Молк од институциите за таблата со украинскиот град Севастопољ во „руското“ детско игралиште кај Универзална сала

Published on:

Повеќе од еден месец Општина Центар, Град Скопје и Министерството за надворешни работи молчат на прашањата поставени од Мета.мк за новото руско игралиште позади Универзална сала, на кое најпрво беше поставена, а потоа беше отстранета таблата со украинскиот град Севастопољ меѓу имињата на руските градови што се испишани на игралиштето

Украинската амбасада во Скопје за Мета.мк кон крајот на декември лани потврди дека реагирале до Министерството за надворешни работи и до Градот Скопје, по што таблата со натписот Севастопољ е отстранета од детското игралиште.

„Амбасадорката на Украина во земјава г-ѓа Наталија Задорожњук оствари и низа релевантни средби во МНР каде го изрази ставот за недозволивото учество на официјални претставници од Северна Македонија, посебно раководството на Општина Центар, во обидот на руската страна да го легализира статусот на привремено окупираните територии на Автономната Република Крим и г. Севастопољ како посебен субјект на Руската Федерација“, рекоа за Мета.мк од Украинската амбасада на 24 декември лани.

Меѓу таблите со градовите Велики Новгород и Сочи стоеше и таа со името на градот Севастопољ. Таа во текот на декември беше целосно отстранета од детското игралиште зад Универзална Сала; Фото: Мета.мк

Инаку, министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин на 31 јануари годинава изјави дека земјава го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и повика на деескалација на состојбата во Украина, додавајќи дека решението за украинската криза треба да се бара преку дијалог и дипломатијата.

Неколку дена подоцна, премиерот Димитар Ковачевски по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на 3 февруари изјави дека Северна Македонија целосно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признаени граници.

Да потсетиме, детското игралиште со руска тематика беше завршено со изведба од Општина Центар, во соработка со Руската амбасада во Скопје, во текот на предизборието пред локалните избори во октомври лани. Во два наврати пред локалните избори, поранешниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ најави дека привршува изградбата на руското игралиште, при што на 15 октомври беше на увид на терен заедно со рускиот амбасадор, Сергеј Баздникин. Притоа, самиот Богдановиќ објави дека игралиштето е заедничка инвестиција на Општина Центар и Руската амбасада.

До Општина Центар во два наврати испративме прашања за основни податоци за ова игралиште – колкави средства се одвоени за изградбата, кој ја отстранил таблата со градот Севастопољ од руското игралиште, но и најважното – дали одлуката за изградба на детското игралиште е одобрена од Советот на општина Центар и кој стои позади неговиот дизајн, во кој покрај табли со руските градови, децата си играат на подлога на која е исцртана мапата на Руската Федерација.

Инаку, детското игралиште со руска тематика се изгради во т.н. „Парк на сеќавањето“ позади Универзалната сала, во којшто Општина Центар и Руската амбасада во ноември 2020 година засадија дрвца и го направија да биде „потсетник на младите генерации за жртвите кои биле дадени во Втората светска војна“.

Инаку, на само 100 метри од руското игралиште позади Универзална сала, Општина Центар со поддршка на Руската амбасада во Скопје на 9 мај 2020 година постави и споменик во чест на Денот на победата над фашизмот и милионите војници кои животот го загубиле во Втората светска војна.


Qries

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар