Објавата што ја анализираме тврди дека Русија не бомбардирала населени места. Факт е дека Русија во неколку наврати има гаѓано населени места при што загинале стотици цивили меѓу кои жени и деца
Анализираме објава на Фејсбук која ја оправдува Руската инвазија на Украина, лажно тврдејќи дека Русија никогаш не бомбардирала населени центри.
ЛИЦЕМЕРИЕСиноќа израелските воздухопловни сили бомбардираа кварт во Газа, фрлајќи, според податоците на израелското Министерство за одбрана, 100 тони експлозив за половина час.Според официјалните податоци кои утринава ги соопштија палестинските власти, во нападот загинаа 436 палестински државјани, од кои 91 дете и 61 жена, а уште 2.271 граѓанин се повредени со различни повреди, меѓу кои 244 деца и 151 жена.Една мала забелешка корисна да нè натера да размислиме за двојниот стандард својствен на западниот мејнстрим. Во руско-украинскиот конфликт, Русија, и покрај тоа што имаше огромна воздушна супериорност за една и пол година од конфликтот, никогаш не прибегна кон бомбардирање на населени центри. Сепак, таа беше претставена како зло. Додека Израел го направи тоа по 24 часа, стои во објавата која ја анализираме.
Русија досега во повеќе наврати има бомбардирано населени места во Украина при што гинеле цивили, меѓи кои и деца. Русија постојано негира дека намерно цели цивили, но многумина беа убиени во ракетни напади, напади со беспилотни летала и гранатирање.
Ројтерс има направено хронолошки редослед на некои од нападите со највисок број цивилни жртви од почетокот на војната во Украина.
ХРОЗА, 5 октомври 2023 година
Руски проектил удри во кафуле и маркет во североисточното село Хроза, при што загинаа најмалку 51 лице додека одржувале комеморација за загинати војници, соопштија украинските власти.
КОСТИЈАНТИНИВКА, 6 септември 2023 година
Најмалку 16 лица загинаа во експлозија на фреквентен пазар во градот Костијантинивка во источна Украина. Украина соопшти дека експлозијата била предизвикана од руски проектил. „Њујорк тајмс“ објави дека експлозијата можеби била предизвикана од погрешна ракета истрелана од Украина.
КРАМАТОРСК, 27 јуни 2023 година
Руски проектил погоди пица ресторан во источниот град Краматорск, при што загинаа 13 лица, меѓу кои и 14-годишни сестри близначки. Проектилот удрил кога ресторанот и неговата голема тераса на отворено биле преполни со гости. Русија тврдеше дека гаѓала „воени легитимни цели“.
УМАН, 28 април 2023 година
Најмалку 23 цивили загинаа, вклучително и шест деца, кога висококатница беше погодена со руски проектил во централниот град Уман, соопштија украинските власти. Многу други беа ранети во нападот, во кој беа уништени голем број станови.
СЛАВЈАНСК, 14 април 2023 година
Руски проектили удриле во станбени блокови во источниот град Славјанск, убивајќи 15 луѓе и предизвикувајќи голема штета, соопштија украинските власти. Славјанск беше погоден додека руските и украинските сили се бореа за контрола на блискиот град Бахмут.
ДНИПРО, 14 јануари 2023 година
Станбена зграда во централниот град Днипро беше погодена за време на голем руски ракетен напад, при што загинаа најмалку 45 лица, информираа украинските власти. Воздухопловните сили соопштија дека Русија ја погодила зградата со ракета од советско време Kх-22. Станува збор за моќна ракета со долг дострел, околу 600 километри, дизaјнирана уште во советско време, чија основна намена била да биде убиец на бродови, односно наменета како противбродска ракета за главни борбени бродови – разурнувачи, крстарици или носачи на авиони. Но, со почетокот на агресијата на Русија врз Украина, Русија почнува да ги користи овие ракети како тешко средство за уништување цели на земја и тоа уште од мај 2022 година. Во јуни неколку вакви ракети го уништија шопингот молот во Кременшчук, убивајќи над 20 цивили. Најчесто ги истрелува од воздух од стратегиските бомбардери ТУ – 22М.
ЗАПОРОЖЈЕ, 30 септември 2022 година
До 32 цивили загинаа, а речиси 100 беа ранети, како што соопшти Киев, во руски ракетен напад врз конвој со цивилни автомобили на работ на јужниот град Запорожје. Конвојот се собирал на пазар за автомобили, подготвувајќи се да ја напушти територијата контролирана од Украина за да ги посети роднините и да испорача залихи во област окупирана од Русија. Проруските власти ја обвинија Украина за нападот.
