Откако во февруари 2022 година почна засилената проруска пропаганда преку десетина наративи, врз кои се пласираа специфични дезинформации околу агресијата во Украина, како и по периодичните дезинформации што можат да се прочитаат за случувањата во Косово, за првпат се регистрираат дезинформациски наративи и за војната во Израел, делумно кај медиумите, но уште повеќе на социјалните мрежи
Во анализата на дезинформациските наративи или на дезинформациите што ги регистрираме, за првпат на почетокот на октомври се појавуваат и оние поврзани си случувањата на Блискиот Исток, поточно за војната во Израел по нападите на терористите на Хамас од 07.10.2023 г. Сепак, поради прегледност на месечно ниво дезинформациските наративи или конкретните дезинформации ќе бидат опишани според датумите кога се регистрирани, т.е. од почетокот до крајот на октомври.
Словачка и помошта за Украина
Октомври започна со многу објавени вести за најавениот прекин на воена помош за Украина од страна на Словачка. Имено, словачката Социјалдемократска партија (СМЕР-СД) нема да поддржи понатамошна воена помош за Украина, изјави нејзиниот лидер Роберт Фицо за новинарите во неделата (01.10.2023).
Словачка и народот на Словачка имаат поголеми проблеми од Украина, рече тој на прес-конференција по објавувањето на изборните резултати.
СМЕР-СД освои околу 23 отсто од гласовите, додека нејзиниот најблизок конкурент, Прогресивна Словачка (ПС), околу 18 отсто, јавија медиуми на македонски јазик (02.10.2023), пренесувајќи ги првите изјави на Фицо по победата и пред да почне процесот за формирање влада. Во изборната кампања Фицо ветуваше дека доколку ја освои власта Словачка веќе нема да испрати „ниту еден куршум“ за Украина.
Фицо, кој во повеќе наврати беше словачки премиер важи за пријател на Путин, човек кој не стои добро со новинарите и медиумите и е многу гласен поборник на антиваксерски ставови. Некои медиуми на македонски јазик објавија кратки извадоци од неговата биографија. Но, победата на Фицо со предизборното ветување за прекинување на помошта на Украина беше повод за нов дезинфо наратив од Москва.
Кремљ: Запад ќе се замори со Украина
Москва, ден по изборот на Фицо и откако во САД беше надмината кризата со буџетското финансирање кое не подразбира нови издатоци за Украина, излезе со дезинформациски наратив малку модификуван од претходните, дека Запад „ќе се замори“ од војната во Украина
Во САД и во Европа ќе има зголемен замор од војната во Украина, но Вашингтон ќе остане директно вклучен во конфликтот, проценува Кремљ на 02.10.2023 г.
Русија предвидува дека заморот на Западот од војната во Украина ќе доведе до фрагментација на мислењето за конфликтот, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавија медиумите на македонски јазик.
Србија: Западот го толерира Курти
„Вучиќ: Згрешив што им верував на ЕУ и САД“ – под ваков наслов на блогот на Левица, Антропол, на 04.10.2023 г., е објавен текст со изјави на српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со моменталната состојба на Косово и односите на Србија со Приштина и со меѓународната заедница. Овој антизападен наратив што почна да се лиферува поинтензивно после судирите во Бањска, село на северот од Косово, беше уште повеќе потенциран и од шефот на партијата на Вучиќ, заменик премиер и министер за одбрана Милош Вучевиќ.
Дел од медиумите на македонски јазик на 04.10.2023 г. ја пренесуваат и изјавата на Вучевиќ, кој во гостување на ТВ Прва, изјави дека „насилството на Косово и Метохија продолжува откако Албин Курти дојде на власт“.
Човекот не се откажува од својата крајна цел, а тоа е да нема Срби – рече Вучевиќ.
Тој појасни низ што поминуваат Србите во Косово и додаде дека во најмала рака е вознемирувачка ситуација. Вучевиќ додаде дека таквата ситуација не е плод само од 24 септември, кога имаше српско-албански судири во Бањска.
Путин – Шверцот на оружје за Блискиот Исток доаѓа од Украина
Рускиот претседател Владимир Путин на 14.10.2023 г. кажа дека оружјето од Украина на Блискиот Исток најверојатно стигнало преку црниот пазар.
Се сомневам дека Украина директно испорачувала оружје, но немам сомнеж дека постои истекување на оружје од Украина. Нивото на корупција во Украина е исклучително високо. Црниот пазар се создава, има многу кои сакаат да купат оружје, а во Украина има многу кои сакаат да го продадат, кажа Путин на конференција за новинарите по завршувањето на самитот на Заедницата на независни држави (ЗНД) во Киргистан.
Дел од медиумите на македонски јазик вака ја пренесоа изјавата на Путин, илустрирајќи ја со видео од мрежата X (поранешен Твитер), емитувано од сметката на „Раша Тудеј“ на таа мрежа.
Ваков дезинформациски наратив се појави и на социјалните мрежи. „Вистиномер“ во дебанкирањето ја употреби „Украинска Правда“, која објави дека Киев има сознанија за вакви дезинформации од страна на Москва:
Одбранбеното разузнавање на Украина соопшти дека Русија се подготвува да ја дискредитира Украина со цел да влијае на ставот на сојузниците и на снабдувањето со западно оружје, пишува Украинска правда
Ваквиот дезинформациски наратив кој го пренесоа најмалку два медиума на македонски јазик, може да се види тука и тука.
