога јавноста излегла на улиците поради најавените судски реформи. Поради сето ова можеме да кажеме дека на објавата ѝ недостига контекст.