ВИНИЦИЈА, 14 јули 2022 година
Украина соопшти дека руските крстосувачки ракети „Калибр“ го погодиле центарот на градот Виниција, при што загинале 27 луѓе. Украинските власти соопштија дека нападот врз градот на околу 200 километри југозападно од Киев бил извршен со проектили истрелани од подморница во Црното Море. Проектилите уништија медицински центар, а некои луѓе кои пристигнуваа на лекување изгореа живи во своите автомобили надвор, изјави сопственикот на центарот.
ЧАСИВ ЈАР, 9 јули 2022 година
Руски проектил погоди станбен блок во источниот град Часив Јар, западно од Бахмут. Службите за итни случаи соопштија дека бројот на загинати е 48 лица откако петкатница делумно се урна.
ОДЕСА, 1 јули 2022 година
Руски проектили погодија станбена зграда и два кампа за одмор во црноморскиот регион Одеса, при што загинаа најмалку 18 луѓе, а десетици беа ранети, соопштија украинските власти. Регионалниот гувернер рече дека Русија користела ракети Kх-22, а последователните извештаи велат дека билансот достигна 22 лица.
КРЕМЕНЧУК, 27 јуни 2022 година
Ракетата Кх-22 истрелана од руски бомбардер погоди преполн трговски центар во центарот на Кременчук, далеку од првите линии на фронтот, при што загинаа најмалку 20 луѓе, а 59 беа ранети, соопштија украинските власти.
КРАМАТОРСК, 8 април 2022 година
Украина и нејзините сојузници ја обвинија Русија за ракетниот напад во кој загинаа 61 лице на железничка станица преполна со жени, деца и стари лица кои бегаа од заканата од руска офанзива на исток.
МАРИУПОЛ, 16 март 2022 година
Беше бомбардиран драмскиот театар, а Киев соопшти дека стотици луѓе се засолниле во опколениот јужен град Мариупол. Точниот број на загинати е оспорен, а проценките се движат до 600 лица. Амнести интернешнал соопшти дека „најмалку десетина луѓе и веројатно многу повеќе се убиени во јасно воено злосторство“. Русија негираше дека стои зад нападот, иако нејзиното демант беше побиено со независни истраги, како онаа на Амнести.
Проблемот со способностите на руското воено воздухопловство
Кога станува збор, пак, за способностите на руското воздухопловство за гаѓање на мети длабоко на територијата на Украина, сега веќе има многу информации (овде, овде, овде, овде и овде) кои покажуваат дека тоа не е создадено и ги нема сите неопходни елементи за такви операции. Токму затоа Русија ги користи своите проектили од долг дострел, наместо својата авијација. Но, сега веќе после речиси 21 месец војна, Русија мора да внимава како ги троши таквите проектили и ѝ да сака не може да ги троши на населени центри, наместо да ги употреби врз индустриски или воени цели. Како што видовме од оваа рецензија, Русија и тоа како ги употребува своите проектили со долг дострел врз урбани центри, но сега веќе таквиот луксуз е многу ограничен.
Руските воздухопловни сили не се создадени за војна каква што е онаа во Украина општо земено, а камоли, пак, да се испраќаат често да бомбардираат цивилни цели по украинските градови. Тие не се погодни за офанзивна војна на туѓа територија каде што треба да се справуваат со против-воздушна одбрана каква што ја имаат самите Украинци, а особено каква што ја добија од западните сојузници. Руските воздухопловни сили се одбранбени и претставуваат, пред сè, воздушна артилерија наменета за бомбардирање на копно на сопствена, а не на непријателска територија вооружена ос против-воздушна одбрана.
Руските вооружени сили немаат ни современи разузнавачки способности на туѓа територија наменети користење на нивните воздухопловни сили. Причина за ова е менталитетот на Студената војна (а многу од авионите на Русија се од тој период), каде што тогашниот Советски сојуз се откажа од трката со САД кога станува збор за развој на борбени авиони и големи воздушни битки со авионите на западните сојузници. Токму затоа и Советскиот сојуз и Русија развиваа и развиваат противвоздушни оружја како С-300 и С-400 за соборување на непријателски авиони.
