Украина нема пониска стапка на инфлација од С. Македонија како што се тврди во објавата. Украина и С. Македонија во август 2023 година имале слична стапка на инфлација (8,3% С. Македонија и 8,6% – Украина), но, сепак, таа била пониска во Македонија. Украина од почетокот на војната, па досега, ниту еднаш немала пониска стапка на инфлација од С. Македонија
Анализираме објава на мрежата Фејсбук која тврди дека Украина, иако е во војна, имала помала инфлација од Северна Македонија.
Во Украина која војува со Русија, има помала инфлација отколку во Северна. Ама инфлацијата во Северна е поради војната во Украина. Не е муабетов за Ќурка, за нас е, стои во објавата.
Не е точно дека стапката на инфлација во Украина е помала од стапката на инфлација во С. Македонија и тоа лесно може да се провери. Доколку отидете на веб страницата Trading economics можете да ги видите стаpпките на инфлација по месеци, почнувајќи од 2023 година, како за С. Македонија, така и за Украина.
Така, на пример, во август 2023 година, стапката на инфлација во Украина изнесувала 8,6 проценти, а во С. Македонија 8,3. Доколку ги погледнеме месеците наназад, ќе видиме дека Украина во 2023 година ниту еднаш немала помала стапка на инфлација од С. Македонија.
Стапката на инфлација во Украина била највисока во јануари 2023 година – 26 проценти, а најниска во август 2023 – 8,6 проценти.
Годишната стапка на инфлација во Украина се намали на 8,6 отсто во август 2023 година од 11,3 отсто во јули, враќајќи се на предвоените нивоа, наведува Trading economics.
Во С. Македонија, стапката на инфлација највисока била исто така во јануари 2023 – 17,1 процент, а најниска во август – 8,3 проценти.
Годишната стапка на инфлација во Македонија дополнително се намали на 8,3% во август 2023 година, што е најниско од февруари 2022 година, од 8,4% во претходниот месец, наведува Trading economics.
Доколку се погледнат стапките на инфлација во двете земји од почетокот на руската воена агресија врз Украина, од февруари 2022 година, ќе се види дека Украина никогаш немала пониска стапка на инфлација од Македонија.
Според ова, можеме да заклучиме дека Украина нема пониска стапка на инфлација од С. Македонија како што се тврди во објавата. Украина и Македонија во август 2023 година имале слична стапка на инфлација (8,3% Македонија и 8,6% – Украина), но, сепак, таа била пониска во Македонија. Украина од почетокот на војната, па досега, ниту еднаш немала пониска стапка на инфлација од С. Македонија. Поради тоа, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистинита.