Фотографијата од постер, на кој е претставена иранска хиперсонична ракета, е стара. Иако се тврди дека таа претставува неодамнешна случка во Техеран, главниот град на Иран, фотографијата е, всушност, од јуни оваа година, неколку месеци пред нападот на палестинската група Хамас врз Израел
Фејсбук објава споделува фотографии на кои се гледа постер за кој се тврди дека е поставен во Техеран, по почетокот на конфликтот помеѓу Израел и Палестина што се случи неодамна. Ова не е вистина, фотографијата е извадена од контекст и не претставува скорешен настан.
Во Техеран се креваат постери кои ги рекламираат иранските хиперсонични ракети:
400 секунди до Тел Авив, пишува во објвата.
Во деновите откако милитантите на Хамас го започнаа нападот на Израел на 7 октомври, дезинформациите на интернет ги искривуваат фактите околу конфликтот. Застарените и измислени слики и видеа се извадени од контекст и се претставуваат како да се резултат од конфликтот помеѓу Израел и Газа и како да прикажуваат неодамнешни настани.
Таква е и фотографијата што е споделена во оваа Фејсбук објава. Се тврди дека претставува неодамнешна случка во Техеран, главниот град на Иран, но фотографијата е всушност, од јуни оваа година, неколку месеци пред нападот на Хамас врз Израел.
Иран постави провокативен билборд во Техеран на кој е прикажана хиперсонична ракета наречена Фатах и застрашувачка порака која гласи „400 секунди до Тел Авив“, директно загрозувајќи го најголемиот град во Израел.
Но, постерот не е поставен сега, како што тврди објавата, туку на 7 јуни и не претставува реакција на Иран по најновата ескалација на односите помеѓу Израел и Газа. Постерот осамна на улиците на Техеран еден ден по церемонијата одржана за откривањето на иранската наводна хиперсонична ракета од домашно производство, наречена Фатах, која се случила на 6 јуни оваа година.
Овој билборд, кој носи заканувачка порака и на персиски и на хебрејски, се обидува да го заплаши Израел, интензивирајќи ја и онака нестабилната ситуација во регионот во тој момент.
Иранскиот претседател, Ебрахим Раиси, присуствуваше на церемонијата за откривање на ракетата Фатах („Освојувач“), за која се тврди дека има дострел од 1.400 километри и способност да патува со брзина до 15 пати поголема од брзината на звукот. Со својата наводна способност да ги заобиколи системите за противвоздушна одбрана, Иран тврди дека ракетата Фатах може да нападне кој било регион во Израел.
Според иранската државна телевизија, новооткриената хиперсонична ракета може да ги заобиколи дури и најнапредните антибалистички ракетни системи на САД и, како што велат, „ционистичкиот режим“, вклучувајќи го и израелскиот одбранбен систем „Железна купола“.
Во согласност со пораката на транспарентот, командантот на Воздухопловните сили на ИРГЦ, бригаден генерал Амир Али Хаџизадех, за време на церемонијата на откривање на 6 јуни, истакна дека ракетата Фатах може да стигне до Тел Авив за само „400 секунди“.
Техеран има историја кога станува збор за вакви закани, како што беше и случајот во ноември 2022 година, кога иранските воени сили изразија слични предупредувања, откако го објавија нивниот успешен развој на хиперсонична балистичка ракета способна да маневрира во и надвор од атмосферата.
Новата ракета – наречена Фатах или „Освојувач“, беше претставена откако Иран рече дека повторно ќе ги отвори своите дипломатски места во Саудиска Арабија, односно откако постигна смирување на тензијата со Ријад по повеќегодишниот конфликт.
Објави од постерот со датум од 7 јуни 2023 година можат да се забележат и на социјалната мрежа X (поранешно Твитер), како уште еден доказ дека постерот не е објавен како резултат на неодамнешниот конфликт.
Постерот е реален и бил поставен во Техеран, ама тоа не се случило сега и не поради нападот којшто Хамас го изврши врз Израел, а потоа Израел се закани со копнена офанзива во Појасот Газа. Но објавата манипулира и тврди дека постерот е објавен сега, па затоа ја оценуваме како делумна дезинформација.