Според она што е официјално објавено, во рускиот ракетен напад на Покровск загинале цивилни лица, а не странски платеници и персонал на НАТО, како што се тврди во оваа објава на Фејсбук. Во нападот биле погодени две станбени згради и еден хотел. Персонал на НАТО не може да се најде во Украина од проста причина што НАТО не учествува во војната со Русија. НАТО само ѝ помага на Украина да се одбрани од руската агресија
Анализираме објава на Фејсбук во која се тврди дека во руското бомбардирање на Покровск бил нападнат ресторан во кој имало странски платеници и персонал на НАТО. Нашата проверка покажа дека ова не е точно.
Русите бомбардирале ресторан во кој се собираат странски платеници и персонал на НАТО во Красноармејск (Покровск) Украина.
Засега има 5 загинати и 31 повреден, пишува во објавата.
На 8 август 2023 година, Русија со два проектили го погоди градот Покровск. Според медиумските извештаи, биле погодени станбени згради и еден хотел.
Два проектили го погодија градот – вториот додека спасувачите бараа жртви од првиот. Во нападот загинале седум лица, од кои петмина цивили, еден спасувач и едно лице кое работело за војската. Повредени се десетици луѓе, меѓу кои полицајци и спасувачи. Две деца се меѓу повеќе од 30-те цивили кои беа повредени, пренесува Би-би-си.
Во извештајот на Би-би-си уште се вели дека:
Павло Криленко, началникот на регионот Донецк, рече дека во првиот напад загинале пет цивили, а во вториот напад бил убиен службеник од службите за итни случаи. Почина и лице кое работи во војска. Тој додаде дека зградите што биле уништени и оштетени се високи згради, приватни куќи, административни згради, угостителски објекти и хотел.
Според други украински официјални лица, вториот проектил погодил 40 минути по првиот, убивајќи и ранувајќи спасувачи додека тие бараа преживеани во урнатините на, како што рече Зеленски, „обична станбена зграда“, се додава во написот.
Според Фајненшал тајмс, руски проектили погодиле станбени области и хотел популарен кај новинарите во источниот украински град Покровск, при што загинаа најмалку седум лица, а десетици беа повредени.
Украинските власти во вторникот наутро соопштија дека се убиени седум лица, меѓу кои пет цивили, а 67 лица се повредени. Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, рече дека некои од спасувачите биле погодени од втор круг проектили додека пристигнале на местото на настанот за да помогнат во извлекувањето на жртвите од урнатините, пренесува Фајненшал тајмс.
Сликите од првиот напад, 40 минути пред нападот врз хотелот, покажуваат цивили облечени во летна облека како се обидуваат да просеат низ урнатините на оштетениот станбен блок и да ги товарат повредените во амбулантни возила, додава Фајненшал тајмс.
Ден по нападот, руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили во Покровск погодиле украински команден центар. За ваквото тврдење нема потврда од официјални украински лица.
Според официјалните извештаи, во нападот на Покровск биле погодени станбени згради, а загинале 7 лица, од кои 5 цивили, еден спасувач и едно лице кое работело за војската. Никаде не се спомнува украински команден центар.
Не се спомнуваат ниту странски платеници и персонал на НАТО, како што се тврди во објавата што ја рецензираме.
Персонал на НАТО не може да биде цел на напад во Украина од причина што НАТО војска не е присутна во Украина.
Во војната во Украина нема војници од земјите-членки на НАТО. Она што НАТО го прави е испраќање воена помош на Украина со цел таа да се заштити од експанзионистичката политика на Русија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, тоа досега многупати го нагласил.
НАТО има задача да не дозволи ескалација на војната во Украина и да спречи Алијансата да биде инволвирана во војната, истакна неодамна Столтенберг, потврдувајќи ја поддршката за брза ратификација на приемот на Шведска и Финска во НАТО.
На 31 јули НАТО официјално објави соопштение во кое ја осудува руската инвазија во Украина.
НАТО најостро ја осудува бруталната и неиспровоцирана агресивна војна на Русија против Украина – која е независна, мирна и демократска земја и близок партнер на НАТО. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ даваат на Украина огромна поддршка, помагајќи да се одржи нејзиното основно право на самоодбрана.
Покрај тоа, Украина официјално не се приклучи на НАТО, во изјавата исто така се споменува дека Украина е само „близок партнер на НАТО“.
На официјалната веб-страница НАТО, кадешто се дебанкирани неколку митови кои ги шири руската пропаганда, исто така, се вели дека:
НАТО не е во војна со Русија и ние не бараме конфронтација со Русија.
Оттука, не може ни да се тврди дека персонал на НАТО бил цел на руски напад во Покровск.
Не е првпат Русија да бомбрадира цивилни објекти во Украина и притоа, за да го оправда нападот, да тврди дека погодувала легитимни воени цели. Таков беше случајот со нападот на Краматорск, за што Вистиномер веќе пишуваше.
Од сето ова може да се заклучи дека официјално објавените информации говорат дека во рускиот ракетен напад на Покровск загинале цивилни лица, а не странски платеници и персонал на НАТО. Во нападот биле погодени две станбени згради и еден хотел. Персонал на НАТО не може да се најде во Украина од проста причина што НАТО не учествува во војната со Русија. НАТО само ѝ помага на Украина да се одбрани од руската агресија. Според тоа, содржината што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.