Спутник вакцините не се забранети кај нас и сè уште ги има за оние кои сакаат да се вакцинираат за првпат. Исто така, не постојат никакви начини да ѝ се влијае на пинеалната жлезда, односно епифизата со вакцинација против ковид-19. Ова е дезинформација за да се создаде недоверба во ковид вакцината произведена во ЕУ. Сите состојки на сите вакцини против ковид-19 се јавно достапни, а во објавата не се нуди ниеден доказ дека некоја од нив влијае на пинеалната жлезда. Во неа на еден замаглен начин се манипулира и неаргументирано се нафрла дека оваа жлезда некако ќе биде негативно провоцирана од ковид вакцините
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од човеков мозок и се вели:
Без пинеална жлезда човекот е роб сам во себе.
Зошто само руските вакцини ги забрануваа.
Учете малку што ви направија со сатанските вакцини и што содржат токму материи кои се душмани на пинеалната жлезда каде што е сместен духот на човекот.
Објавата е во склоп на наративите кои беа споделувани во екот на вакцинацијата против ковид-19, кога се промовираа дезинформации дека тие содржат штетни материи и се предизвикувачи буквално на сите болести. Но, овојпат се забележува и нешто карактеристично за теоријата на заговор Кју Анон, односно дека вакцините од Русија не се штетни, а дека западните вакцини од ЕУ содржат материи штетни за човековиот дух кои ќе го заробат истиот и секако тоа се надополнува со епитетот „сатански“ кој доминира во Кју Анон тирадата на дезинформации.
Прво, вакцините против ковид-19 во Северна Македонија кои се од Русија никогаш не беа забранети. Тоа е дезинформација. Како што потврдија за Вистиномер од Здравствен дом Скопје, доколку некој граѓанин отиде во поликлиниката Бит Пазар каде уште е активен вакцинален пункт за вакцинација против ковид-19 и побара да биде вакциниран за првпат, тогаш ќе добие руска вакцина, односно Спутник. За граѓаните кои што ќе побараат ревакцинација, достапни се дози на Фајзер. И во екот на вакцинацијата против ковид-19, вакцините на Спутник беа доставувани во земјава и администрирани.
Во објавата што ја рецензираме се споменува и епифизата, односно пинеалната жлезда, со тврдење дека вакцините кои не се од Русија ѝ влијаат на оваа жлезда негативно. А, таму се наоѓал човековиот дух, па во тој контекст западните вакцини се опишуваат како „сатански”.
Пинеалната жлезда односно епифизата, кај човекот е во вид на шишарка со големина на зрно од пченка од 8 милиметри. Во детството е најразвиена, а по настапувањето на половата зрелост се намалува. Излачува хормони кои го кочат предвременото полово созревање. Се наоѓа одозгора на задниот дел на меѓумозокот. Се смета дека припаѓа на жлездите од ендокриниот систем и делува на растот и развојот на јајчникот и семеникот.
Не постојат никакви начини да ѝ се влијае на оваа жлезда со вакцинација против ковид-19, ова е дезинформација за да се создаде недоверба во ковид вакцината произведена во ЕУ. Сите состојки на сите вакцини против ковид-19 се јавно достапни, а во објавата не се нуди ниеден доказ дека некоја од нив влијае на пинеалната жлезда. На еден замаглен начин се манипулира со искази за да се нафрли теоријата на заговор дека оваа жлезда некако ќе биде негативно провоцирана од ковид вакцините.
Сите состојки во вакцините против ковид-19 достапни во С. Македонија се наведени на сајтот за вакцинација на Министерството за здравство и за ниедна од нив нема информација дека ѝ влијае на пинеалната жлезда. Тоа не е ниту несакан ефект наведен во која било клиничка студија за долгорочно набљудување на вакцините.
И покрај тоа што Европската агенција за лекови ЕМА не ја одобри вакцината Спутник за во ЕУ, сепак, земјите членки кои имаат суверено право да одлучуваат и некои од нив со национална дозвола за употреба ја користеа, како на пример во Унгарија, Словачка и Чешка.
Меѓу земјите кои ја употребуваа оваа вакцина за време на ковид пандемијата e и С. Македонија.
Потребни ни се документи коишто би можеле да ги погледнеме. Во моментот немаме податоци за вакцинираните лица со Спутник. Не е познато. Затоа би дал совет да не се дава авторизација за итна употреба на национално ниво, изјави во март 2021 година, Криста Виртумер Хох, претседател на бордот на ЕМА.
За разлика од неа, вакцината на Фајзер е одобрена од ЕМА, одобрена од Американската агенција за храна и лекови и тоа за целосна употреба, дури и кај деца. Во текот на ковид пандемијата во земјава се ширеа и теории на заговор дека доколку измерите температура со бесконтактен топломер, тогаш ќе ви биде афектирана пинеалната жлезда, дезинформација која Вистиномер ја дебанкираше со помош на изјави од експерти невролози.
Одобрените вакцини против ковид-19 се безбедни и ефективни. Тие се евалуирани на десетици илјади учесници во клинички тестирања и ги исполнија научните стандарди на Европската агенција за лекови за безбедност, ефикасност и квалитет. Безбедноста на вакцините против ковид-19 постојано се следи и проценува. Најголемиот дел од познати несакани ефекти од вакцините против ковид-19 се краткотрајни. Сериозните безбедносни проблеми се исклучително ретки, пишува на страницата на ЕМА.
Научници од Мидан Хелт Деск, за Ројтерс велат дека истражувањата покажуваат дека мРНК вакцините се безбедни и ефективни, но без разлика на тоа погрешни тврдења на интернет шират паника за несаканите ефекти.
Поради сите горенаведени факти оваа објава ја оценуваме како невистинита. Вакцините на Спутник не се забранети во Северна Македонија и уште ги има за оние кои сакаат да се вакцинираат за првпат. Исто така, нема докази дека другите вакцини кои не се руски, негативно влијаат на пинеалната жлезда.