Рустем Умеров, новиот министер за одбрана на Украина, не е поштеден од руската машинерија за дезинформации. На руски Телеграм канали кружеа лажни вести дека семејството на актуелниот министер за одбрана има американско државјанство
Во деновите пред католичкиот Божиќ, на неколку руски групи на Телеграм се споделуваа лажни вести дека членовите на семејството на новиот министер за одбрана на Украина, Рустем Умеров имаат американско државјанство. Украинското Министерство за одбрана ги демантираше ваквите дезинформации и извести дека децата на Умеров немаат друго државјанство, освен украинско.
Во документите на Умеров поднесени во украинската Национална агенција за превенција на корупција е споделена цела листа на лични податоци и документи за идентификација на неговото семејство. Во некои од нив се наведува ставката САД („США“ на украински). Тоа е така затоа што таму се изработени овие документи, поточно издадени се од украинската амбасада во САД.
Нужно се поставува прашањето зошто се изработени токму таму? Причината за тоа, објаснуваат во истата објава од Министерството за одбрана на Украина, е што од 2016 година семејството на Умеров легално е преселено во САД. За време на престојот, патните исправи им истекле и тие морале истите да ги обноват. Затоа, семејството на Умеров, вклучувајќи ја и неговата сопруга, се регистрирани дека живеат во САД и нивните документи се изработени во истата држава. Според наведеното во објавата на украинското Министерство, заради тогашните анти-окупациски активности на Умеров на привремено окупираниот Крим, семејството имало закани по живот, по што донеле одлука да се преселат во побезбедна држава. Како што пишува во објавата на Министерството:
Од 2014 година, Рустем Умеров, како делегат на Курултајот на кримските Татари (Стара вековна традиционална средба/фестивал, дел од фолклорната традиција на централно-азиските номадски народи/племиња – з.н.), заедно со водачот на кримскиот татарски народ, Мустафа Џемилев и претставници на Меџлисот (највисокото единствено извршно-претставничко тело на Кримските Татари во период меѓу два Курултаји – з.н.), зборуваше на сите меѓународни платформи во врска со кршењето на правата на луѓето во окупираниот Крим, вклучувајќи го процесот на ослободување на политичките затвореници на Крим.
Еден од најуспешните начини на справување со дезинформации е истите експедитивно да се адресираат и побијат, со што ќе се намали нивното влијание и распространетост. Во овој случај, украинското Министерство за одбрана токму тоа и го направи.
А, за оние кои ги следат тактиките на Кремљ, оваа дезинформација не е никакво изненадување. Поткопување на довербата, сеење на сомнежи и поплавување на каналите со непроверени информации се само дел од репертоарот на алатки што се користат во руските канали за дезинформирање. Слично вакво сценарио имаше и во ноември кога кружеа лажни вести дека беше „пронајден“ рускиот пасош на првата дама на Украина, Олена Зеленска. Оваа вест беше проверена и прогласена за неточна како од традиционалните медиуми, така и од сервисите за проверка на факти.