„Не им е доволна војната со Хамас!“
На 22.10 2023 повеќе медиуми на македонски јазик ја објавија информацијата дека Израел со помош на ракетни единици во текот на ноќта ги нападнал аеродромите во Сирија во Дамаск и Алепо. Медиумите оваа вест ја објавија со два типа наслови – едниот за нападот и оштетувањата на аеродромите, а другиот тип наслови се фокусираше на загинатите и повредените.
Сепак, еден од медиумите имаше јасна коментаторска позиција во насловот:
Не им е доволна војната со Хамас: Израел ги нападнал меѓународните аеродроми во Дамаск и Алепо во Сирија и ги ставил надвор од функција.
Ваквиот наслов не кореспондира со содржината на самата вест којашто очигледно беше агенциска и се засноваше исклучиво на факти за нападот, при што е наведен и изворот.
Руски функционер: Бајден е луд
Изјавата на американскиот претседател Џо Бајден од 23 октомври дека ќе има „нов светски поредок“ и дека САД треба да го води, наиде на два дезинформациски наративи искажани во Москва.
Едниот се надоврзува на руската нова надворешна политика по агресијата во Украина и се темели на тврдењата дека Западот е виновник за војната во Украина. Па така, во врска со изјавата на Бајден, официјална Москва одговори преку Димитриј Песков кој порача дека „нов поредок ќе има, ама дека нема да го предводат САД“.
Од друга страна, Вјачеслав Володин, претседател на руската Дума, на својот канал на Телеграм, како што пренесоа медиумите на македонски јазик, му одговорил исто така на Бајден, велејќи дека е луд и дека неговата политика го водела светот во трета светска војна.
Лудиот Бајден мора да биде изолиран пред да започне светска војна, додаде Володин. Трговските војни ги прекинаа воспоставените економски синџири, има длабока криза во ЕУ, растат тензиите околу Тајван, како и околу Украина и Блискиот Исток – сите овие проблеми се последица на владеењето на Бајден, напиша претседателот на Думата Володин.
Додик преку Спутник јавно повика на Голема Србија
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик јавно повика на формирање на Голема Србија при што кон матицата Република Србија би се присоединиле Република Српска, Црна Гора и Косово, преку сесрпско собрание што требало да го свикаат српскиот претседател Александар Вучиќ, Додик, патријархот на Српската православна цркава и други.
Веќе треба да кажеме дека во овој век сакаме обединета држава составена од Србија, Република Српска со Косово и Метохија и доколку има таква демократска одлука и Црна Гора, рече Додик.
Оваа големосрпска идеја, градена преку дезинформацискиот наратив дека Србите се постојана жртва на Западот и од прозападните, наводно и антисрпски политики во земјите од Балканот, беше проширена преку интервју со Додик за српската редакција на рускиот Спутник и преку медиуми во Србија и Република Српска. Медиуми на македонски јазик на 28.10.2023 пренесоа пократки или подолги делови од интервјуто на Додик со различни наслови – од сензационалистички до професионално одбрани.
Путин ги спои наративите за Блиски Исток и Украина
Рускиот претседател Владимир Путин на крајот на октомври за првпат јасно ги спои руските дезинформациски наративи за Блискиот Исток и Украина, на тој начин што како главен виновник за двете кризи ги обвини САД.
Кризата на Блискиот Исток почна со терористички напад против израелски цивили, но наместо казнување на злосторниците и терористите, за жал, почна одмазда по принцип на колективна одговорност, рекол Путин во телевизиско обраќање до шефовите на безбедносните служби во Русија кои биле свикани поради нередите во Дагестан.
Веднаш потоа, како што пренесуваат дел од медиумите на македонски јазик, Путин ги нападнал САД и Западот за состојбата на Блискиот Исток. Според него, „владејачките американски елити и нивните сателити“ стојат зад убиствата на Палестинците во Газа и зад конфликтот во Украина, Авганистан, Ирак и Сирија и тие се „најголемите добитници на глобалната нестабилност“.
Ваквиот дезинформациски наратив на Кремљ кој ги спојува Украина и војната во Израел и со колективна вина на САД и на Западот, пренесен во медиумите на македонски јазик, всушност е продолжение на стариот руски наратив од 2022 година дека тие не се виновни за агресијата врз Украина и дека за состојбата таму одговорни биле Запад и САД.
Дезинформации околу Израел на социјалните мрежи
Како што може да се констатира од фактичката состојба со следењето на лажните наративи и дезинформациите, тие за првпат се бројни и на тема што не е поврзана со Украина или Косово и ги има во дел од медиумите, но уште поголем дел на социјалните мрежи. Од оние на Фејсбук, кои „Вистиномер“ ги анализираше во последните три недели, може да се сретнат тврдења дека „Западот очајно посакува војна меѓу Израел и Палестина“, потоа манипулација со стари фотографии, при што фотка од пред седум години во Сирија е прикажана како актуелна со настрадани деца од Газа, потоа пренесена дезинформација на руската државна агенција ТАСС, која заврши и на Фејсбук со тврдење дека Џо Бајден бил роден во Израел и дека наводно сам тоа го изјавил, снимка од Тик-Ток со деца во кафез за која лажно се тврди дека се деца од Газа, и бројни други дезинформации што може да се најдат во рубриката Проверка на факти.