EUvsDisinfo пишува дека, „ниту еден сериозен медиум не објави за ова неосновано тврдење, кое се ширеше исклучиво од про-Кремљ профили и сметки на социјалните мрежи“. Единствениот извор за оваа приказна за дезинформации е наводно британскиот медиум, создаден неколку дена пред објавувањето на сторијата, наречен London Crier, кој беше оценет од членовите на BBC Verify – тимот за верификација на британската јавна радиодифузна компанија, како „руска веб-страница за дезинформации која користи вештачка интелигенција за објавување тотално лажни и фабрикувани приказни за Украина“
Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека украинскиот претседател Володимир Зеленски купил луксузна куќа (вила) од британскиот крал Чарлс Трети за 20 милиони долари.
Доколку е точно ова што го објави британски медиум,тогаш навистина можело луксузно да се живее од комедија. Велат ја купил за некои “подобри времиња“се разбира ако преживее. По мое ако не го убијат Русите, кога-тогаш тоа ќе го сторат неговите газди(циа,ми-6…).Ах да,официјална украина демантира и како и обично за тоа ја обвинува Русија, а штом некој ја спомене Русија на запад и во севераџистан се пали црвеното светло и почнувааат жалопојки ,напади,бришење на објави, закани,забрани,ЦЕНЗУРИ итн, се наведува во објавата.
Објавата споделува фотографија од напис од наводно британски весник London Crier, кој ја пренесува информацијата за куќата со која наводно се подновил Зеленски.
Британскиот весник London Crier објави дека вилата Хајгроув Хаус, која принцот Чарлс ја користел како селска резиденција од 1980 година, по 44 години во сопственост на круната, била продадена на претседателот на Украина, заедно со околниот парк. Грант Харолд, поранешен батлер на кралот, во изјава за весникот тврдел дека, според неговите податоци, трансакцијата за продажба била завршена на 29 февруари 2024 година, за време на посетата на сопругата на Зеленски во Обединетото Кралство. Продажбата на Хајгроув Хаус ја потврдиле и лица од персоналот за одржување на поранешната кралска резиденција. Повеќето од нив биле отпуштени на 21 март 2024 година, пишува EUvsDisinfo.
Не се обезбедени докази за да се поддржи тврдењето, кое oчигледно е лажно, пишуваат проверувачите на факти на EUvsDisinfo. Нема податоци за Грант Харолд, кој се претставува дека бил батлер на кралот Чарлс долги години, или кој било друг член на службата или придружбата на кралот да разговарал на оваа тема.
Ниту еден сериозен медиум не објави за ова неосновано тврдење, кое се ширеше исклучиво од про-Кремљ профили и сметки на социјалните мрежи, додава EUvsDisinfo. во својата анализа.
Единствениот извор за оваа приказна за дезинформации е наводно британскиот медиум, создаден неколку дена пред објавувањето на сторијата, наречен London Crier, кој беше оценет од членовите на BBC Verify – тимот за верификација на британската јавна радиодифузна компанија, како „руска веб-страница за дезинформации која користи вештачка интелигенција за објавување тотално лажни и фабрикувани приказни за Украина“· Украинскиот центар за борба против дезинформации, исто така, ја идентификуваше целата приказна како лажна.
Оваа приказна се чини дека е дел од широка кампања за дезинформацији на Кремљ, чија намера е да се прикаже украинското раководство како корумпирано, со крајна цел да ја намали меѓународната поддршка за одбраната на Киев од руската агресија. Оваа кампања често прибегнува кон измислени приказни и фалсификувани обвинувања против украинскиот претседател Володимир Зеленски, неговото семејство и блиски соработници.
Вистиномер веќе пишуваше за дезинформацијата дека Зеленски купил две јахти вредни 75 милиони долари.
Поради сите горенаведени факти, објавата ја оценуваме како невистинита.