Понатаму, руските воени пилоти не се обучени за комплексни воздушни мисии во соработка со своите копнени или морнарички сили, како што тоа го прават американските воени пилоти. Кога се говори за руските пилоти, трие ја немаат ниту неопходната одлучувачка автономија неопходна за комплексни мисии, туку се потпираат врз одлуките од копно на своите претпоставени во многу ситуации.
Воздухопловните сили на Русија не се ни конфигурирани за поддршка на копнените операции на руската армија, каков што е случајот со оние на САД, ниту, пак, за напади во заднината на противникот. А, вакви операции, напади во заднината на противникот, се од голема важност во војната со Украина, но Русија има многу малку авионски танкери за полнење гориво на борбените авиони во воздух, што е неопходно за напади длабоко во западниот дел од Украина. Така што, на руските борбени авиони им е проблематично да стигнат до регионалниот центар Лавов, на пример, на границата со Полска во доволен број за да нанесат штети кои би имале смисла и кои би биле исплатливи во воена смисла.
Руските авиони, исто така, генерално немаат доволно прецизни радари за геолокација на непријателските радари на копно, што е неопходно за вршење операции над непријателска територија и затоа не се осмелуваат да летаат длабоко над украинската територија. Ниските длабински прелети над украинска територија, пак, се проблематични за руските борбени авиони, зашто тогаш би станале мета на проектилите од против-авионските оружја со кус дострел. Понатаму, територијата на Украина е многу голема. Постојани прелети врз неа од страна на руските борбени авиони во потрага по цивилни мети за бомбардирање би биле многу ризични, а евентуалните придобивки од таквите операции не се соодветни на ризиците што треба да се преземат.
Токму заради сето ова, руските борбени авиони се задоволни да оперираат во близина на линијата на фронтот, односно нешто зад линијата на фронтот за да ги намалат ризиците од украинската против-воздушна одбрана. Руското воздухопловство, исто така, нема добар систем за брзо оценување на предизвиканите штети од воздушните напади на своите авиони. Западните крстосувачки проектили имаат камери на врвот, кои во реално време праќаат видео назад до командните структури за да се провери дали некоја мета е погодена или не. Руските проектили немаат таква можност. Да не говориме ни за фактот што Русија има многу мал број на извидувачки авиони способни да летаат на големи височини и да ги фотографираат целите со висококвалитетни камери. Иста е состојбата и со руските сателити, при што една мета може да се снима само во кус период во текот на 24 часа. Во овој сегмент Русија нема многу напреднато од периодот на Студената војна.
Да не говориме за фактот што руските воени пилоти не ни имаат доволно часови летање како оние на Запад заради финансиски ограничувања, а тоа е неопходно за мисии длабоко во непријателската територија, кои изискуваат и комплексни маневри пред да се стигне до целта.
Има уште редица проблеми кои ги спречуваат руските авиони да вршат мисии на бомбардирање врз украинските градови. Голем број од руските СУ24 бомбардери, на пример, со оглед на тоа што станува збор за стари авиони од Советскиот сојуз, не ни имаат неопходни оптички инстурменти за наоѓање на целите на копно, така што пилотите треба да ги бараат со голи очи, летајќи многу ниско, што е многу опасно заради големото присуство на противвоздушни оружја со краток дострел.
И на крај, сосема е несоодветно да се прават паралели меѓу против-воздушната одбрана на Украина и онаа на Хамас. Додека Хамас нема речиси никаква против-воздушна одбрана против израелските авиони и проектили, Украина има и свое воено воздухопловство, иако далеку помало од руското, но кое се бори над сопствената територија, на своето небо, како и сериозни против-воздушни оружја и тоа и со краток дострел (американските Стингер-и и многу други добиени од западните сојузници), како и со далечен дострел и тоа руските С-300, но и американските Патриот, германските Ирис и уште многу други. Доволно е само да се погледнат извештаите од руски напади со проектили и дронови врз Украина, во кои редовно 60-90 отсто од проектилите биваат срушени од украинската противвоздушна одбрана. Тука повторно паѓа во вода аргументот дека Русија „никогаш не прибегна кон бомбардирање на населени центри“. Бројните примери од предизвиканите штети и жртви од оваа рецензија покажуваат дека тоа не е точно, но, исто така, уште поголем број од бомбардирањата врз населените центри едноставно се неуспешни заради прецизноста и доброто функционирање на украинската противвоздушна одбрана, која редовно и во најголем дел ги соборува руските проектили.